Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Евреите 9:1-22

Евреите 9:1-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Така и во првиот завет имаше уредби за богослужение и земно свети­лиште; зашто скинијата беше направена вака: во првиот дел се наоѓаа светилникот, трпезата и изложените лебови; тој дел е наречен „Свето Место.“ А зад втората завеса од скинијата беше делот, наречен „Светиња над све­тињите“; во неа се наоѓаше златната кадилница и од сите страни опкован со злато ковчегот на заветот, во кој стоеја златниот сад со мана и расцутениот жезол на Арон, како и плочите на заветот, а над него – херувими на славата, што го осенуваа чистилиштето; за ова сега нема потреба да се зборува по­оп­ширно. При ваков распоред, во првиот дел од скинијата секогаш влегуваа свеш­те­ниците и извршуваа служба Божја; а во вториот дел влегуваше по ед­наш во годината првосвештеникот и тоа не без крв, што ја принесуваше како жртва за себе и за гревовите на народот, направени поради незнаење. Преку ова Светиот Дух покажуваше дека сѐ уште не е отворен патот за све­тилиштето сѐ додека стои првата ски­нија, која е симбол на сегашното време, во кое се принесуваат дарови и жртви, кои не можат да го направат совршен по совеста оној што служи, туку се состојат само од јадења и пиења, и разни миења и телесни обреди, установени до времето кога сето ова ќе се исправи. Но Христос, кога стана Прво­свеш­теник на идните добра, со поголемо и со посовршено светилиште, нера­ко­тво­ре­но, односно не онакво какво што се пра­ви на земјата, ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето ед­наш засекогаш и изврши вечен откуп. Зашто, ако крвта на јунче и јарец, и пепелта од јуница преку попрскување ги осветуваат осквернетите за очистување на телото, тогаш, колку ли повеќе крвта на Христос, Кој преку Светиот Дух се принесе Себе на Бога непорочен, ќе ја очисти совеста наша од мртви дела за да Му служиме на живиот Бог. Затоа е Тој посредник на новиот за­вет, та по Неговата смрт, што стана за откуп на престапите од времето на пр­виот завет, призваните да го добијат ветеното вечно наследство. Зашто, каде што има завет, таму е неопходно да следува смртта на заветувачот, бидејќи заветот добива сила само по смртта; тој нема никаква сила додека заветувачот е жив. Поради тоа ни првиот завет не беше утврден без крв. Зашто Мојсеј, откако ги прочита сите заповеди од Законот пред сиот на­род, зеде крв телешка и јарешка со во­да, и со црвена волна и со исоп ја по­ро­си како самата книга, така и сиот народ, велејќи: „Ова е крвта на заветот што ви го одреди Бог.“ Исто така со крв ги попрска и све­тилиштето и сите садови за служење на Бога. И речиси сѐ според Законот со крв се очистуваше, и без пролевање крв не­ма проштевање.

Евреите 9:1-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Секако, и во првиот Завет меѓу Бог и Израел имаше одредби што се однесуваа на богослужењето и на Светилиштето, овде на Земјава. Светилиштето, всушност, беше шатор со две простории. Во првата просторија која се нарекуваше Свето место се наоѓаа свеќникот и масата со посветените лебови. Потоа имаше завеса, а зад завесата се наоѓаше Најсветото Место, во кое беа сместени златниот жртвеник за кадење и Ковчегот на Заветот, обложен со злато од сите страни. Во ковчегот се чуваа: еден златен сад во кој имаше малку мана, стапот на Арон, што беше пуштил листови и камените плочи на кои беа запишани Десетте заповеди. Над ковчегот се надвиснуваа славни херувими со раширени крилја над местото за помирување. Но сега не е време за ова детално да се зборува. Откако сите овие работи беа поставени како што треба, свештениците секојдневно влегуваа во надворешниот дел на Шаторот, за да ги извршуваат богослужбените активности. Но во внатрешниот дел на Шаторот можеше да влегува само Првосвештеникот, и тоа само еднаш годишно. При секое влегување тој принесуваше крв, за да ги покрие своите сопствени гревови и гревовите на народот, извршени поради незнаење. Преку овие правила, Светиот Дух ни открива дека се додека постоеше првиот Шатор и целиот религиозен систем што тој го претставува, патот за влегување во Најсветото место за нас обичните луѓе не беше отворен. Тоа е сликовит приказ на денешното време, бидејќи приносите и жртвите што Му се принесуваат на Бог, не можат да им ја смират совеста на тие што ги принесуваат. Овие обреди се однесуваат само на храна, пијалак и разни обреди на исчистување, кои беа поставени до времето кога Бог воведе нов ред. Но кога Христос дојде како Првосвештеник на добри нешта кои сега ни пристигнаа, Тој влезе во многу повозвишено и посовршено Светилиште, кое не е изградено од човечка рака и не е дел од овој создаден свет. Христос принесе крв во Најсветото место еднаш засекогаш, но не крв од јарци и јунци, туку ја принесе сопствената крв и на тој начин засекогаш го обезбеди нашето спасение. Ако според строгиот религиозен систем луѓето телесно „се исчистуваа“ попрскувајќи се со крв на јарци и бикови и со пепел од јуници, колку повеќе, тогаш, може да постигне крвта на Христос! Преку вечниот Дух, Тој се принесе Себеси како совршена жртва пред Бог. Неговата крв ја исчистува нашата совест од дела што водат во смрт, за да Му служиме на живиот Бог! Христос умре за да ги ослободи од казната оние што згрешија и го прекршија Стариот завет. Така Тој стана Посредник меѓу Бог и луѓето на еден нов завет преку кој сите што се повикани од Бог ќе го примат вечното наследство што Бог им го вети. Ваквиот завет, всушност, е тестамент: тој стапува на сила само откако ќе умре тој што го напишал. Се додека е живо лицето што го остава тестаментот, тој не може да се користи. Тестаментот стапува на сила дури откако ќе умре оној што го остава. Затоа и првиот Завет беше воспоставен со употреба на крв како доказ за смрт. Откако Мојсеј им ги пренесе на луѓето сите Божји закони, зеде крв од бикови и јарци, ја помеша со вода, па ги попрска книгата на Божјите закони и сите луѓе, употребувајќи гранче од исоп и црвена волна. Потоа им рече: „Оваа крв го потврдува заветот што Бог го склучи со вас“. Потоа Мојсеј ги попрска со крв и Светилиштето и сите предмети што се употребуваа за богослужба. Всушност, според Мојсеевиот Закон, се се исчистува преку попрскување со крв; и без пролевање на крв нема простување на гревовите.

Евреите 9:1-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Секако, и првиот завет имаше наредби за богослужение и земно светилиште. Зашто беше приготвен првиот дел на Шаторот, во кој беше светилникот и трпезата, и положените лебови, што се вика Светина. А зад втората завеса на Шатарот беше другиот дел, наречен Светина над Светините со златниот жртвеник за кадење и ковчегот на заветот, опкован со злато од сите страни, во кој беше златниот сад со мана и со расцутениот Аронов жезол, и Плочите на заветот, а над него херувимите на славата, кои го засенуваа Поклопецот на Помирувалиштето; а за сѐ ова сега не може да се зборува подетално. При таквиот распоред, во првиот дел на Шаторот секогаш влегуваат свештениците, кога ја извршуваат својата служба, а во вториот дел, само првосвештеникот еднаш во годината, и тоа не без крв, што ја принесува за своите и за гревовите на народот направени од незнаење. Со тоа Светиот Дух покажува дека патов во Светината над светините уште не е откриен; додека уште постои првиот дел на Шаторот, кој е симболична слика за сегашното време, според која се принесуваат дарови и жртви, кои во однос на совеста не можат да го доведат до совршенство оној, кој Му служи така, зашто се засновуваат само врз јадења и пиења, и разни миења - како прописите за телото наложени до времето на поправањето. А Христос откако се појави како Првосвештеник на идните добра и влезе низ поголем и посовршен Шатор, што не е направен со рака, односно која не е од оваа создавање, влезе еднаш засекогаш во Светината над светините, и тоа не со крвта на јарци и јунци, туку преку Својата крв, и ни прибави вечен откуп. Зашто, ако крвта на јарците и биковите и пепелта од јуница, со која се попрскуваат осквернетите, осветува за чистење на телото, колку ли повеќе крвта на Христа, Кој преку вечниот Дух Му се принесе Сам Себеси на Бога без недостаток, ќе ја очисти нашата совест од мртвите дела, за да Му служиме на живиот Бог. Затоа Тој е Посредник на Новиот завет: за повиканите да го примат ветувањето за вечното наследство, откако смртта зеде место за откуп на престапите направени во првиот завет. Зашто, каде што има завет потребно е да се докаже и смртта на заветувачот. Имено, заветот станува полноважен по смртта, а никогаш не важи додека живее заветувачот. Затоа ни првиот завет не беше утврден без крв. Имено, кога Мојсеј му ја изговори секоја заповед според Законот на целиот народ, зеде крв од јунци и јарци со вода и со црвена волна и со исоп ги попрска: и самиот книжен свиток и целиот народ, велејќи: „Ова е крвта на заветот, што Бог го склучи со вас.“ А исто така ги попрска со крвта Шаторот и сите богослужбени садови. И по Законот речиси сѐ се чисти со крв, и без пролевање на крв нема проштавање.