YouVersion Logo
Search Icon

ЕРЕМИЈА 23

23
ж. Тешко им на пастирите
1„Тешко им на пастирите кои ги упропастуваат и ги распрснуваат овците на Моето пасиште“ - говори Господ. 2Затоа вака зборува Господ, Израелевиот Бог, против пастирите кои го пасат Мојот народ: „Вие ги распрснавте Моите овци, ги растеравте, не се грижевте за нив. Затоа сега Јас ќе се погрижам за вас заради вашите лоши дела - говори Господ.
3И Самиот ќе го соберам Остатокот на Своите овци од сите земји, каде што Сум ги распрснал, и ќе ги вратам на нивните пасишта: ќе бидат плодни и ќе се размножуваат. 4И ќе им подигнам пастири, за да ги пасат, та веќе не ќе се плашат од ништо, ниту ќе се загубуваат - говори Господ.
5Еве доаѓаат денови - зборува Господ, ќе му подигнам на Давида праведен Подник. Тој ќе владее како Цар и ќе биде мудар, и ќе прави суд и правда во земјата. 6Во неговите денови Јудеја ќе биде спасена, и Израел ќе живее спокојно. И еве Го името со кое ќе Го наречуваат: „ГОСПОД, НАША ПРАВДА.“
7Затоа, еве, доаѓаат денови - зборува Господ - кога веќе не ќе се зборува: ‘Живиот ми Господ, Кој ги изведе Израелевите синови од Египетската Земја,’ 8туку: ‘Живиот ми Господ, Кој потомството на Израелевиот дом го изведе и го доведе од Северната Земја и од сите земји, каде што ги беше протерал,’ така што ќе живеат во Својата земја.“
з. Пророштво за лажни пророци
9За пророците. Срцето во мене е скршено, ми треперат коските, сличен сум на пијаница, на човек кого виното го овладеа, пред лицето на Господа и пред Неговите свети зборови: 10Зашто земјата е полна со прељубници; заради тие луѓе земјата се завитка во црно, а пасиштата изгореа. Нивната трка е злоба, а силата им е неправда.
11„Да, и пророкот и свештеникот се лицемери: дури и во Својот Дом им најдов нечесност, говори Господ. 12Затоа нивните патишта ќе им се претворат во лизгава почва: ќе се тетерават и ќе паѓаат во мракот. Зашто Јас ќе навалам врз нив несреќа во годината на нивната казна - говори Господ.
13И во пророците на Самарија видов многу лудости: пророкуваат во Ваалово име и го заведуваат Мојот израелски народ. 14Но во ерусалимските пророци видов стравотии: прељуба, измамливи патишта, ги поткрепуваат рацете на злосторниците, та никој не се одвратува од своите злостори. Сите тие Ми се како Содом, а жителите како Гомор! 15И затоа Господ над Војските зборува вака за пророците: ‘Еве, ќе ги нахранам со пелин и ќе ги напојам со затруена вода, зашто од ерусалимските пророци затече расипаноста во сета земја.’“
16Вака зборува Господ над Воинствата: „Не слушајте ги зборовите на пророците: тие ве измамуваат, објавуваат виденија на своето срце, а не што доаѓа од Господовата уста; 17им зборуваат на оние што го презираат Господовиот збор: ‘Ќе биде мир со вас!’ а на оние што го следат гласот на своето закоравено срце: ‘Никакво зло нема да ве најде!’“ 18Па кој беше на Господовото советување, кој виде, кој го слушаше Неговото слово, кој го сфатил та може да го објави?
19Ете, Господова бура доаѓа со јарост, грозна бура, и паѓа врз безбожничките глави. 20Господовиот гнев не ќе стивне, додека Тој не ги изврши и не ги исполни замислите на Своето срце. Во последните денови тоа ќе го разберете јасно.
21„Не ги испратив тие пророци, а сепак трчаат! Не им зборував, а сепак пророкуваат! 22Да, ако беа на Моето советување, би му ги објавиле Моите зборови на Мојот народ, и би се обиделе да ги одвратат од нивниот лош пат и од нивните зли дела.
23Та, зар Сум Јас Бог само од близу - говори Господ - зар од далеку веќе не Сум Бог? 24Може ли некој да се скрие во тајни места та Јас да не го видам? - говори Господ. Не ги исполнувам ли Јас небото и земјата? - говори Господ.
25Чув што зборуваат пророците, кои пророкуваат лаги во Мое Име и тврдат: ‘Сонував! Сонував!’ 26До кога ќе ги има меѓу пророците оние, кои пророкуваат лага и ја објавуваат измамата на своето срце? 27Мислат дека со своите соништа, што еден на друг си ги раскажуваат, дека ќе постигнат Мојот народ да го заборави Моето Име покрај Ваала! 28Пророкот што сонувал сон, само нека го раскаже својот сон, а во кого е Мојот збор, нека го објавува според вистината Мојот збор! Што им е заедничко на сламата и житото? - говори Господ. 29Не е ли мојот збор како оган - говори Господ - и не е ли сличен на млат што ја крши карпата?
30Еве Ме затоа против пророците - говори Господ - кои еден на друг му ги крадат Моите зборови. 31Еве Ме против пророците - говори Господ - кои што чукаат со јазикот и коват пророштва. 32Еве Ме против пророците - говори Господ - кои што пророкуваат измислени соништа, и раскажувајќи ги го заведуваат Мојот народ со своите измислици и со лагите. А Јас не ги испратив, ниту им заповедав нешто, ниту му се на овој народ од некаква полза - зборува Господ.
33А ако овој народ, или пророкот, или свештеникот, те праша: ‘Што е Господовото бреме?’ одговори им: ‘Вие сте Господовото бреме, и Јас ве отфрлам’ - зборува Господ. 34А рече ли некој пророк или свештеник, или некој од народот: ‘Господово бреме,’ ќе ги казнам тој човек и неговиот дом.
35Вака треба да му зборувате секој на својот ближен и секој на својот брат: ‘Што одговори Господ?’ или ‘Што рече Господ?’ 36Но ‘Господовото бреме’ да не сте го спомнале веќе, зашто секому бреме е неговиот збор. Зашто вие ги искривувате зборовите на живиот Бог! 37Речи му вака на пророкот: ‘Што ти одговори Господ?’ или ‘Што рече Господ?’ 38Но ако речете ‘Господово бреме,’ вака зборува Господ: ‘Затоа што се служите со зборот „Господово бреме,“ иако ви нарачав да не го изговарате, 39Јас ќе го подигнам високо и ќе ги отфрлам од Своето лице вас и вашиот град, што ви го дадов вам и на вашите татковци! 40И ќе навалам врз вас вечен срам и вечен подбив, што не ќе се заборави.“‘“

Currently Selected:

ЕРЕМИЈА 23: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in