И Давид отиде оттаму и избега во Адуламската пештера, а кога слушнаа браќата негови и сиот татков дом негов, дојдоа таму кај него. Се собраа кај него сите подјармени, сите должници и сите душевно огорчени, и тој им стана началник; и со него беа околу четиристотини души. Оттаму Давид отиде во Мицпа, град моавски, и му рече на моавскиот цар: „Татко ми и мајка ми нека останат кај вас, додека да разберам што ќе направи Бог со мене.“ И ги доведе кај моавскиот цар, и тие живееја кај него за сето време додека Давид беше во она прибежиште. Но пророкот Гад му рече на Давид: „Не останувај во ова прибежиште, туку оди, оди во земјата Јудина.“ И Давид замина и отиде во гората Херет.
Саул слушна дека Давид се појавил со луѓето што беа со него. Саул тогаш седеше во Гива, под омориката на ридот, со копје во раката, и опколен од сите свои слуги. И им рече Саул на слугите свои што беа околу него: „Чујте, Венијаминови синови! Зарем Јесеевиот син ќе ви даде на сите вас ниви и лозја и сите вас ќе ве постави за илјаданачалници и заповедници над сто војници, та сите сте се здоговориле против мене, и никој не ми јави, кога синот мој се спријателил со синот на Јесеј, и никој од вас не ме пожали и не ми соопшти дека син ми го поттикнал против мене мојот слуга да ми поставува стапици, како што се гледа сега?“ Едомецот Доег, кој стоеше со Сауловите слуги, одговори и рече: „Јас видов, кога Јесеевиот син доаѓаше во Нов кај Ахимелех, синот на Ахитув, и тој Го праша за него Господ, му даде храна, му го даде и мечот на Филистеецот Голијат.“ Тогаш испрати царот да го повикаат свештеникот Ахимелех, синот Ахитувов, и целиот татков дом негов, свештениците што беа во Нов. И сите тие дојдоа кај царот. Саул рече: „Слушни, сине Ахитувов!“ Тој одговори: „Еве ме, господаре.“ А Саул го запраша: „Зошто сте се договориле против мене, ти и Јесеевиот син, та си му дал лебови и меч и си Го прашал Бога за него за да стане против мене и да ми поставува стапици, како што се гледа сега?“ Ахимелех му одговори на царот и рече: „Кој од сите твои робови е толку верен како Давид? Тој е и царев зет, и исполнител на твоите заповеди, и почитуван во домот твој? Сега за првпат ли Го прашувам Бога за него? Но не обвинувај го во тоа, царе, слугата свој и целиот дом на мојот татко, зашто во целата таа работа твојот слуга не знае ништо, ниту мало, ниту големо.“ Но царот му рече: „Ахимелех, ти треба да умреш, ти и целиот дом на твојот татко.“ И царот им рече на телохранителите што стоеја до него: „Одете, убијте ги свештениците Господови, зашто и нивната рака е со Давид, и тие знаеја дека тој избегал, а не ни јавија.“ Но царските слуги не сакаа да кренат раце за да ги убијат свештениците Господови. Тогаш царот му рече на Доег: „Оди ти и убиј ги свештениците!“ И Доег Едомецот отиде, ги нападна свештениците и во тој ден уби осумдесет и пет мажи што носеа ленен ефод, го нападна со меч и Нов, свештеничкиот град; уби со меч мажи и жени, момчиња и девојчиња, волови, магариња и овци. Се спаси само еден од синовите на Ахимелех, Ахитувовиот син, по име Авијатар, и избега кај Давид. Авијатар му раскажа на Давид дека Саул ги уби свештениците Господови.