Дела 27
27
Павле е испратен во Рим
1Кога беше одлучено да отпловиме за Италија, Павле и неколку други затвореници ги предадоа на еден стотник по име Јулиј, од царската чета. 2#19,29; 20,4; Фил 1,24Се качивме на еден адрамитски кораб, кој требаше да плови покрај азиските брегови, и така отпловивме. Со нас беше Аристарх, Македонец од Солун. 3#24,23; 28,16.23.30Следниот ден стигнавме во Сидон; и Јулиј, кој постапуваше човекољубиво со Павле, му дозволи да појде кај своите пријатели, за да се погрижат за него. 4Кога тргнавме оттаму, пловевме во заветрината на Кипар, бидејќи ветровите дуваа спротивно, 5и, откако го препловивме морето покрај Киликија и Памфилија, стигнавме до Мира Ликиска. 6Таму стотникот најде еден александриски кораб, кој пловеше за Италија, и нѐ префрли во него. 7И пловејќи полека многу денови, одвај стигнавме до Книд. Бидејќи ветрот нѐ спречуваше да влеземе таму, запловивме во заветрината на Крит покрај Салмон. 8И пловејќи покрај него со мака, стигнавме до едно место, наречено Добри пристаништа, во чијашто близина се наоѓаше градот Ласеја. 9Откако мина многу време и пловењето веќе стана многу поопасно, а и постот веќе беше поминал, Павле ги опомена 10#2 Кор 11,25велејќи им: „Луѓе, гледам дека пловењето ќе биде мачно и со голема штета не само за товарот на коработ, туку и за нашите животи.“ 11Но стотникот повеќе му веруваше на кормиларот и сопственикот на бродот отколку на Павловите зборови. 12А бидејќи пристаништето не беше погодно за презимување, многумина изјавија дека сакаат да отпловат оттаму, и ако е можно некако да стигнат до Феникс, критското пристаниште што се наоѓа спроти југозападниот и северозападниот ветар, и таму да презимат.
Бура во морето
13А кога дувна југот, тие помислија дека можат да ја остварат својата цел, па ја кренаа котвата и запловија покрај Крит. 14Но наскоро на нив се дигна бурниот ветар, наречен Евроклидон#27,14 Североисточник. 15Па откако го зграби коработ, бидејќи тој не можеше да му се противстави на ветрот, се препуштивме на брановите да нѐ носат. 16Минувајќи во заветрината на едно островче, кое се вика Клавда, одвај успеавме да го задржиме бродот. 17Кога го извлекоа, употребија помошни средства и го врзаа коработ одоздола; и плашејќи се да не се насукаат на Сирти, ги спуштија едрата и така бевме носени. 18Но бидејќи бевме силно удирани од бурата, следниот ден почнаа да го исфрлаат товарот, 19#Јона 1,5а на третиот ден сами со свои раце ја исфрлаа опремата на коработ. 20Во текот на многу денови не се појави ни сонце, ни ѕвезда, а беснееше и прилично силна бура, така што веќе исчезнуваше секаква надеж дека ќе се спасиме. 21И бидејќи долго време гладуваа, Павле застана сред нив и рече: „Луѓе, требаше да ме послушате и ако не заминевме од Крит, ќе ги избегневме овие маки и штети. 22Но, и сега ве советувам да бидете бодри, зашто ниедна душа од вас нема да загине, освен коработ. 23Зашто ноќеска ми се јави ангелот од Бога, Чиј сум и Кому Му служам, 24#18,9велејќи: ’Не плаши се, Павле, ти треба да излезеш пред цезарот; и ете, Бог ти ги дарува сите, што пловат со тебе.‘ 25Затоа, луѓе, бидете бодри, зашто Му верувам на Бога дека ќе се случи така, како што ми беше речено. 26Но, треба да бидеме исфрлени на еден остров.“ 27Беше веќе четиринаесетта ноќ, откако бевме носени наваму-натаму по Јадранското Море, кога кон полноќ морнарите насетија дека се приближуваат до некакво копно, 28и, кога ја измерија длабочината, открија дека изнесува дваесет фатома; па отидоа малку потаму, измерија пак и открија дека е петнаесет фатома. 29И плашејќи се да не удрат на карпести места, одзади спуштија четири котви, па чекаа да осамне. 30А кога морнарите намислија да побегнат од коработ, и беа спуштиле чун во морето под изговор дека сакаат да спуштаат котви од предната страна, 31Павле им рече на стотникот и на војниците: „Ако овие не останат на коработ, вие не можете да се спасите.“ 32Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на чунот и го оставија да падне долу. 33А пред да осамне, Павле ги покани сите да каснат, велејќи: „Денес е четиринаесетти ден, откако во исчекување стоите гладни, не вкусувајќи ништо. 34#Мт 10,30Затоа, ве молам, каснете, зашто тоа ќе ви го спаси животот. Впрочем, на ниеден од вас нема да му падне ни влакно од главата.“ 35Штом го рече тоа, зеде леб, Му заблагодари на Бога пред сите, прекрши и почна да јаде. 36Тогаш се ободрија сите и зедоа храна; 37а во коработ нѐ имаше вкупно двесте седумдесет и шест души. 38И кога се наситија од храната, почнаа да го олеснуваат коработ, исфрлајќи го житото в море.
Бродолом
39Штом се раздени, земјата не ја познаа, но забележаа еден залив со песочен брег, на кој решија, ако успеат, да го извлечат коработ. 40И откако ги откачија котвите, ги оставија во морето; а исто така ги разлабавија и врските на кормилата, го развија малото едро спрема ветрот што дуваше, та запловија кон брегот. 41Но удирајќи на еден гребен, предницата на коработ се заби и веќе не се помрдна, а задниот дел од коработ се разбиваше од силата на брановите. 42#12,19; 16,27Војниците, пак, намислија да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне. 43Но стотникот, сакајќи да го спаси Павле, ги одврати од таа намера и заповеда најнапред да скокнат и да излезат на земја оние, што знаат да пливаат, 44а останатите – кој на штица, кој на нешто од коработ. И така сите се спасија, излезувајќи на копно.
Currently Selected:
Дела 27: MAK2023
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023