ЛЕВИТ 4
4
Жртва за грев на свештеник
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Кажи им на Израелевите синови вака: ‘Ако некој ѝ згреши од незнаење на која и да е Господова заповед и стори нешто што е забрането да се прави; 3ако помазаниот свештеник согреши и навлече вина врз народот, тогаш за гревот што го сторил нека Му принесе на Господа едно грло крупен добиток, еден јунец без недостаток, како жртва за грев. 4Нека го доведе јунецот пред Господа до влезот во Шаторот на средбата; нека ги положи своите раце на главата на јунецот и нека го заколе пред Господа. 5Тогаш помазаниот свештеник нека ја земе крвта од јунецот и нека ја донесе во Шаторот на средбата. 6И свештеникот нека го накваси својот прст во крвта и со крвта нека ја попрска седумпати предната страна на завесата на Светилиштето пред Господа. 7Свештеникот нека ги помаже со крвта роговите на жртвеникот за благомирисливо кадење, што се дими пред Господа во Шаторот на средбата. Сета останата крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот за паленици, што се наоѓа при влезот во Шаторот на средбата. 8Нека ги извади од јунецот принесен за грев: лојот што ја обвиткува внатрешноста; 9двата бубрега и лојот што е на нив и на слабините, мрежичката од црниот дроб; нека ја извади и неа со бубрезите; 10онака како што се зема дел од вол за помирителна жртва. Потоа свештеникот нека ги изгори на жртвеникот како паленица. 11Кожата од јунецот, сето негово месо, неговата глава, неговите нозе, внатрешноста и неговата нечистота 12- целиот јунец - нека ги изнесе на чисто место надвор од логорот каде се истурува пепелта - и нека го изгори на оган од дрва; нека биде изгорен таму на пепелта.’
Жртва за грев на целото Израелево општество
13‘Ако целата израелска заедница згреши од незнаење, сторувајќи нешто што Господ го забранил па ако така станат виновни, а не се свесни за вината, 14тогаш, кога ќе се дознае за сторениот престап, општеството нека принесе еден јунец како жртва за грев. Нека го доведат пред Шаторот на средбата. 15Тука, пред Господа, старешините на заедницата нека ги положат своите раце на главата на јунецот. И нека го заколат јунецот пред Господа. 16А помазаниот свештеник нека донесе од крвта на јунецот во Шаторот на средбата; 17свештеникот нека го накваси својот прст во крвта и нека ја попрска седумпати предната страна на завесата, пред Господа. 18Потоа нека стави крв на роговите на жртвеникот што се наоѓа пред Господа во Шаторот на средбата. Сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот за паленици, што се наоѓа на влезот во Шаторот на средбата. 19Нека го извади од него сиот лој и нека го изгори на жртвеникот. 20Нека направи со јунецот како што стори и со оној што беше принос за грев - така нека направи и со него. И откако свештеникот ќе направи покривање за нивниот гревот, ќе им биде простено. 21Нека го однесе јунецот надвор од логорот и нека го изгори како што го изгоре и првиот јунец. Тоа е жртва за грев на општеството.’
Жртва за грев на кнез
22‘Ако кнез згреши од незнаење и направи нешто што Господ, неговиот Бог, го забранил и така стане виновен, 23тогаш, кога ќе го известат за престапот што го сторил нека донесе како свој принос машко јаре без недостаток. 24Откако ќе ја положи својата рака на главата на јарето, нека го заколе на местото каде се коле паленица пред Господа. Тоа е жртва за грев. 25Свештеникот нека земе со својот прст крв од приносот за грев, па нека ја стави на роговите на жртвеникот за паленици. А сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот за паленици. 26Сиот лој нека го изгори на жртвеникот како и лојот од помирителна жртва. И така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, и ќе му биде простено.’
Жртва за грев на поединец
27‘Ако некој од народот на земјата згреши од незнаење, правејќи нешто што Господ забранил и така согрешил, 28тогаш, кога ќе му биде посочен престапот што го сторил, нека донесе женско јаре без недостаток како свој принос за гревот што го направил. 29Нека ја положи својата рака на главата на жртвата за грев и нека ја заколе жртвата за грев на местото за паленици. 30Свештеникот нека земе крв на својот прст и нека ја стави на роговите на жртвеникот за паленици. А сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот. 31Потоа нека го извади сиот нејзин лој како што се вади лој од жртва помирница; па свештеникот нека го изгори на жртвеникот како благопријатен мирис на Господа. И така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, и ќе му биде простено.’
32‘Ако некој сака да доведе јагне како жртва за грев, нека доведе женско без недостаток. 33Откако ќе ја положи својата рака на главата на приносот за грев, нека го заколе како жртва за грев на местото каде се колат паленици. 34Тогаш свештеникот нека земе крв од жртвата за грев на својот прст па нека ја стави на роговите на жртвеникот за паленици. А сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот. 35Потоа нека го извади сиот нејзин лој како што се вади лој од помирителна жртва, од јагне. Свештеникот нека го изгори тоа на жртвеникот како принос на Господа. И така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, што го сторил, па ќе му биде простено.’
Currently Selected:
ЛЕВИТ 4: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.