Maтеј 9

9
1Качувајќи се на бротчето, Исус одново отплови преку езерото и се врати во својот град Кафарнаум.
2Таму луѓето Му донесоа на носила еден парализиран човек. Кога Исус ја виде нивната вера, му се обрати на парализираниот: „Не плаши се, синко, гревовите ти се простуваат!“
3Тогаш, некои вероучители си помислија во себе: „Овој човек е богохулник!“
4Исус, пак, проѕирајќи им ги мислите, рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли?
5Што е полесно да се каже: ,Гревовите ти се простуваат‘ или ,Стани и оди!‘?
6Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјата да простувам гревови!“ Тогаш му се обрати на парализираниот и му рече: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“
7Човекот стана и оздравен си отиде дома.
8Кога го виде ова, народот го обзеде страв, па Му оддаде слава на Бога, што им пратил човек со ваква моќ.
9Заминувајќи си оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи на тезгата за собирање данок и му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Матеј стана и тргна по Него.
10Подоцна, за време на вечерата во куќата на Матеј, на Исус и на Неговите ученици на трпезата им се придружија голем број наплатувачи на данок и жигосани грешници.
11Го забележаа тоа некои од фарисеите и им приговорија на Исусовите ученици: „Зошто вашиот учител јаде со наплатувачи на данок и со грешници!?“
12Исус ги чу, па им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните!
13Одете и научете се што значи напишаното во Светото Писмо: ,Сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви!‘ Јас не дојдов да ги повикам ,праведниците‘, туку грешниците.“
14Еден ден, кај Исус дојдоа учениците на Јован Крстител и Го запрашаа: „Зошто ние и фарисеите често постиме, а Твоите ученици воопшто не постат?“
15Исус им одговори: „Зар сватовите треба да тагуваат додека е со нив младоженецот? Но еден ден младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат.“
16„Никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто новата крпа ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка.
17Ниту пак некој става ново вино во стари кожни мешини, зашто мешините ќе пукнат и виното ќе истече, а и мешините ќе пропаднат. Затоа, ново вино се става во нови мешини, па така и двете ќе се запазат.“
18Додека Исус говореше, еден еврејски началник на синагогата дојде кај Него, клекна на колена и Му рече: „Тукушто ми умре ќерката; дојди и положи ја Својата рака врз неа и таа ќе се поврати во живот!“
19Исус стана и тргна по него, заедно со Своите ученици.
20А една жена, која дванаесет години боледувала од незапирливо крвавење, Му се приближи на Исуса одзади и допре едно крајче од Неговата облека,
21бидејќи во себе си велеше: „Само да ја допрам Неговата облека и ќе оздравам!“
22Исус се сврте, ја погледна и ђ рече: „Не плаши се, ќерко, ти оздраве врз основа на твојата вера.“ Во истиот миг, жената оздраве.
23Потоа, Исус пристигна во куќата на началникот. Кога ги виде погребните музичари и избезумените луѓе,
24им рече: „Тргнете се, зашто девојката не е мртва, туку спие!“ А тие Му се подбиваа.
25Кога луѓето излегоа надвор, Исус влезе, ја фати девојката за рака и таа стана.
26За ова чудо се разгласи по целиот крај.
27Кога Исус си заминуваше оттаму, по Него идеа двајца слепи, викајќи на сиот глас: „Смилувај ни се, сине Давидов!“
28Кога влезе во куќата, двајцата слепи Му пристапија, а Исус ги запраша: „Верувате ли дека можам да ве излекувам и да прогледате?“ Тие Му одговорија: „Да, Господе!“
29Тогаш Тој им ги допре очите и им рече: „Нека ви биде според вашата вера!“
30И тие наеднаш прогледаа. А Исус најстрого им забрани никому да не му кажуваат за ова.
31Но кога тие си заминаа раширија глас за Него по целиот крај.
32Додека тие си заминуваа, на Исус Му донесоа еден нем човек, кој беше обземен од демонски дух.
33Штом Исус го ослободи од демонскиот дух, човекот проговори; сите се чудеа и зборуваа: „Вакво нешто досега не сме виделе во Израел!“
34А фарисеите, пак, велеа: „Тој изгонува демони затоа што поглаварот на демоните е во Него!“
35Исус одеше по сите градови и села и поучуваше по синагогите, ја проповедаше Радосната вест за Божјото царство и исцелуваше луѓе со секакви болести и заболувања.
36Гледајќи го народот, душата му беше полна со сочувство, бидејќи луѓето беа збунети и беспомошни како овци без пастир.
37Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а жетвари има малку.
38Молете Го Господ во Чија надлежност е жетвата, да испрати повеќе жетвари да ја соберат жетвата од Неговата нива.“

Tällä hetkellä valittuna:

Maтеј 9: MNT

Korostus

Jaa

Kopioi

None

Haluatko, että korostuksesi tallennetaan kaikille laitteillesi? Rekisteröidy tai kirjaudu sisään