YouVersion Logo
Search Icon

ЛЕВИТ 23

23
Господови празници. Сабота
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Кажи им на Израелевите синови и речи им: ‘Господовите празници, што ќе ги свикувате, се свети собири. Овие се Мои празници: 3Шест дена се работи, а седмиот е сабота - ден на потполн одмор, свет собир, кога не смеете да работите никаква работа. Тоа е Господова сабота во сите ваши живеалишта.’
Пасха и Празник на бесквасни лебови
4‘А ова се Господови празници - свети собранија - што ќе ги свикувате во нивно одредено време: 5Во првиот месец на четиринаесеттиот ден во примрак е Господова Пасха; 6на петнаесеттиот ден на месецот е Празник на бесквасните лебови на Господ - седум дена јадете бесквасен леб. 7На првиот ден нека ви биде свето собрание; не работите никаква работа. 8И во тек на седумте денови принесувајте Му жртви на Господа, а на седмиот ден пак нека биде свето собрание; не работите никаква работа.’“
Празник на Првите плодови
9Господ Му рече на Мојсеја: 10„Кажи им на Израелците и речи им: ‘Кога ќе влезете во земјата, што ви ја давам, и кога ќе ја пожнеете во неа жетвата, донесете му го на свештеникот првиот сноп на својата жетва. 11Тој нека го раздвижи снопот пред Господа, за да биде примен за вас; свештеникот нека го раздвижи утреден по саботата. 12А во денот на раздвижувањето на снопот, принесете Му на Господа јагне годиначе, без недостаток како паленица. 13Покрај тоа лебен принос: две десетини ефа чисто пченично брашно, замесено со масло, како палена жртва на Господа, за пријатен мирис; а со неа налевница од вино: четвртина ин. 14Пред тој ден - додека не ги донесете приносите на вашиот Бог - не смеете да јадете ни леб, ни пржени зрна, ни свежи класови. Тоа е вечен закон за вашите поколенија каде и да престојувате вие.’
Педесетница
15‘А почнувајќи од утрешниот ден по саботата - денот во кој донесувате сноп за движен принос - избројте полни седум седмици. 16Тогаш на денот по седмата сабота, на Педесетница, принесете Му на Господа нов лебен принос. 17Донесете му од вашите живеалишта по два леба за движен принос. Секој нека биде од две десетини ефа чисто брашно; нека бидат испечени со квас, како првини на Господа. 18Со лебот принесете седум јагниња годиначиња без недостаток, еден јунец и два овна како паленица на Господа, заедно со лебен принос и налевница, палена жртва за благопријатен мирис на Господа. 19Принесете исто и еден јарец како жртва за грев, а две јагниња годиначиња за помирителна жртва. 20Свештеникот нека ги принесе пред Господа како движен принос со лебот од првите плодови. Покрај двете јагниња и ова е свето на Господа, и нека му припадне на свештеникот. 21На истиот ден свикајте собир, нека ви биде свет собир, не работите никаква работа. Тоа е вечен закон за вашите поколенија каде и да живеете вие. 22Кога ќе ја жнеете жетвата на вашата земја, не дожневајте ги докрај вашите ниви, ниту собирајте после вашата жетва. Остави им го тоа на бедните и на придојдениците. Јас Сум Господ, ваш Бог.’“
Празник на Труби
23Господ му рече на Мојсеја: 24„Кажи им на Израелевите синови и речи им: ‘Во седмиот месец, на првиот ден на месецот, нека ви биде потполн одмор, прогласен со звук на труби, свет собир. 25Не работите никаква работа и принесете Му жртва на Господа.’“
Ден на Очистување
26Господ му рече на Мојсеја: 27„Освен тоа, на десеттиот ден на тој месец се паѓа Денот на Очистувањето - имајте свето собрание; смирете ги вашите души и принесете Му жртва на Господа. 28Никаква работа не работите во тој ден; зашто тоа е Ден на Очистување, за да ве очисти вас пред Господа, вашиот Бог. 29А секоја душа, која не ќе се смири во тој ден, ќе биде истребена од својот народ. 30А кој би работел некаква работа во тој ден, Јас ќе го истребам него од неговиот народ. 31Не работите никаква работа; тоа е вечен закон за вашите поколенија, во сите ваши живеалишта. 32Тоа нека ви биде сабота на починка; смирете ги вашите души! Вечерта на деветтиот ден на месецот - од вечер до вечер - празнувајте ја вашата сабота.“
Празник на Сеници
33Господ му рече на Мојсеја: 34„Речи им на Израелците: ‘Од петнаесеттиот ден на седмиот месец нека се празнува седум дена Празникот на сениците, во чест на Господа. 35На првиот ден, во денот на светиот собир, не работите никаква работа. 36Седум дена принесувајте Му жртва на Господа. На осмиот ден нека ви биде свето собрание, кога ќе Му принесете жртва на Господа. Тоа е свечено собрание, не работите никаква работа.’ 37‘Тоа се Господови празници, во кои ќе свикувате свети собранија, за да Му принесувате жртви на Господа: паленици, лебни приноси, жртви закланици и налевници, секоја во нејзин определен ден, 38освен Господовите саботи, и освен вашите дарови, освен вашите завети и освен доброволните подароци што Му ги принесувате на Господа.’
39‘А на петнаесеттиот ден во седмиот месец, откако ќе ги соберете плодовите на земјата, празнувајте Господов празник седум дена. На првиот и на осмиот ден нека е починка. 40На првиот ден земете: убави плодови, палмини гранки; гранчиња од широколисни дрва и од речни врби, и веселете се пред вашиот Господ Бог седум дена. 41Прославувајте го Господовиот празник седум дена во годината. Тоа е вечен закон за вашите родови. Празнувајте го во седмиот месец. 42Живејте под шатори седум дена. Сите родени Израелци нека престојуваат под шаторите, 43за да знаат вашите поколенија, дека Јас ги населив Израелевите синови под шатори, кога ги изведов од Египетската Земја. Јас Сум Господ, ваш Бог.’“ 44И така Мојсеј им ги објави на Израелците Господовите празници.

Currently Selected:

ЛЕВИТ 23: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in