Во тој ден Давид за првпат даде псалм за славословие на Господ преку Асаф и браќата негови: „Славете Го Господа, разгласувајте го името Негово; кажувајте ги делата Негови меѓу народите; пејте Му, свирете Му; раскажувајте за сите Негови чудеса; фалете се со Неговото свето име; нека се весели срцето на оние, кои Го бараа Господа; побарајте Го Господа и силата Негова, барајте го постојано лицето Негово, спомнувајте ги чудесата, што ги изврши, знаците Негови и судовите од устата Негова; вие, семе Израелово, слуги Негови, синови Јаковови, избраници Негови! Тој е Господ, Бог наш; Неговите судови се по целата земја. Помнете го вечно заветот Негов, словото, што го заповеда за илјада родови, она, што му го вети на Авраам и во кое му се колнеше на Исак. Тој му ја постави на Јаков за закон и на Израел за вечен завет, велејќи: ‚Тебе ќе ти ја дадам земјата хананска, како ваш наследен дел.‘ Тие тогаш беа малубројни, мошне малку и во неа беа придојдени, и талкаа од народ до народ и од едно царство до друго племе; но не дозволи никому да ги навредува и ги разобличуваше заради нив царевите: ‚не гибајте ги Моите помазаници и не правете им зло на Моите пророци.‘ Пеј Му на Господ, цела земјо, навестувајте го од ден во ден спасението од Него. Разгласувајте ја меѓу незнабошците славата Негова, и меѓу сите луѓе чудесата Негови, зашто Господ е голем и достоен за слава, пострашен од сите богови. Зашто сите богови на народите се ништо, а Господ ги создаде небесата. Слава и величие пред лицето Негово, сила и радост во Неговото Свето место. Воздајте Му на Господ, племиња народни, воздајте Му на Господ слава и чест! Воздајте Му ја на Господ славата на името Негово. Принесете дар, дојдете пред лицето Негово, поклонете Му се на Господ во сјајот на светлината Негова. Трепери пред Него, цела земјо, зашто Тој ја основа вселената, и таа нема да се разниша. Нека се веселат небесата, да ликува земјата, и нека се вели меѓу народите: ‚Господ царува!‘ Нека се бранува морето и сѐ што го исполнува, да се радува полето и сѐ што е на него. Да ликуваат заедно сите дрвја во лаговите пред лицето на Господ, зашто Тој доаѓа да ја суди земјата. Славете Го Господа, зашто Тој е добар и милоста Му е вечна, и речете: ‚Спаси нѐ, Боже, Спасителе наш! Собери нѐ и избави нѐ од народите, за да го славиме Твоето свето име и да се фалиме со Твојата слава!‘ Благословен Господ, Бог Израелов, отсекогаш и засекогаш!“ И сиот народ рече: „Амин, алилуја!“