Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Царевите 25:1-30

2 Царевите 25:1-30 MK2006

Во деветтата година од царувањето свое, во десеттиот месец, на десеттиот ден од месецот, вавилонскиот цар Навуходоносор дој­де со сета своја војска пред Ерусалим, го опседна и направи околу него опкоп. И градот стоеше во опсада до единаесеттата година од владеењето на царот Седекија. На деветтиот ден од четвртиот месец гладот се засили во градот, и на­родот немаше леб. Градот беше преземен, и сите воени лица избегаа ноќе по патот кон портите, меѓу двата ѕида што се до царската градина; а Халдејците стоеја околу градот, и царот отиде по патот кон рамнината. Халдејската војска се спушти по ца­рот и го стигна во Ерихонските рамнини, и сета војска негова се разбега од него. Тогаш го фатија царот, го одведоа кај вавилонскиот цар во Ривла и извршија над него суд; синовите на Седекија ги заклаа пред очите негови, а на Седекија му ги избодеа очите, го оковаа во окови и го одведоа во Вавилон. На петтиот месец, на седмиот ден од месецот, односно во деветнаесеттата година од владеењето на вавилонскиот цар Навуходоносор, дојде Невузардан, заповедник на телохранителите, слуга на вавилонскиот цар, во Ерусалим и го изгоре домот Господов и цар­скиот дом, и сите куќи во Ерусалим, и сите големи куќи ги изгоре со оган; и ѕидовите околу Ерусалим беа урнати од халдејската војска што беше со заповедникот на телохранителите. А другиот народ што беше оста­нал во градот, и одметниците, кои му се предале на вавилонскиот цар, а и другиот народ ги исели Невузардан, запо­ведникот на телохранителите. Само малкумина од сиромасите на оваа земја заповедникот на тело­хранителите ги остави за работници во лозјата и за земјоделци. И бронзените столбови во домот Господов, и подножјата, и бронзеното море во домот Господов Халдејците го испокршија и ја однесоа бронзата нивна во Вавилон; и котлите, и лопатките, и штипки­те, и лажиците, и сите бакарни садови што се употребуваа во служ­бата, ги кренаа; и кадилниците, и садовите, – сѐ што имаше златно, и сѐ што имаше сребрено, го зеде заповедникот на телохра­нителите; столбови два, море едно, и поднож­јата што Соломон ги беше направил во домот Господов, – бронзата во сите тие работи немаше мерка. Едниот столб беше висок осумнаесет лакти, главата му беше од бронза, а висината на главата – три лакти, и мрежата на наровите околу главата – сето тоа беше од бронза. Тоа исто го имаше и другиот столб со мрежата. Заповедникот на телохранителите го зеде првосвештеникот Сераја, заме­никот-првосвештеник Софонија и тројца свештеници-вратари. Од градот тој зеде еден дворски човек, кој беше заповедник на воените лица, и петте души што стоеја пред царското лице и се наоѓаа во градот, и главниот писар на војската што го запишуваше во војската народот на земјата, и шеесет души од народот на земјата, кои се наоѓаа во градот. Ги зеде Навузардан, началникот на телохранителите, и ги одведе кај вавилонскиот цар во Ривла. И вавилонскиот цар ги порази и ги погуби во Ривла, во земјата Хамат. И Јудејците беа иселени од земјата своја. А над народот, оставен во јудејската земја, вавилонскиот цар Навуходо­носор го постави за управ­ник Годолија, синот на Ахикам, Сафанов син. Кога сите војсководци, тие и луѓето нивни, слушнаа дека вавилонскиот цар го поставил за управник Годолија, дојдоа кај Годолија во Мицпа: Исмаил, синот на Нетанија, Јоханан, син на Кареах, Сераја, син на Танхусмет од Нетофа, и Јаазанјаху од Мааха, тие и луѓето нивни. И им се заколна Годолија, ним и на луѓето нивни, и им рече: „Не плашете се што ќе бидете потчинети на Халдеј­ците; населувајте се во земјата, служете му на вавилонскиот цар и ќе ви биде добро.“ Но во седмиот месец дојде Исма­ил, синот на Нетанија, Елишамаев син, од царски род, со десет души, го порази Годолија, и тој умре, а и Јудејците, и Халдејците што беа во Мицпа. Тогаш се крена сиот народ, од мало до големо, и војсководците, па отидоа во Египет, зашто се плашеа од Хал­дејците. Во триесет и седмата година од преселувањето на јудејскиот цар Јехониј, во дванаесеттиот месец, на дваесет и седмиот ден од месецот, вавилонскиот цар Евил-Меродах, во годината на зацарувањето свое, го изведе од затвор јудејскиот цар Јехониј, говореше со него пријателски и го постави престолот негов погоре од престолот на царевите што беа пред него во Вавилон; и му ја смени затворската облека негова; и секогаш Јехониј јадеше со него, во сите дни на животот свој. За постојана издршка, му се даваше на царот, секој ден, во сите дни на неговиот живот.