Maтеј 10

10
1Исус ги повика Своите дванаесет ученици и им даде власт да истеруваат зли духови и да исцелуваат секаков вид болести и заболувања.
2Ова се имињата на дванаесетте апостоли: прв е Симон познат и како Петар и брат му Андреј; потоа следуваат: Јаков синот на Завдај, и брат му Јован;
3Филип и Бартоломеј; Тома и собирачот на данок Матеј; Јаков синот на Алфеј; Тадија,
4хананеецот Симон, и Јуда Искариот, кој подоцна Го предаде Исуса.
5Исус ги испрати овие дванаесетмина и им ги даде следниве упатства: „Не одете кај нееврејските народи и не влегувајте во градови на Самарија,
6туку, одете меѓу Израелците Божјите загубени овци.
7Одете и проповедајте им дека: ,небесното царство се приближува!‘
8Исцелувајте болни, враќајте во живот умрени, исчистувајте лепрозни, изгонувајте демони. Правете го тоа бесплатно, како што и вам таа моќ ви беше дадена бесплатно.
9И не носете златни, сребрени или бакарни пари со себе;
10ни торби, ни два пара облека, ни сандали, ни стап, зашто на тој што работи ќе му ја дадат заслужената плата!
11Кога ќе пристигнете во некој град или село, распрашајте се кој е побожен и останете кај него до вашето заминување.
12При влегувањето во таа куќа, благословете ги домаќините со мир.
13И доколку тие бидат достојни, мирот навистина ќе им остане, а доколку не се покажат достојни, повлечете си го благословот за мир.
14Таму каде што нема да ве примат и нема да ве слушаат, напуштете ја таа куќа или град и притоа истресете го и правот од вашите нозе.
15Ве уверувам дека, на Судниот ден, полесно ќе им биде на градовите Содом и Гомора, отколку на тој град.“
16„Еве, Јас ве испраќам вас како овци меѓу волци. Затоа, бидете мудри како змии, а во исто време и кротки како гулаби.
17Пазете се, зашто ќе има луѓе кои ќе ве предаваат на судови и ќе ве камшикуваат по синагогите.
18Поради вашата вера во Мене, ќе бидете приведувани на сослушување пред управители и владетели; тоа ќе биде сведоштво за нив и за светот.
19А кога ќе ве приведат на сослушување, не грижете се како и што ќе зборувате во своја одбрана; ќе ви бидат дадени вистинските зборови во вистинскиот час.
20Зашто, преку вас ќе зборува Духот на вашиот небесен Татко, а не самите вие.
21Понекогаш и брат брата ќе предава на смрт, и татко своето чедо; деца ќе се креваат против родители и ќе ги предаваат на смрт.
22Поради вашата вера во Моето име сите ќе ве замразат. Но, спасението е за оние што ќе издржат докрај!
23А штом почнат да ве прогонуваат од еден град, вие одете во друг. Ве уверувам дека нема да втасате да ја завршите работата по сите градови во Израел, додека да се вратам Јас, Синот Човечки.
24Ученикот не е поголем од учителот, слугата не е поголем од господарот.
25Ученикот ја споделува судбината на својот учител, а слугата на својот господар. Ако Мене, Стопанот на Божјата куќа Ме нарекоа „најголем ѓавол“, тогаш, колку повеќе ќе ви го прават тоа вам, кои сте Мое семејство!?“
26„Меѓутоа, не плашете се од луѓето. Си што е сега скриено, ќе излезе на виделина и секоја тајна ќе биде јавно објавена.
27Тоа што ви го кажувам сега во темнина, разгласете го преку денот и она што ви е кажано со шепот, разгласувајте го гласно, од покривите на куќите!
28Не плашете се од оние што можат да го убијат само телото, а не можат да ја убијат душата; плашете се единствено од Бог, Кој има моќ да ги уништи и душата и телото во пеколот.
29Зар не се продаваат две врапчиња за една паричка? Па сепак, ниедно од нив не паѓа наземи, ако тоа не го дозволи вашиот небесен Татко.
30А вам и влакната на главата ви се броени!
31Затоа, не плашете се; вие сте многу поскапоцени од јата врапчиња!“
32„Секој што ќе Ме признае Мене јавно пред луѓето, ќе го признаам и Јас јавно, пред Мојот небесен Татко.
33А секој што ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе се откажам и Јас од него, пред Мојот небесен Татко.“
34„Немојте да мислите дека дојдов да воспоставам мир на Земјата! Не дојдов да донесам мир, туку меч!
35Зашто, Јас дојдов да противставам син против татко, ќерка против мајка и снаа против свекрва;
36на човекот ќе му произлезат непријатели од сопственото семејство!“
37„Кој има поголема љубов спрема татка си или мајка си одошто спрема Мене, не е достоен да ми биде ученик;
38кој има поголема љубов спрема сина си или ќерка си одошто спрема Мене не е достоен да ми биде ученик.
39Секој што настојува грчовито да си го чува животот за себеси ќе го загуби; а оној што ќе го жртвува заради Мене пак ќе си го најде!“
40„Кој ве угостува вас, Мене Ме угостува, а тој што Ме угостува Мене, Го угостува небесниот Татко што Ме има испратено.
41Секој што угостува божји пратеник затоа што е божји пратеник, ќе добие иста награда како и божјиот пратеник. И секој што угостува праведник затоа што е праведник, ќе добие иста награда како праведникот.
42Секој што ќе му даде макар само една чаша студена вода на еден од Моите најмали следбеници, затоа што е Мој следбеник, ве уверувам дека таквиот нема да остане без награда.“

Tällä hetkellä valittuna:

Maтеј 10: MNT

Korostus

Jaa

Kopioi

None

Haluatko, että korostuksesi tallennetaan kaikille laitteillesi? Rekisteröidy tai kirjaudu sisään