YouVersion Logo
Search Icon

Лука 7

7
1Кога Исус го заврши Своето излагање пред народот, замина во Кафарнаум.
2Таму, еден римски офицер имаше слуга што му беше многу драг, а беше тешко болен, на умирање.
3Кога офицерот разбра за Исус, испрати кај Него неколку еврејски старешини, молејќи Го да дојде и да го исцели слугата.
4Тие дојдоа кај Исуса и почнаа мошне сесрдно да Го молат, велејќи: „Овој човек заслужува да му излезеш во пресрет.
5Тој го сака нашиот народ и ни изгради синагога.“
6Исус тргна со нив. Кога наближи до куќата, офицерот испрати луѓе да Му порачаат: „Господине, не труди се понатаму, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив,
7ниту пак сум достоен да дојдам кај Тебе. Кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави!
8Зашто и јас сум човек што се потчинува на наредби, а имам и власт да им издавам наредби на војниците. Кога на еден ќе му речам ,Оди!‘ - тој оди; на друг ќе му речам ,Дојди!‘, и тој доаѓа. На мојот слуга ќе му речам ,Стори го тоа!‘, и тој го извршува.“
9Кога го чу ова, Исус се воодушеви и на народот што одеше по Него му рече: „Навистина, кај никого во Израел не видов толку голема вера!“
10Кога оние што беа испратени се вратија дома, го најдоа слугата наполно здрав.
11Набргу потоа, Исус отиде во градот Наин. Заедно со Него беа Неговите ученици и многуброен народ.
12Штом се приближи до градските порти, пресретна погребна поворка; беше починал синот-единец на една вдовица. Во поворката имаше многу луѓе од градот.
13Кога Господ ја забележа вдовицата, се сожали, и и рече: „Не плачи!“
14Потоа пријде до ковчегот и го допре. Луѓето што го носеа, застанаа, а Исус рече: „Момче, ти заповедам да станеш!“
15Покојникот стана и почна да зборува, а Исус и го предаде на мајката.
16Страв ги обзеде сите и Му оддаваа слава на Бог, велејќи: „Голем пророк се појави меѓу нас! Бог дојде за да го спаси Својот народ!“
17Оваа вест за Исус се разнесе по цела Јудеја и по целата околина.
18За сето ова што го правеше Исус, Јован Крстител беше известен од своите ученици.
19Тој повика двајца од нив и ги испрати кај Господ, за да Го прашаат: ,Ти ли си Месијата што требаше да дојде, или друг да чекаме?‘
20Доаѓајќи кај Исус, тие Му рекоа: „Јован Крстител нe испрати кај Тебе, за да Те прашаме дали си Ти Месијата што треба да дојде, или друг да очекуваме?“
21Токму тогаш Исус исцелуваше многу луѓе од нивните болести, заболувања и од демонски духови, а и на голем број слепи им ги отвораше очите.
22Исус им одговори на Јовановите пратеници: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го гледате и слушате: слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исчистуваат, глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосна вест!
23Благословени се оние што не се колебаат во однос на Мене!“
24Штом Јовановите пратеници си заминаа, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Кога одевте кај Јована, во пустината, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот?
25Што излеговте да видите: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати!
26Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви велам, видовте и повеќе од пророк!
27Зашто, Јован е тој за кого Бог во Светото Писмо вели: ,Еве, испраќам Свој гласник, како претходница за Тебе; тој ќе го подготви патот пред Тебе.‘
28Ви велам дека меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител, но и покрај тоа, и најмалиот во Божјото царство е поголем од него.“
29Сиот народ што го слушаше - вклучувајќи ги и собирачите на данок - Му се покоруваа на ова Божјо барање и се крштаваа кај Јован Крстител.
30Само фарисеите и вероучителите го отфрлија Божјиот план, кој беше за нивно добро, и одбија да се крстат кај Јован.
31Исус продолжи: „Со што да ја споредам оваа генерација?
32Тие се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите: ,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте. Потоа ви запеавме таговни песни, но вие не заплакавте!‘
33Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој постеше и не пиеше вино, а тие велеа: ,Демони има во него!‘
34Потоа дојдов Јас, Синот Човечки, кој нормално јадам и пијам, а тие велат: ,Овој човек е ненаситник и пијаница, другар на собирачи на данок и на грешници!‘
35Меѓутоа, Божјата мудрост се потврдува преку животите на оние што ја прифаќаат.“
36Еден фарисеј Го покани Исуса на вечера во својот дом. Тој дојде во куќата на фарисејот и седна на трпезата.
37Одеднаш, се појави една жена, позната грешница. Таа беше разбрала дека Исус е на гости кај фарисејот, и дојде носејќи едно шише од алабастер полно со скапоцент мирис.
38Клекна зад Исус, до Неговите нозе, и плачејќи почна да Му ги мие нозете со своите солзи, да ги брише со својата коса, да ги бакнува и да ги мачка со скапоцениот мирис.
39Фарисејот, гледајќи го ова, си помисли за Исус: „Да е Овој вистински пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што го допира; би знаел дека е грешница!“
40А Исус му рече: „Симоне, да те прашам нешто!“ „Кажи, Учителе“ - одговори тој.
41„Двајца луѓе му должеле пари на некој човек. Едниот му должел петстотини сребреници, а другиот педесет.
42Бидејќи не можеле да му платат, тој им ги простил долговите на обајцата. Што мислиш, кој од двајцата ќе има поголема љубов кон него?“
43„Мислам, оној на кого му е простен поголем долг“ - одговори Симон. „Правилно процени!“ - Му рече Исус,
44па, свртувајќи се кон жената, Му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Кога дојдов во твојата куќа, ти ни вода на нозете не ми полеа, а таа со солзи ми ги изми и со својата коса ми ги избриша.
45Ти не ме доброса со бакнеж, а таа, откако Сум влезен, не престана да ми ги бакнува нозете!
46Ти не ми капна мирис на главата, а таа нозете ми ги намачка со скапоцен мирис.
47Затоа, ти велам: големиот број нејзини гревови и се простуваат, зашто таа покажа многу љубов спрема Мене. А на кој му е малку простено, тој само малку љубов покажува.“
48Потоа и рече на жената: „Гревовите ти се простени!“
49Луѓето што седеа со Него на трпезата почнаа да си шепотат: „Кој е Овој што и гревови простува!?“
50А Исус и рече на жената: „Оди си спокојно; твојата вера те спаси!“

Currently Selected:

Лука 7: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in