Кроткиот одговор гневот го ублажува, а навредлив збор јарост предизвикува. На мудрите јазикот добри знаења искажува, а на безумните устата глупости блуе. Очите Господови се на секое место: тие ги гледаат и лошите и добрите. Кроток јазик е дрво на животот, а злиот – рана на душата. Безумниот се подбива со татковата поука; а кој слуша прекор, разумен е. Во куќата на праведникот – големо богатство, а печалбата на нечестивиот – пропаѓа. Устите на мудрите знаење сеат, но срцето на безумните не постапува така. Жртвата на безбожните е одвратност пред Господ, а молитвата на праведните Му е пријатна. Патот на нечестивиот е одвратност пред Господ, а кој ја бара правдата, Тој го сака него. Остра казна го чека оној што го остава правиот пат, а кој го мрази изобличувањето – ќе загине. Пеколот и пропаста се откриени пред Господ, а како ли нема да бидат – срцата на синовите човечки? Развратникот не ги сака оние, што го прекоруваат, тој не разговара со мудрите. Весело срце го прави лицето весело, а при тажно срце – и лицето е натажено. На разумен срцето бара знаење, а устите на безумните со глупост се хранат. На несреќниот сите дни му се тажни; а животот на среќниот е постојано празнување. Подобро малку, но со страв Господов, отколку големо богатство, и со него немир. Подобро јадење од зеленчук, и со него љубов, отколку угоени телиња, и со нив омраза. Избувлив човек расправии крева, а трпеливиот караници смирува. Патот на мрзливиот е послан со трње, а патот на праведниот е чист. Мудриот син го радува татко си, а безумниот нема почит кон мајка си. На неразумниот безумни му се патеките, а разумен човек оди по правиот пат. Без советување намерите се осуетуваат, а при многу советници тие успеваат. Пријатно е да се знае добро да се одговори. Колку добар е зборот изговорен во вистинскиот момент! Мудриот размислува за патот на животот, за да се отстрани од патот што води во пеколот и да се спаси. Господ ќе го сотре домот на горделивите, а меѓата на вдовицата ќе ја зајакне. Помислите на лошите се одвратни пред Господ, а зборовите на непорочните Му се угодни. Лакомиот ќе го растури својот дом, а оној, кој мрази поткуп, ќе живее. Срцето на праведниот мисли што зборува, а устата на нечесните исфрла зло. Господ е далеку од безбожните, но ја слуша молитвата на праведните. Светол поглед срце радува, добра вест коски храни. Кој го слуша учењето на животот, меѓу мудри ќе живее. Кој ја отфрла поуката, ја мрази душата своја; а кој слуша изобличување, тој придобива разум. Стравот Господов учи на мудрост, а пред славата оди смиреноста.