YouVersion Logo
Search Icon

ПЕСНА НАД ПЕСНИ 5

5
Б. Меѓусебно владеење
1. Невестата:
Мојот возљубен нека дојде во својата градина, за да ги вкуси нејзините најслатки плодови.
2. Младоженецот:
1Дојдов во мојата градина, сестро моја, невесто, ги берам мојата смирна и моите мириси, ги јадам мојот мед и моите саќи, ги пијам моето вино и моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситувајте се, возљубени мои!
ЧЕТВРТА ПЕСНА
5:2-6:3
А. Појава на возљубен
1. Втор разговор на невестата со себеси
2Јас спијам, но моето срце бдее. Одненадеж глас! Мојот возљубен ми потчукнува: „Отвори ми, сестро моја, возљубена моја; гулабице моја, совршена моја; зашто главата ми е полна со роса, а косата со ноќна влага.“ 3„Ја соблеков мојата облека, како да ја облечам? Ги измив нозете, како да ги извалкам пак?“ 4Мојот возљубен ја провна раката низ отворот и сета моја внатрешност се возбуди од него.
2. Испитување
5Станав, за да му отворам на мојот возљубен, а од мојата рака капеше смирна и потече низ прстите на рачката на клучалката. 6Му отворив на мојот возљубен, а тој веќе се беше оддалечил и исчезнал; останав без здив кога замина. Го барав, но не го најдов, го викав, но не се одѕва. 7Ме сретнаа стражарите, кои го обиколуваат градот; ме биеја, ме ранија; и ми ја зедоа наметката чуварите на ѕидовите. 8Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, ако го сретнете мојот возљубен, што ќе му речете? Дека јас изнемоштувам од љубов.
3. Девојките:
9„Во што е твојот возљубен подобар од другите, о, најлична меѓу жените? Во што е твојот возљубен подобар од другите, па нѐ заколнуваш така?“
Б. Невеста набљудува младоженец
1. Невестата:
10Мојот возљубен е бел и румен, повеќе од десет илјади други. 11Неговата глава е како злато - чисто злато; кадриците од косата, како млади палмини гранчиња, црни како гавран. 12Неговите очи се како гулаби над поточната вода. Забите му се како измиени со млеко, наредени во рамка. 13Неговите образи се како леи со мирисливи билки; како благомирисно цвеќе, усните му се лилјани, од кои тече смирна. 14Рацете му се златно прстење, полно со скапоцености; неговите гради - како извајани од слонова коска, покриена со сафири. 15Нозете му се столбови од мрамор на златни подножја; растот му е како Ливан, величествен како кедар. 16Говорот му е сладок и сиот е од љубезност. Таков е мојот возљубен, таков е мојот пријател, ерусалимски ќерки!

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in