Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 7:1-13

1 Самоилова 7:1-13 MK2006

И дојдоа мажи од Кирјат-Јарим, го зедоа ковчегот на заветот Господов и го однесоа во куќата на Авинадав, на ридот, а синот негов Елеазар го посве­тија да го чува ковчегот на заветот Господов. Од оној ден, кога ковчегот остана во Кирјат-Јарим, измина многу време, речиси дваесет години. И сиот Израе­лов дом гледаше со почит кон Господ. И му рече Самоил на сиот Израелов дом, велејќи: „Ако од сѐ срце Му се враќате на Господ, отстранете ги од средината своја туѓите богови и статуите на Аштарта, подгответе ги срцата свои за Господ и Нему единствено служете Му, и Тој ќе ве избави од фи­листејските раце.“ И Израеловите синови ги отстранија разните Вааловци и Аштарти и почнаа да Му служат само на Господ. И рече Самоил: „Соберете ги сите Израелци во Мицпа, и јас ќе Му се помолам на Господ за вас.“ И се собраа во Мицпа, и црпеа вода, ја истураа пред Господ, и постеа тој ден, велејќи: „Згрешивме пред Господ.“ А Самоил им судеше на синовите Израелови во Мицпа. Кога Филистејците слушнаа дека синовите Израелови се собрале во Миц­па, кнезовите нивни излегоа против Израел; Израелците, откако го слушнаа тоа, се уплашија од Филистејците. Тогаш Израеловите синови му рекоа на Самоил: „Не престанувај да Го молиш Господа, нашиот Бог за нас, та некако да нѐ спаси од филистејските раце.“ И Самоил зеде едно јагне цицалче и го принесе како жртва сепаленица на Господ; повика Самоил кон Господ за Израел и Господ го слушна. И кога Самоил ја принесуваше сепаленицата, Филистејците дојдоа да се борат против Израел. Но тој ден Господ загрме со силен татнеж над Фи­листејците и испрати против нив силен ужас, и тие така се збркаа што паднаа пред Израел. Израелците излегоа од Мицпа, ги гонеа Филистејците и ги разбиваа сѐ до под Бет-Кар. И Самоил зеде еден камен и го стави меѓу Мицпа и Шен, и го нарече Евен-Езер што значи „До овде ни по­могна Господ.“ Така беа скротени Филистејците и не се осмелуваа повеќе да дојдат во пределите Израелови. И раката Господова беше врз Филистејците во текот на сите денови на Самоиловиот живот.