YouVersion Logo
Search Icon

ОТКРОВЕНИЕ 7

7
Израелеви племиња
1Потоа видов четири ангела како стојат на четирите агли на земјата, држејќи ги четирите земни ветрови, за да не дува ветар ниту на земјата, ни по морето, ниту на некое дрво. 2И видов друг ангел, кој се издигна од исток и кој имаше печат на живиот Бог, па почна да им вика со силен глас на четирите ангела, на кои им беше дадено да им напакостат на земјата и на морето, 3велејќи: „Не пакостете ѝ на земјата, ни на морето, ниту на дрвјата, додека не ги запечатиме челата на слугите на нашиот Бог!“ 4И го чув бројот на запечатените: сто четириесет и четири илјади запечатени од сите племиња на Израелевите синови: 5од Јудиното племе дванаесет илјади запечатени, од Рувимовото племе дванаесет илјади, од Гадовото племе дванаесет илјади; 6од Асировото племе дванаесет илјади, од Нефталимовото племе дванаесет илјади, од Манасиевото племе дванаесет илјади; 7од Симеоновото племе дванаесет илјади, од Левиевото племе дванаесет илјади, од Исахаровото племе дванаесет илјади; 8од Завулоновото племе дванаесет илјади, од Јосифовото племе дванаесет илјади, од Венијаминовото племе дванаесет илјади запечатени.
Голем народ
9Потоа видов, и ете: големо множество народ - што никој не можеше да го изброи - од сите народности и племиња и народи и јазици, како стојат пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки, со палмини гранчиња во своите раце, 10и воскликнуваа со голем глас: „Спасение на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!“
11И сите ангели стоеја околу престолот, и старешините и четирите живи суштества, и паднаа на своите лица пред престолот и Му се поклонија на Бога, 12велејќи: „Амин! Благослов и слава; и премудрост и благодарност; и чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови. Амин!“
13И еден од старешините одговори, велејќи ми: „Кои се и од каде дојдоа овие, кои се облечени во бели облеки?“ 14А јас му реков: „Господине мој, ти знаеш!“ И ми рече: „Тоа се оние, кои доаѓаат од голема неволја, кои ги испраа облеките свои и ги избелија во крвта на Јагнето.“ 15Затоа се пред Божјиот престол и Му служат дење и ноќе во Неговиот храм; а Оној, Кој седи на престолот, ќе го оптегне Својот Шатор над нив. 16Нема веќе да огладнат ниту да ожеднат, ниту сонцето ќе ги пече, ниту некаква жега; 17зашто Јагнето, Кое е среде престолот, ќе ги пасе и ќе ги води на извори жива вода; и Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи.

Currently Selected:

ОТКРОВЕНИЕ 7: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in