И Самоил го свика народот кај Господ во Мицпа, и им рече на синовите Израелови: „Така говореше Господ, Бог Израелов: ‚Јас го изведов Израел од Египет и ве спасив од рацете на Египќаните, од рацете на сите царства што ве притискаа.‘ А вие сега Го отфрливте вашиот Бог, Кој ве спаси од сите ваши маки и неволји, и Му рековте: постави ни цар. И затоа застанете сега пред Господ, според вашите племиња и според своите родови!“ И заповеда Самоил да минуваат сите племиња Израелови, и со ждрепка беше посочено Венијаминовото племе. И му заповеда на Венијаминовото племе да минува според домовите нивни, и беше посочен Матриевиот род; и го доведоа Матриевиот род човек по човек, и беше посочен Саул, Кисовиот син; и го бараа, но не го најдоа. И пак Го запрашаа Господа: „Ќе дојде ли тој човек тука?“ И Господ одговори: „Ене го, тој се крие меѓу запрегата.“ Го најдоа таму и го извадија оттаму; тој застана среде народот: а од рамениците свои угоре беше повисок од сите. И Самоил му рече на сиот народ: „Гледате ли, кого го избра Господ? Како него нема меѓу сиот народ.“ Тогаш сиот народ извика и рече: „Да живее царот!“ И Самоил му ги изложи на народот правилата на царувањето, ги напиша во книга, и ја стави пред Господ. И го распушти сиот народ, секој во домот свој. Исто така и Саул си отиде дома, во Гива; а со него отиде и група луѓе, чии срца ги трогна Господ. А лошите луѓе рекоа: „Та тој ли ќе нѐ спаси?“ И го презреа и не му принесоа дарови.
Прочитај 1 Самоилова 10
Сподели
Спореди ги сите верзии: 1 Самоилова 10:17-27
Зачувај стихови, читај офлајн, гледај наставни клипови и уште многу повеќе!
Дома
Библија
Планови
Видеа