Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Царевите 19:1-19

2 Царевите 19:1-19 MK2006

Кога го слушна тоа царот Езекија, ја раскина облеката своја, се покри со вреќиште и отиде во до­мот Господов. И ги испрати Елијаким, управ­никот на дворецот, писарот Севна и постарите свештеници, покриени со вреќишта, кај пророкот Исаија, синот на Амоц. Тие му рекоа: „Вака вели Езекија: Ова е ден за жалост, за казна и за срам; зашто дојде часот да се родат децата, но нема сила за раѓање. Можеби Господ, твојот Бог, ќе ги чуе сите зборови на аѓутантот, кого господарот негов, асирскиот цар, го испрати да Го навредува живиот Бог и да Го укорува со зборови, какви што чу Господ, твојот Бог. Затоа помоли се за другите, кои сѐ уште се живи.“ Откако пратениците на царот Езе­кија му ја пренесоа пораката на царот на Исаија, тој им рече: „Вака кажете му на вашиот господар: Така вели Господ: ‚Не плаши се од зборовите што ги слу­шна, и со кои Ме навредуваа слугите на асирскиот цар.‘ Ете, Јас ќе испратам во него дух, и тој ќе чуе вест, и ќе се врати во земјата своја, и Јас ќе го поразам со меч во неговата земја.“ Тогаш царскиот аѓутант слушна дека неговиот господар го напуштил Лакиш, па се врати и го најде како војува со Ливна. Потоа царот слушна и за етиопскиот цар Тирхака, за кого му рекоа: „Ете, тој излезе да се судри со тебе,“ и повторно испрати пратеници кај Езеки­ја да му кажат: „Вака кажете му на јудејскиот цар Езекија: ‚нека не те лаже твојот Бог, на Кого се надеваш, мислејќи дека Еру­салим нема да биде предаден во раката на асирскиот цар.‘ Зар не си чул што направија асир­ските цареви со сите земји, уништувај­ќи ги наполно, – та ти ли ќе се избавиш? Дали боговите ги спасија овие народи што ги сотреа моите предци? Го спасија ли Гозан, и Харан, и Рецеф и луѓето на Еден, кој е во Таласар? Каде е царот на Хамат, и царот на Арпад, и царот на градот Сефарваим, на Хена и на Ива?“ Тогаш Езекија го зеде писмото од рацете на пратениците, го прочита, оти­де во домот Господов, и го објави Езе­кија пред лицето Господово; и се молеше Езекија пред лицето Господово и велеше: „Господи, Боже Израелов, Кој седиш на херувими! Ти си единствен Бог на сите земни царства. Ти ги создаде небото и земјата. Наклони го, Господи, увото Свое и чуј ме; отвори ги, Господи, очите Свои и погледни, и чуј ги зборовите на Сена­хирим, кој испратил да Те навредуваат Тебе, живиот Бог! Навистина, о Господи, царевите асирски ги сотреа народите и земјите нивни, и ги нафрлаа боговите нивни во оган, но тоа не беа богови, туку изра­ботки на човечки раце, – дрво и камен, затоа и ги истребија. И сега, Господи, Боже наш, спаси нѐ од рацете негови, и сите земни царства ќе познаат дека Ти, Господи, си единствен Бог.“