YouVersion Logo
Search Icon

ЛЕВИТ 22

22
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Речи им на Арона и на неговите синови да постапуваат внимателно со светините на Израелевите синови и да не го обесчестуваат Моето свето име во тоа, што тие Ми ги посветуваат Мене. Јас Сум Господ! 3Кажи им: ‘Ако некогаш некој од вашите поколенија пристапи, во состојба на нечистота, кон светите приноси, што Израелците Му ги посветуваат на Господа, тој ќе биде истребен од пред Моето лице. Јас Сум Господ. 4Никој од Ароновите потомци, кој ќе биде лепрозен или ќе има излив, нека не јаде од светите приноси додека не се очисти. Оној кој ќе се допре до што и да е нечисто од мртво тело или оној од кого ќе излезе семеизлив; 5оној кој ќе се допре до некаков лазач што го прави нечист; или до човек, од кого може да стане нечист, со каква и да е нечистота; 6оној кој ќе се допре до нешто такво нека биде нечист до вечерта и нека не јаде од светите приноси додека не го измие своето тело во вода. 7Штом сонцето ќе зајде, очистен е. Тогаш може да јаде од светите приноси, зашто тоа му е храна. 8Нека не јаде ни мрша ни раскинато од ѕверови, за да не се онечисти со тоа. Јас Сум Господ. 9Нека ги пазат Моите повелби, за да не навлечат вина врз себеси и, онечистувајќи се со неа, за да не загинат заради неа. Јас, Господ, ги осветувам нив.’
10‘Ниеден туѓинец да не јаде од светината; ни свештениковиот гостин, ни наемникот, не смеат да јадат од светиот принос. 11Ако свештеникот купи некого за сребро, тој може да јаде како и оној, кој се родил во неговиот дом; тие можат да јадат од неговиот леб. 12Ако свештеникова ќерка се омажи за туѓинец, не смее да јаде од воздигнатите свети приноси. 13Но ако свештениковата ќерка стане вдовица или биде оставена, а нема деца, па се врати во татковата куќа, може да се храни со лебот на татка си, како во својата младост. Ниеден туѓинец не смее да јаде од него. 14Ако некој јаде свет принос од незнаење, нека му го надомести на свештеникот, додавајќи петина. 15Нека не ги сметаат за безвредни светите приноси што Израелците Му ги принесуваат на Господа. 16И јадејќи ги светините, би навлекле врз себе, вина за престап, зашто Јас, Господ, ги осветувам.’“
17Господ му рече на Мојсеја: 18„Зборувај им на Арона, на неговите синови и на сите Израелци и речи им: ‘Секој човек од Израелевиот дом или странец во Израел кој донесува свој принос - како завет или како доброволен дар, за да се принесе на Господа како паленица - за да биде примен, 19треба да биде принесено машко, без недостаток, било да е говедо, овца или коза. 20Не принесувајте ништо со недостаток на него, зашто тоа нема да ви биде примено. 21Ако некој му принесува на Господа помирителна жртва за да изврши некаков завет или за да направи доброволен принос, било од крупниот или од ситниот добиток, животното - за да биде примено - треба да биде без недостаток; никаков недостаток не смее да има на него. 22Никакво слепо или хромо, или со изместено, гушаво, со оток или со јадеж животно; такво не Му принесувајте на Господа, ниту такво положувајте врз жртвеникот како паленица на Господа. 23Јунец или овца со подолг или покус член можеш да принесеш како доброволен принос, но ако е жртва заветница нема да биде примена. 24Не принесувајте Му на Господа животно свиткано, со слаби дробови, скршено или скопено. Не правете го тоа во вашата земја, 25ниту примајте такво од странец за да го принесете во дар на вашиот Бог. Со недостаток се, зашто се повредени. Затоа нема да ви биде примено.’“
26Господ му рече на Мојсеја: 27„Кога ќе се роди теле, или јагне, или јаре, седум дена нека остане покрај својата мајка. Од осмиот ден може да биде примено како паленица на Господа. 28Не колете крава, ни овца, во ист ден со нејзиното младо. 29Кога ќе Му принесувате на Господа жртва благодарствена, принесете ја така за да биде примена. 30Нека биде изедена во истиот ден; не оставајте од неа за наутро. Јас Сум Господ!“ 31„Пазете ги Моите заповеди и исполнувајте ги. Јас Сум Господ! 32Не обесчестувајте го Моето свето име, за да бидам свет среде Израелевите синови. Јас Сум Господ, Кој ве осветувам. 33Јас, Кој ве избавив од Египетската Земја за да бидам ваш Бог, Јас Господ.“

Currently Selected:

ЛЕВИТ 22: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in