ОТКРОВЕНИЕ 6
6
Отворање на седумте печати
1И видов кога Јагнето отвори еден од седумте печати и чув како едно од живите суштества да вика како со глас на грмотевица: „Дојди!“ 2И видов, и ете, бел коњ, а оној кој седеше на него имаше лак; и му беше дадена круна, и излезе победувајќи и да победи. 3И кога го отвори вториот печат, чув друго живо суштество како зборува: „Дојди и види!“ 4И излезе друг, црвен коњ, а на оној, кој седеше на него, му беше дадено да го земе мирот од земјата, за да се убиваат луѓето меѓусебно; и му беше даден голем меч.
5И кога го отвори третиот печат, го чув третото живо суштество како зборува: „Дојди и види!“ И видов, и ете, црн коњ, а оној, кој седеше на него, имаше терезија во својата рака. 6И чув како глас - меѓу четирите живи суштества да зборува: „Една мера пченица за денариј и три мери јачмен за денариј! А на маслото и виното не им нанесувај штета!“
7И кога го отвори четвртиот печат, го чув гласот на четвртото живо суштество како зборува: „Дојди!“ 8И видов, и ете, сив коњ, а на оној, кој седеше на него името му беше смрт, и Подземјето идеше по него, и ним им беше дадена власт над четвртина од земјата, да убиваат со меч и со глад и со помор и со дивите ѕверови на земјата. 9И кога го отвори петтиот печат, ги видов под жртвеникот душите на закланите заради Божјото слово и заради сведоштвото што го имаа. 10И извикаа со силен глас, велејќи: „До кога, свет и вистински Господару нема да судиш и да ја одмаздиш нашата крв над оние, кои живеат на земјата?“ 11И на секого од нив му беше дадена бела облека и им беше речено да починат уште малку време, додека не биде исполнет бројот на нивните сослужители и браќа, кои ќе бидат убиени како и тие.
12И видов кога го отвори шестиот печат, и се збидна голем земјотрес; и сонцето поцрне како вреќа од кострет, а целата месечина стана како крв, 13и небесните ѕвезди паднаа на земјата, како што смоквата ги стресува своите незрели плодови, кога ќе ја затресе силен ветер; 14и небото се истрга како книга што се свиткува; и сите гори и сите острови се поместија од своите места. 15И земните цареви, и големците, и војсководците, и богатите, и силниците, и секој роб и секој слободник се сокрија во пештерите и по горските камењари, 16велејќи им на горите и на карпите: „Паднете врз нас и скријте нѐ од лицето на Оној, Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето, 17зашто дојде великиот Ден на Неговиот гнев, и кој може да се одржи?“
Currently Selected:
ОТКРОВЕНИЕ 6: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.