YouVersion Logo
Search Icon

БРОЕВИ 18

18
Закони за свештеници и левити
1Тогаш Господ му рече на Арона: „Ти, твоите синови и твојот прадедовски дом, со тебе, ќе бидете одговорни за гревовите во Светилиштето; ти и твоите синови, со тебе, ќе бидете одговорни за гревовите на вашето свештенство. 2Придружи ги кон себе и твоите браќа од Левиевото племе - од твојот прадедовски дом - нека ти се приклучат за да ви прислужуваат, тебе и на твоите синови со тебе, пред Шаторот на сведоштвото. 3Нека исполнуваат служба за тебе и за сиот Шатор, но нека не се доближуваат до работите на Светилиштето ниту до Жртвеникот, за да не загинете и тие и вие. 4И така, нека ти бидат придружени тебе и нека се грижат за Шаторот на средбата, за секоја служба околу Шаторот. И ниеден странец нека не ви се доближува вам, 5а вие исполнувајте ја службата во Светилиштето и службата при жртвеникот, за да не се излева веќе гнев врз Израелевите синови. 6Еве, ги зедов вашите браќа левити, од Израелевите синови, и ви ги дадов вам, во дар на Господа, за исполнување на службата при Шаторот на средбата. 7Ти и твоите синови, со тебе, преземете ги свештеничките работи за сѐ што им припаѓа на жртвеникот и зад завесата. Исполнувајте ја вие службата што ви ја давам во дар на вашето свештенство. А странецот, кој ќе се доближи, нека биде погубен.“
8Уште му рече Господ на Арона: „Еве, тебе ти ја доверувам грижата затоа што ќе Ми биде принесувано Мене. Сѐ што Израелевите синови посветуваат ви го давам тебе и на твоите синови, заради вашето помазание, со вечен устав. 9Ова нека ти припадне тебе од светините над светините: од палениците: сите нивни лебни приноси; сите нивни жртви за грев и сите нивни приноси за престап, што тие ќе Ми ги принесуваат Мене. Таа голема светина е за тебе и за твоите синови! 10Јадете ги во најсветото место! Секое машко може да ги јаде. Нека ти бидат свети! 11И ова нека биде за тебе: она што се зема од Израелевите приноси како движен принос, со траен закон, ви го предавам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе. Секој, кој е чист во твојот дом, може да јаде од тоа. 12Ти ги предавам тебе: првите плодови што Му се принесуваат на Господа, најдоброто од новото масло и најдоброто од новото вино. 13Твои нека бидат првите родови од сѐ во нивната земја, што ќе ги донесуваат на Господа. Секој, кој е чист во твојот дом, може да ги јаде. 14Сѐ, што ќе биде заветувано во Израел нека биде твое. 15Секое првородено на сите суштества - како на луѓето така и на животните - што Му се принесува на Господа, нека биде твое. Само остави да бидат откупени: првенецот од луѓето и првото родено од нечистиот добиток. 16Остави да ги откупуваат кога ќе бидат на возраст од еден месец. А одреди ја нивната откупна цена: пет сребрени шекели, според светилишниот шекел, а тоа се дваесет гери. 17Но нека не бидат откупувани: кравјото првородено, овчјото првородено и козјото првородено. Тие се светина. Нивната крв излеј ја врз жртвеникот, а нивната лој изгори ја како паленица за благоугоден мирис на Господа. 18Нивното месо ти припаѓа тебе; како и градите на движниот принос и десната плешка. 19Сите воздигнати приноси, што Израелците ги воздигаат пред Господа, ви ги давам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе, со вечен закон. Тоа е посолен завет, вечен пред Господа, за тебе и за твоето потомство со тебе. 20Немај наследство во нивната земја - му рече Господ на Арона - ниту придобивај сопственост среде нив! Јас Сум твој дел и твое наследство среде Израелевите синови.“
Десеток за левити
21„Еве, на Левиевите синови им ги давам во наследство сите десетоци во Израел за нивната служба - за службата што ја вршат во Шаторот на средбата. 22А Израелевите синови веќе нека не се доближуваат до Шаторот на средбата, за да не навлечат грев врз себе и да не загинат. 23Само левитите нека ја извршуваат службата во Шаторот на средбата; и тие нека бидат одговорни за својата вина. Тоа е вечен закон за вашите поколенија; нека немаат имот среде Израелевите синови. 24Бидејќи десетокот на Израелевите синови, што Му го подаруваат на Господа како воздигнат принос, им го давам во дел на левитите; затоа и им реков: ‘Тие нека не добиваат дел меѓу Израелевите синови.’“
Десеток од левитски десеток
25Господ му рече на Мојсеја: 26„Зборувај им на левитите и речи им: ‘Кога ќе примите десеток од Израелците, што Јас од нив ви го давам во наследство, тогаш: принесете Му вие од тоа на Господа воздигнат принос: десеток од десетокот.
27Приносот ќе ви биде засметан како жито од гумно и како вино од бочва. 28Исто така принесете Му воздигнат принос на Господа и од сите свои десетоци што ги примате од Израелевите синови. Од тоа дајте му го Господовиот воздигнат принос на свештеникот Арон. 29Принесувајте Му воздигнат принос на Господа од сите дарови што ќе ги примате; од сѐ она што е најдобро - оној дел што треба да биде осветен.’ 30Уште речи им: ‘Откако ќе го принесете она од најдобриот дел, тоа нека им се засмета на левитите како приход од гумно и приход од бочва. 31Можете да го јадете на секое место, вие и вашите домашни, зашто тоа ви е награда за вашата служба во Шаторот на средбата. 32Откако ќе го принесете неговиот најдобар дел, нема да навлечете грев врз себе; не ќе ја онечистите светината од Израелевите синови, па нема да загинете.’“

Currently Selected:

БРОЕВИ 18: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in