Слушни ја, Господи, правдата моја, чуј го мојот повик, прими ја молитвата моја што не излегува од лажлива уста. Од Твоето присуство нека излезе пресудата за мене; очите Твои нека ја гледаат правдината. Ако го искушаш срцето мое, ако ме посетиш ноќе; ако ме провериш: нема да најдеш злонамерност во мене. Не згреши устата моја, како што прават другите; поради зборовите на устата Твоја, јас го одбегнував патот на насилниците. Стапките мои беа непоколебливи на патиштата Твои, нозете мои не застранија. Кон Тебе викам, зашто Ти ќе ме чуеш, Боже; приклони го увото Свое кон мене, и чуј ги зборовите мои. Покажи ја чудесната милост Твоја, Ти, кој ги избавуваш оние што се засолнуваат од непријателите – покрај Твојата десница. Пази ме како зеница на окото; засолни ме под сенката на Твоите крилја, од лицето на нечестивите, кои ме напаѓаат, од непријателите на душата моја, што ме опкружуваат; тие срцето свое го затворија за милост, а со устата своја – горделиво зборуваат. Гонејќи ме, сега ме опколуваат; тие ги управија очите свои за да ме соборат на земја; тие се како лав, подготвен за лов и како лавче, кое стои во заседа. Стани, Господи, пресретни ги и собори ги; со Својот меч спаси ја душата моја од нечестивиот, а со раката Своја од луѓето, Господи, од луѓето чиј дел е само овој живот. Нека им се наполнат стомаците со твоите добра, нека се наситат нивните синови и нека им остават од вишокот на децата свои. А јас ќе го гледам лицето Твое во правда, ќе се наситам од ликот Твој, кога еднаш ќе се разбудам.