Така и во првиот завет имаше уредби за богослужение и земно светилиште; зашто скинијата беше направена вака: во првиот дел се наоѓаа светилникот, трпезата и изложените лебови; тој дел е наречен „Свето Место.“ А зад втората завеса од скинијата беше делот, наречен „Светиња над светињите“; во неа се наоѓаше златната кадилница и од сите страни опкован со злато ковчегот на заветот, во кој стоеја златниот сад со мана и расцутениот жезол на Арон, како и плочите на заветот, а над него – херувими на славата, што го осенуваа чистилиштето; за ова сега нема потреба да се зборува поопширно. При ваков распоред, во првиот дел од скинијата секогаш влегуваа свештениците и извршуваа служба Божја; а во вториот дел влегуваше по еднаш во годината првосвештеникот и тоа не без крв, што ја принесуваше како жртва за себе и за гревовите на народот, направени поради незнаење. Преку ова Светиот Дух покажуваше дека сѐ уште не е отворен патот за светилиштето сѐ додека стои првата скинија, која е симбол на сегашното време, во кое се принесуваат дарови и жртви, кои не можат да го направат совршен по совеста оној што служи, туку се состојат само од јадења и пиења, и разни миења и телесни обреди, установени до времето кога сето ова ќе се исправи.
Но Христос, кога стана Првосвештеник на идните добра, со поголемо и со посовршено светилиште, неракотворено, односно не онакво какво што се прави на земјата, ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето еднаш засекогаш и изврши вечен откуп. Зашто, ако крвта на јунче и јарец, и пепелта од јуница преку попрскување ги осветуваат осквернетите за очистување на телото, тогаш, колку ли повеќе крвта на Христос, Кој преку Светиот Дух се принесе Себе на Бога непорочен, ќе ја очисти совеста наша од мртви дела за да Му служиме на живиот Бог.
Затоа е Тој посредник на новиот завет, та по Неговата смрт, што стана за откуп на престапите од времето на првиот завет, призваните да го добијат ветеното вечно наследство. Зашто, каде што има завет, таму е неопходно да следува смртта на заветувачот, бидејќи заветот добива сила само по смртта; тој нема никаква сила додека заветувачот е жив. Поради тоа ни првиот завет не беше утврден без крв. Зашто Мојсеј, откако ги прочита сите заповеди од Законот пред сиот народ, зеде крв телешка и јарешка со вода, и со црвена волна и со исоп ја пороси како самата книга, така и сиот народ, велејќи: „Ова е крвта на заветот што ви го одреди Бог.“ Исто така со крв ги попрска и светилиштето и сите садови за служење на Бога. И речиси сѐ според Законот со крв се очистуваше, и без пролевање крв нема проштевање.