YouVersion Logo
Search Icon

БРОЕВИ 19

19
Очистување на нечисто
1Господ им рече на Мојсеја и Арона: 2„Ова е законска одредба што Господ ја нареди: Кажи им на Израелевите синови нека ти доведат црвена јуница, здрава, на која нема недостатоци и врз која уште не е ставено јарем. 3А вие предајте ја на свештеникот Елеазар. Потоа нека ја изведат надвор од логорот и нека ја заколат пред него. 4Свештеникот Елеазар нека земе од нејзината крв на својот прст па со неа нека попрска седумпати кон предната страна на Шаторот на средбата. 5Потоа јуницата нека биде запалена пред неговите очи; нека ѝ ги изгорат: кожата, месото, крвта и нечистотата. 6Потоа свештеникот нека земе кедрово дрво, босилек и црвено предено и нека ги фрли во средината на огнот, каде гори јуницата. 7Свештеникот нека ја испере својата облека и нека го искапе своето тело во вода. Потоа свештеникот нека се врати во логорот, но нека биде нечист до вечерта. 8И оној што ја изгорел нека ја испере својата облека и нека го искапе своето тело во вода и нека биде нечист до вечерта. 9А еден чист човек нека ја собере пепелта од јуницата па да ја стави надвор од логорот на чисто место, да се чува за водата на очистување за израелската заедница. Тоа е жртва за грев. 10И оној кој ќе ја собере пепелта од јуницата нека ја испере својата облека, и нека биде нечист до вечерта. Тоа нека биде вечен закон и за Израелевите синови и за странците, кои живеат среде нив.“
Очистување нечистота со вода
11„Кој ќе се допре до мртво човечко тело, нека биде нечист седум дена. 12Таквиот нека се измие со таа вода на третиот и на седмиот ден, па ќе биде чист. Ако не се измие на третиот ден и на седмиот ден, нема да биде чист. 13Кој ќе се допре до мртовец, до тело на умрен човек, а не се измие, го осквернува Господовиот Шатор. Таквиот нека биде истребен од Израел. Бидејќи не беше полиен со вода за очистување; нечист е; неговата нечистота е на него.“
14„Ова е закон кога некој ќе умре во шатор: секој кој ќе влезе во шаторот и секој кој е во шаторот, нека биде нечист седум дена. 15Секој отворен сад што не ќе биде покриен со поклопец, нека биде нечист. 16А на отворено поле, кој ќе се допре до загинат од меч, или до мртовец, или до човечки коски, или до гроб, нека биде нечист седум дена. 17За оној што станал нечист нека биде земена пепел од животното изгорено во жртва за грев, и - во некаков сад - нека налеат врз неа жива вода. 18Тогаш чист човек нека земе босилек, нека го накваси во водата и нека ги попрска: шаторот, сите садови, луѓето кои беа тука и оној, кој се допрел до коските или до убиениот или до умрениот или до гробот. 19Чистиот човек нека го попрскува нечистиот на третиот и на седмиот ден. Така ќе го очисти на седмиот ден. Тогаш тој нека ја испере својата облека, нека се измие во водата и нека биде чист навечер.“
20„А ако некој биде нечист и не се очисти, нека биде истребен од општеството зашто го онечистил Господовото светилиште; не бил полиен со вода за очистување; нечист е! 21И ова нека им биде вечен закон: и оној кој прскаше со водата за очистување, нека ја испере својата облека; и оној што ја допрел водата за очистување, нека биде нечист до вечерта. 22До што и да се допре нечистиот нека биде нечисто; а човекот што ќе се допре до него, нека биде нечист до вечер.“

Currently Selected:

БРОЕВИ 19: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in