YouVersion Logo
Search Icon

ЕРЕМИЈА 22

22
в. Обраќање кон јудејски цар
1Господ зборува вака: „Слези во дворецот на јудејскиот цар и објави го таму ова слово. 2Речи: ‘Слушај го Господовиот збор јудејски цару, кој седиш на Давидовиот престол, ти и твоите слуги и твојот народ што влегуваат низ оваа врата. 3Господ зборува вака: „Правете правосудство и правда, избавете ги угнетуваните од рацете на угнетувачите! Не правете им неправда на странецот, на сирачето, на вдовицата, не ги угнетувајте, и не пролевајте невина крв на ова место. 4Зашто ако се владеете вистински според овој збор, низ вратата на овој дворец ќе влегуваат царевите што седат на Давидовиот престол, што се возат во коли и што јаваат на коњи - тие, нивните слуги и нивниот народ. 5Ако пак не ги послушате овие зборови, се заколнувам во Себе - говори Господ - дека тој дворец ќе го претворам во урнатина!“‘“
6Зашто Господ зборува вака за дворецот на јудејскиот цар: „Ти си за Мене Галад, ливански врв. Но, навистина, ќе те претворам во пустина, во ненаселен град. 7Ќе подготвам против тебе истребители, секого со неговото оружје, нека ги исечат твоите избрани кедри и нека ги фрлат во оган.
8Многу народи ќе поминуваат покрај тој град и едниот ќе го праша другиот: ‘Зошто постапи Господ така со овој голем град?’ 9Ќе им одговорат: ‘Зашто го оставија Заветот на Господа, својот Бог, им се поклонуваа на други богови и им служеа.’“
г. Пророштво за Салум
10Не плачете за умрениот, не ридајте по него. Подобро плачете за оној кој си заминува, зашто никогаш веќе нема да се врати, ниту да ја види родната земја.
11Зашто Господ зборува вака за Салум, синот Јосиин, јудејскиот цар, кој царуваше после својот татко и требаше да си отиде од своето место: „Никогаш веќе нема да се врати, 12туку ќе умре во местото каде што го заробија, а оваа земја никогаш веќе нема да ја види.
д. Пророштво за Јоаким
13Горко му на оној кој гради куќа неправедно, и ги крева горните соби без право; кој го тера ближниот на работа и не му ја исплатува платата; 14кој вели: ‘Ќе си изградам за себе пространа куќа и проѕирни горни соби!’ Кој отвора прозорци, ги обложува со кедровина обоена црвено. 15Дали си затоа цар дека се фалиш со кедар? Нели татко ти јадеше и пиеше, но правеше правосудство и правда, и затоа му беше добро. 16Го бранеше правото на сиромашниот и на јадникот, и затоа му беше добро. Зар не значи тоа да Ме познава Мене? - зборува Господ. 17Но твоите очи и срцето одат само по печалба, за да пролеваш невина крв, за да правиш насилство и угнетување.“
18Затоа Господ зборува вака за Јоаким, синот Јосиин, царот јудејски: „По него нема да тажат: ‘Леле, брате мој! Леле, сестро моја!’ По него нема да тажат: ‘Леле, господару! Леле, величество!’ 19Ќе го закопаат како осле, ќе го извлечат и ќе го фрлат надвор од вратите на Ерусалим.
ѓ. Пророштво за Ерусалим
20Искачи се на Ливан и викај, нека се разнесува глас по Васан, нека бучи од Аварим, зашто се скршени сите твои пријатели! 21Убаво те советував во мирните денови, но ти ми рече: ‘Не ќе слушам!’ Така се владееш од младоста: не го слушаш Мојот глас. 22Сите твои пастири ветерот ќе ги испасе, а твоите љубовници ќе отидат во ропство. Тогаш ќе се срамиш и засрамуваш од сета своја пакост. 23Ти што престојуваш на Ливан, ти што се загнездуваш по кедрите, како ли ќе стенкаш кога ќе те нападнат болките, болките на породилката.
е. Пророштво за Јехониј
24Животот ми Мој - зборува Господ - кога Јехониј, синот Јоакимов, јудејски цар, би бил печат на Мојата десница, Јас би го истргал од прстот. 25Ќе те дадам во рацете на оние, кои што ти работат спроти главата, во рацете на оние пред кои што трепериш, во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, и во рацете на Халдејците. 26И ќе ве фрлам тебе и мајката, која те роди, во друга земја каде што не сте се родиле; таму ќе умрете. 27Но во земјата за која што копнеат да се вратат, нема да се вратат!
28Та зар тој човек Јехониј е презрен сад, скршен? Или сад што никому не му се свидува? Затоа беа протерани тој и потомството, заточени во земја што им е сосем непозната?
29Земјо, земјо, земјо, послушај го Господовиот збор. 30Господ зборува вака: ‘Запишете за овој човек: „Без деца.“ Животот не му стана среќен. Никој од неговото потомство нема да седне на Давидовиот престол, ниту ќе владее над Јудеја.’“

Currently Selected:

ЕРЕМИЈА 22: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in