Изреки 15:1-33
Изреки 15:1-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Кроткиот одговор гневот го ублажува, а навредлив збор јарост предизвикува. На мудрите јазикот добри знаења искажува, а на безумните устата глупости блуе. Очите Господови се на секое место: тие ги гледаат и лошите и добрите. Кроток јазик е дрво на животот, а злиот – рана на душата. Безумниот се подбива со татковата поука; а кој слуша прекор, разумен е. Во куќата на праведникот – големо богатство, а печалбата на нечестивиот – пропаѓа. Устите на мудрите знаење сеат, но срцето на безумните не постапува така. Жртвата на безбожните е одвратност пред Господ, а молитвата на праведните Му е пријатна. Патот на нечестивиот е одвратност пред Господ, а кој ја бара правдата, Тој го сака него. Остра казна го чека оној што го остава правиот пат, а кој го мрази изобличувањето – ќе загине. Пеколот и пропаста се откриени пред Господ, а како ли нема да бидат – срцата на синовите човечки? Развратникот не ги сака оние, што го прекоруваат, тој не разговара со мудрите. Весело срце го прави лицето весело, а при тажно срце – и лицето е натажено. На разумен срцето бара знаење, а устите на безумните со глупост се хранат. На несреќниот сите дни му се тажни; а животот на среќниот е постојано празнување. Подобро малку, но со страв Господов, отколку големо богатство, и со него немир. Подобро јадење од зеленчук, и со него љубов, отколку угоени телиња, и со нив омраза. Избувлив човек расправии крева, а трпеливиот караници смирува. Патот на мрзливиот е послан со трње, а патот на праведниот е чист. Мудриот син го радува татко си, а безумниот нема почит кон мајка си. На неразумниот безумни му се патеките, а разумен човек оди по правиот пат. Без советување намерите се осуетуваат, а при многу советници тие успеваат. Пријатно е да се знае добро да се одговори. Колку добар е зборот изговорен во вистинскиот момент! Мудриот размислува за патот на животот, за да се отстрани од патот што води во пеколот и да се спаси. Господ ќе го сотре домот на горделивите, а меѓата на вдовицата ќе ја зајакне. Помислите на лошите се одвратни пред Господ, а зборовите на непорочните Му се угодни. Лакомиот ќе го растури својот дом, а оној, кој мрази поткуп, ќе живее. Срцето на праведниот мисли што зборува, а устата на нечесните исфрла зло. Господ е далеку од безбожните, но ја слуша молитвата на праведните. Светол поглед срце радува, добра вест коски храни. Кој го слуша учењето на животот, меѓу мудри ќе живее. Кој ја отфрла поуката, ја мрази душата своја; а кој слуша изобличување, тој придобива разум. Стравот Господов учи на мудрост, а пред славата оди смиреноста.
Изреки 15:1-33 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Благиот одговор ја ублажува јароста, а грубиот збор го зголемува гневот. Јазикот на мудрите луѓе го прославува знаењето, а устата на безумните истурува глупост. Господовите очи се на секое место и ги набљудуваат и лошите и добрите. Благиот јазик е дрво на животот, а пакосниот е рана за духот. Безумниот ја презира поуката на својот татко, а кој прима укор, е благоразумен. Во праведниковиот дом има големо изобилство, а нечесниот ја печали својата пропаст. Усните на мудрите сеат знаење, а срцето на безумникот е непостојано. Жртвата на нечесниот Му е омразена на Господа, а мила Му е молитвата на праведните. Патот на нечесните Му е омразен на Господа, а возљубен Му е оној, кој оди по правдата. Тешка казна го чека оној кој го остава правиот пат, а ќе умре кој го мрази изобличувањето. И Пеколот и Гибелта стојат пред Господа, а колку повеќе срцата на човечките синови. Потсмевачот не го љуби оној што го кори: тој не се дружи со мудрите. Веселото срце го разведрува лицето, а болката во срцето тешкотија е за духот. Разумното срце бара знаење, а безумничката уста се занимава со глупост. За натажениот сите денови се зли, а кому срцето е весело, на гозби е постојано. Подобро е малку со страв од Господа, отколку големо богатство и немир со него. Подобар е оброк со зеленчук каде е љубовта, отколку згоен вол каде е омразата. Гневливиот човек заметнува препирка, а стрпливиот ја стивнува расправата. Патот на мрзливиот е како глогово трниште, а патеката на праведникот е разгазена. Мудриот син го весели таткото, а безумниот ја презира својата мајка. Лудоста е веселба за неразумниот, а разумниот човек оди право. Не успеваат намерите, каде што нема советување, а се остваруваат каде има многу советници. Човекот се радува на одговорот на својата уста, и зборот во право време колку е добар! За разумниот човек патот на животот оди нагоре, за да се отстрани од пеколот, што е долу. Господ го разурнува домот на гордите, а ја поставува меѓата на вдовицата. Омразени му се на Господа лошите мисли, а чистите зборови му се мили. Користољубивиот го разурнува својот дом, а кој го мрази поткупот, ќе живее. Праведниковото срце смислува одговор, а устата на нечесниот зборува злоба. Далеку е Господ од нечесните, а ја слуша молитвата на праведните. Бистриот поглед го развеселува срцето, и радосната вест ги гои коските. Увото што го послушува спасоносното изобличување живее меѓу мудреците. Кој отфрла поука ја презира сопствената душа, а кој прима поправка, се здобива со разум. Стравот од Господа е училиште на мудроста, зашто смиреноста оди пред славата.