РУТА 4
4
БРАК НА ВОЗ СО РУТА
1Потоа Воз излезе при градската врата и седна таму. И ете, помина оној старател за кого зборуваше. И Воз го повика: „Еј, дојди тука и седни!“ Тој дојде и седна. 2Тогаш Воз зеде десет луѓе од градските старешини и рече: „Поседнете тука!“ 3Потоа му рече на старателот: „Ноемина, која се врати од Моавските Полиња, сака да ја продаде онаа земја на нашиот брат Елимелех. 4Затоа одлучив да разговарам со тебе и да ти предложам да ја откупиш нивата пред овие кои седат тука и пред старешините на мојот народ. Ако имаш намера да ја откупиш, тогаш откупи ја; ако немаш намера, кажи ми, да знам. Зашто, пред тебе никој нема право на откуп; јас сум по тебе.“ А оној рече: „Сакам, ќе ја откупам.“ 5Тогаш Воз кажа: „Кога ќе ја купиш земјата од рацете на Ноемина, треба да ја земеш и Моавката Рута, покојниковата сопруга, за да му го запазиш покојниковото име во наследството.“ 6Но роднината рече: „Е, тогаш не можам да бидам откупник, за да не го растурам своето наследство. Откупи ја ти, зашто јас не можам.“
Б. Воз го исполнува барањето на Законот
7А од старина беше обичај во Израел: за да се поткрепи полноважноста на откуп или на замена, човекот би собул една обувка и би му ја дал на другиот. Тоа беше сведоштво во Израел. 8И така и оној старател му рече на Воз: „Откупи ти!“ па ја собу обувката и му ја даде. 9Тогаш Воз им рече на старешините и на сиот народ: „Вие сте сведоци денес дека откупувам од раката на Ноемина сѐ она што беше Елимелехово, сѐ што беше Хелеоново и Малоново. 10Покрај тоа ја земам за жена Моавката Рута, Малоновата жена, за да биде запазено покојниковото име во наследството и за да не биде збришано неговото име меѓу неговите браќа и за да не исчезне од вратите на неговиот роден крај. Вие сте денес сведоци за тоа.“ 11Сиот народ што се наоѓаше при градската врата и старешините, рекоа: „Сведоци сме! Господ да даде жената, која влегува во твојот дом, да биде како Рахила и Лија, кои двете го издигнаа Израелевиот дом! Збогати се во Ефрат, а прослави се во Витлеем! 12Твојат дом нека биде, по потомството што ќе ти го даде Господ од оваа млада жена, како домот на Фарес, кого Тамара му го роди на Јуда!“
В. Воз се жени со Рута. Овидово раѓање
13Така Воз ја зеде Рута, и таа му стана негова жена. Влезе при неа, и Господ ѝ даде да заноси и роди син. 14Тогаш жените и рекоа на Ноемина: „Благословен да биде Господ, Кој денес не те остави без наследник! И да го прослави неговото име во Израел! 15Тој ќе биде твоја утеха и поткрепа во твојата старост; зашто го роди твојата снаа која те љуби и која ти вреди повеќе од седум синови.“ 16Ноемина го зеде детенцето, го стави на своето крило и му беше воспитачка. 17Соседите му дадоа име, говорејќи: „Ѝ се роди син на Ноемина!“ И го нарекоа Овид; тој е татко на Есеј, Давидовиот татко.
Г. Рута се вклучува во родословието на цар Давид
18А ова е Фаресовото родословие: Фарес имаше син Есром, 19Есром син Арам, Арам син: Аминадав, 20Аминадав син: Насон, Насон син: Салмон, 21Салмон син: Воз, Воз син Овид, 22Овид син Есеј, а Есеј син: Давид.
Currently Selected:
РУТА 4: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.