Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 22:1-21

1 Самоилова 22:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И Давид отиде оттаму и избега во Адуламската пештера, а кога слушнаа браќата негови и сиот татков дом негов, дојдоа таму кај него. Се собраа кај него сите подјармени, сите должници и сите душевно огор­чени, и тој им стана началник; и со него беа околу четиристотини души. Оттаму Давид отиде во Мицпа, град моавски, и му рече на моавскиот цар: „Татко ми и мајка ми нека останат кај вас, додека да разберам што ќе направи Бог со мене.“ И ги доведе кај моавскиот цар, и тие живееја кај него за сето време додека Давид беше во она прибежиште. Но пророкот Гад му рече на Давид: „Не останувај во ова прибежиште, туку оди, оди во земјата Јудина.“ И Давид замина и отиде во гората Херет. Саул слушна дека Давид се појавил со луѓето што беа со него. Саул тогаш седеше во Гива, под омориката на ридот, со копје во раката, и опколен од сите свои слуги. И им рече Саул на слугите свои што беа околу него: „Чујте, Венијаминови синови! Зарем Јесеевиот син ќе ви даде на сите вас ниви и лозја и сите вас ќе ве постави за илјаданачалници и заповедници над сто војници, та сите сте се здоговориле против мене, и никој не ми јави, кога синот мој се спријателил со синот на Јесеј, и никој од вас не ме пожали и не ми соопшти дека син ми го поттикнал против мене мојот слуга да ми поставува стапици, како што се гледа сега?“ Едомецот Доег, кој стоеше со Сау­ловите слуги, одговори и рече: „Јас видов, кога Јесеевиот син доаѓаше во Нов кај Ахимелех, синот на Ахитув, и тој Го праша за него Господ, му даде храна, му го даде и мечот на Фи­листеецот Голијат.“ Тогаш испрати царот да го по­викаат свештеникот Ахимелех, синот Ахитувов, и целиот татков дом негов, свештениците што беа во Нов. И сите тие дојдоа кај царот. Саул рече: „Слушни, сине Ахиту­вов!“ Тој одговори: „Еве ме, господаре.“ А Саул го запраша: „Зошто сте се договориле против мене, ти и Јесеевиот син, та си му дал лебови и меч и си Го прашал Бога за него за да стане против мене и да ми поставува стапици, како што се гледа сега?“ Ахимелех му одговори на царот и рече: „Кој од сите твои робови е толку верен како Давид? Тој е и царев зет, и исполнител на твоите заповеди, и почитуван во домот твој? Сега за првпат ли Го прашувам Бога за него? Но не обвинувај го во тоа, царе, слугата свој и целиот дом на мојот татко, зашто во целата таа работа твојот слуга не знае ништо, ниту мало, ниту големо.“ Но царот му рече: „Ахимелех, ти треба да умреш, ти и целиот дом на твојот татко.“ И царот им рече на телохра­нителите што стоеја до него: „Одете, убијте ги свештениците Господови, за­што и нивната рака е со Давид, и тие знаеја дека тој избегал, а не ни јавија.“ Но царските слуги не сакаа да кренат раце за да ги убијат свештениците Господови. Тогаш царот му рече на Доег: „Оди ти и убиј ги свештениците!“ И Доег Едомецот отиде, ги нападна свештени­ците и во тој ден уби осумдесет и пет мажи што носеа ленен ефод, го нападна со меч и Нов, свеште­ничкиот град; уби со меч мажи и жени, момчиња и девојчиња, волови, магариња и овци. Се спаси само еден од синовите на Ахимелех, Ахитувовиот син, по име Авијатар, и избега кај Давид. Авијатар му раскажа на Давид дека Саул ги уби свештениците Господови.

1 Самоилова 22:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Давид си отиде оттаму и се засолна во пештерата Одолам. А кога го чуја тоа неговите браќа и сето негово семејство, слегоа онаму при него. Освен тоа се собраа околу него сите кои беа во неволја, сите задолжени, сите незадоволни, и тој им стана водач. А ги имаше околу него до четири стотини луѓе. Оттаму Давид отиде во Миспа во Моавската Земја и му рече на моавскиот цар: „Дозволи мојот татко и мојата мајка да се засолнат кај вас додека не видам што ќе направи Бог со мене.“ И ги остави кај моавскиот цар, и тие останаа кај него сѐ додека Давид беше во скривалиштето. Ама пророкот Гад му рече на Давида: „Не останувај во своето засолниште, туку оди и навлези во Јудината Земја.“ И Давид отиде и навлезе во Аретската Гора. Саул научи дека се појави Давид со луѓето кои беа со него. Саул токму беше во Гаваја; седеше под даб на ридот во Рама, со копје во раката, а околу него стоеја сите негови дворјани. И Саул им рече на своите дворјани, кои беа околу него: „Послушајте ме Венијаминови синови! Дали и Јесејовиот син ќе ви подари ниви и лозја? Дали ќе ве постави сите за илјадници и стотници? А зошто тогаш сите се заверивте против мене? Нема никој да ми јави кога мојот син склучи сојуз со Јесејовиот син, нема никој меѓу вас за да ме пожали и да ми открие како мојот син го разјари мојот слуга против мене, лежејќи во заседа, како што се случува денес?“ Тогаш проговори Идумеецот Доик, кој стоеше меѓу Сауловите дворјани и рече: „Јас го видов Јесејовиот син кога дојде во Ноб кај Ахимелех, Ахитовиот син. Овој побара за него совет од Господа, и му даде храна и му го предаде мечот на Филистеецот Голијат.“ Тогаш Саул заповеда да ги повикаат свештеникот Ахимелех, синот Ахитов, и сето негово семејство, свештениците во Ноб и сите дојдоа пред царот. Тогаш Саул рече: „Чуј ме, Ахитов сине!“ А тој одговори: „Еве ме господару!“ А Саул го праша: „Зошто се заверивте против мене, ти и Јесејовиот син? Ти му даде леб и меч, и побара совет од Бога за него, за да се крене против мене, лежејќи во заседа како што се случува денес.“ Ахимелех му одговори на царот: „А кој му е рамен на Давида од сите твои слуги, толку верен, покрај тоа царев зет, главатар на твојата телесна стража, човек кој е почитуван во твојата куќа? Зар јас денес за првпат барав совет од Бога за него? Далеку да е од мене! Нека царот не ги обвинува во ништо својот слуга и сето негово семејство, зашто неговиот слуга не знаеше ништо за тоа!“ Но царот одговори: „Ти ќе умреш Ахимелеху, ти и сето твое семејство!“ И царот им заповеда на телохранителите, кои стоеја околу него: „Пристапете и погубете ги Господовите свештеници, зашто и тие му помогнаа на Давида: знаеја дека е во бегство, а не ми јавија за тоа.“ Но царските стражари не сакаа да кренат рака на Господовите свештеници, за да ги погубат. Тогаш царот му заповеда на Доик: „Пристапи ти и погуби ги свештениците!“ Идумеецот Доик пристапи и ги погуби свештениците: тој погуби во оној ден осумдесет и пет луѓе кои носеа ленен наплеќник. И Ноб, свештеничкиот град, ги разурна со острилото на мечот, погубувајќи ги мажите и жените, децата и доилчињата, ослињата и овците, со острилото на мечот. Се избави само еден син на Ахимелеха, синот Ахитов, по име Авијатар, и пребега кај Давида. Авијатар му јави на Давида дека Саул ги искла Господовите свештеници.