YouVersion Logo
Search Icon

Лука 6

6
1Една сабота, кога Исус минуваше низ нивите, Неговите ученици кинеа клавчиња, ги триеја со раце и ги јадеа.
2Некои од фарисеите ги прекорија, велејќи им: „Зошто го правите тоа што не е дозволено да се прави во сабота?“
3На ова, Исус им одговори: „Зар не сте читале што направија Давид и неговите придружници кога огладнеа,
4и како тој влезе во Божјиот Дом, па тој и неговите луѓе јадеа од посветениот леб, од кој само свештениците смееја да јадат?
5Јас, Синот Човечки, Сум Господар и над саботата“ - заклучи Исус.
6Една друга сабота, Исус влезе да поучува во синагогата. Таму имаше еден човек со парализирана десна рака.
7Вероучителите и фарисеите Го набљудуваа со намера да Го обвинат, доколку изврши исцелување во сабота.
8А Исус, знаејќи им ги мислите, му се обрати на човекот со парализираната рака: „Стани и застани пред сите!“ Тој стана и застана.
9Тогаш Исус им рече: „Да ве прашам: што е дозволено да се прави во сабота: добро или лошо? Да се спасуваат животи, или да се уништуваат?“
10Потоа прошета со погледот од човек до човек и му се обрати на болниот: „Испружи ја раката!“ Тој го стори тоа и раката веднаш му оздраве.
11А противниците збеснаа и почнаа да се договараат што да Му направат на Исус.
12Во тоа време Исус отиде на блиската гора да се моли. Цела ноќ Му се молеше на Бог.
13На разденување ги повика кај Себе сите Свои ученици, одбра дванаесет од нив и ги наименува за Свои апостоли.
14Тоа се: Симон, кого Тој го нарече Петар, и неговиот брат Андреј; Јаков и Јован; Филип и Бартоломеј;
15Матеј и Тома; Јаков Алфеев и Симон, наречен ,Патриот‘,
16Јуда - братот на Јаков и Јуда Искариот, кој подоцна стана предавник.
17На слегување од гората, Исус и Неговите ученици застанаа на една висорамнина. Присутни беа голем број Негови ученици, и многуброен народ од цела Јудеја, од Ерусалим, па дури и од северните приморски предели околу градовите Тир и Сидон,
18кои беа дошле да Го слушаат и да бидат исцелени од своите болести. Исус исцелуваше и луѓе кои страдаа од демонски духови.
19Сиот народ настојуваше да Го допре Исуса, зашто од Него излегуваше сила која ги исцелуваше сите.
20Со поглед насочен кон Своите ученици, Исус рече: “Благословени сте вие што сте сиромашни, зашто вам ви припаѓа Божјото царство!
21Благословени сте вие што сте гладни сега, зашто вие ќе се наситите! Благословени сте вие што сега плачете, зашто ќе дојде време кога вие ќе се смеете!
22Благословени сте кога луѓето ќе ве мразат, ќе ве отфрлат, ќе ве навредуваат и ќе ви извадат лошо име, поради тоа што сте следбеници на Синот Човечки.
23Радувајте се кога ќе ви се случува тоа и бидете весели, зашто голема награда ве очекува на небото! Нивните предци им го правеа тоа на пророците.
24Но тешко вам кои сега сте богати - вашата утеха е само на овој свет!
25Тешко вам кои сега сте сити - вие ќе гладувате! Тешко вам кои сега се смеете - вие ќе тагувате и ќе плачете!
26Тешко вам кои толпите ве фалат - така и нивните предци ги фалеа лажните пророци!“
27„Но вам, што Ме слушате, ви велам: покажувајте љубов спрема своите непријатели! Правете им добро на оние што ве мразат!
28Благословувајте ги оние што ве проколнуваат! Молете се за оние што ве навредуваат.
29На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот! На оној што сака да ти го земе палтото, дај му ја и кошулата!
30На оној што бара нешто од тебе - дај му. Од оној што зел нешто твое - не барај да ти го врати!
31Постапувајте со луѓето онака, како што сакате тие да постапуваат со вас!
32Зашто, ако ги сакате само оние што вас ве сакаат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците ги сакаат оние што нив ги сакаат!
33И ако им правите добро само на оние што вам ви прават добро, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците го прават тоа!
34И ако им позајмувате само на оние кои можат да ви вратат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците им позајмуваат на други грешници, за да им го вратат истото!
35Но вие, покажувајте љубов спрема своите непријатели, правете добро и давајте без да очекувате да ви се врати! Само така ќе добиете голема награда и ќе се однесувате како деца на Севишниот, зашто Тој им прави добро и на неблагодарните и на лошите.
36Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот небесен Татко.“
37„Не судете и нема да ви биде судено! Не осудувајте, и нема да бидете осудувани! Простувајте и ќе ви биде простено!
38Давајте и ќе ви биде давано со преполна мера, набиена, протресена, истурена во вашите скутови! Зашто со каква мера им мерите на другите, со таква и вам ќе ви биде мерено.“
39Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Може ли слеп човек да води друг слепец? Нема ли обајцата да паднат в јама?
40Ниеден ученик не е над својот учител. Но, кога ученикот ќе се усоврши, тогаш ќе биде како неговиот учител.
41Зошто ја гледаш раската во окото на својот ближен, а не ја гледаш гредата во сопственото око!?
42Како можеш да му кажеш на својот ближен: ,Брате, дозволи ми да ти ја извадам раската од окото!‘, кога ти не ја гледаш гредата во сопственото око!? Тоа е лицемерие! Извади си ја најнапред гредата од сопственото око, па ќе можеш добро да гледаш за да ја отстраниш раската од окото на својот ближен!“
43„Нема питомо дрво што раѓа диви плодови, ниту диво дрво што раѓа питоми плодови.
44Секое дрво се познава според своите плодови. Не се берат смокви од трн, ниту грозје од чичка.
45Од благороден човек произлегуваат благородни работи што се напластени во неговото срце, а од лош човек произлегуваат лоши работи што се напластени во неговото срце. Секоја уста го зборува она што е напластено во срцето.“
46„Зошто Ми се обраќате со ,Господе, Господе!‘, а не го вршите тоа што ви го зборувам?
47Ќе ви кажам со што може да се спореди човек што доаѓа кај Мене, за да ги слуша и извршува Моите зборови:
48Тој може да се спореди со ѕидар што гради куќа, копа длабоко и ги поставува темелите врз камена подлога. Кога ќе надојде поплава и реката силно ќе нагрвали врз куќата, не ќе може да ја поткопа, зашто куќата е добро изградена.
49А оној што ги слуша Моите зборови, а не ги извршува, може да се спореди со ѕидар што си подига куќа врз земја, без темели. Кога реката ќе нагрвали врз куќата - таа наеднаш ќе падне, со стравотен тресок!“

Currently Selected:

Лука 6: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy