YouVersion Logo
Search Icon

СУДИИ 11

11
3. Происход на Јефтај
1Галадецот Јефтај беше храбар војник. Блудница го роди, а татко му беше Галад. 2Но на Галад и на неговата жена им се родија синови, па кога пораснаа синовите на жената, го избркаа Јефтаја, велејќи му: „Не ќе добиеш наследство од нашиот татко, зашто си син на жена туѓинка.“ 3Затоа Јефтај побегна од своите браќа и се насели во земјата Тов. Таму, околу него се собра група бескуќници, кои пљачкосуваа со него.
4. Израел го повикува Јефтаја да биде водач
4По некое време Амонците завојуваа против Израел. 5Кога Амонците го нападнаа Израел, галадските старешини тргнаа да го бараат Јефтаја во земјата Тов. 6“Дојди - му рекоа - биди ни војвода, да војуваме против Амонците.“ 7Но Јефтај им одговори на галадските старешини: „Нели вие ме мразевте и нели ме изгонивте од куќата на татка ми? Зошто доаѓате сега при мене, а кога сте во неволја?“ 8Галадските старешини му рекоа на Јефтај: „Затоа дојдовме при тебе: дојди со нас, поведи војна против Амонците, и ќе ни бидеш главатар нам и на сите во Галад.“ 9Јефтај ги праша галадските старешини: „Ако ме одведете назад за да војувам против Амонците, па ако Господ ми ги предаде мене, ќе бидам ли ваш главатар?“ 10“Господ нека биде сведок меѓу нас - му одговорија на Јефтаја градските старешини - дека ќе постапиме според твоето слово!“ 11И Јефтај отиде со старешините на Галад. Народот го постави за свој главатар и војвода; а Јефтај ги повтори сите свои услови пред Господа во Миспа.
5. Амонците бараат враќање на Источен Ханаан
12Тогаш Јефтај му испрати пратеници на царот на Амонците со порака: „Што има меѓу тебе и мене па си дошол да војуваш против мојата земја?“ 13Царот на Амонците им одговори на Јефтаевите посланици: „Во времето кога излегуваше од Египет, Израел ја зазеде мојата земја од Арнон до Јавок и до Јордан. Затоа сега врати ми ја доброволно!“ 14Јефтај повторно му испрати пратеници на царот на Амонците, 15и му порача: „Вака зборува Јефтај: ‘Израел не зеде ни моавска ни амонска земја, 16туку, откако излезе од Египет, Израел помина преку пустината до Црвеното Море и дојде до Кадис. 17Тогаш Израел му испрати пратеници на едомскиот цар со молба: Сакам да поминам низ твојата земја! Но едомскиот цар не ги послуша. Ги испрати и при моавскиот цар, но и тој не сакаше, та Израел остана во Кадис. 18Потоа преку пустината ги заобиколи Едомската и Моавската Земја и дојде на исток од Моавската Земја. Народот постави логор од онаа страна на Арнон не преминувајќи ја границата на Моав, зашто Арнон беше моавска меѓа. 19Потоа Израел му испрати пратеници на Сион, аморејскиот цар, кој владееше во Есевон, и му порача: „Пушти ме да поминам низ твојата земја до местото што ми е одредено.“ 20Но Сион не го пушти Израел да помине преку неговото подрачје, туку ја собра сета своја војска, што беше влогорена во Јаса и зафати бој со Израел. 21Господ, Израелевиот Бог, ги предаде Сиона и сета негова војска во рацете на Израел, кој ги порази; та Израел ја завладеа сета земја на Аморејците, кои го населуваа тоа подрачје. 22Така ја завладеа сета земја на Аморејците од Арнон до Јавок, и од пустината до Јордан. 23И сега кога Господ, Израелевиот Бог, ги протера Аморејците пред Својот народ Израел, ти би сакал да нѐ избркаш? 24Зар не е твое она што твојот бог Хемос им го одзеде на старите сопственици? Така и сѐ она што Господ, нашиот Бог, им го одзеде на старите сопственици, ние го имаме сега во сопственост! 25Во што си ти подобар од моавскиот цар Валак, синот Сефоров? Дали и тој спореше со Израел? Дали тој војуваше против него? 26Кога Израел се насели во Есевон и во неговите села, во Ароир и во неговите села, а така и по сите градови на брегот на Јордан - еве, веќе триста години - зошто тогаш не ги одзедовте? 27Јас не ти згрешив тебе, туку ти ми правиш неправда војувајќи против мене. Господ, Судијата, нека пресуди денес меѓу Израелевите синови и Амоновите синови.’“ 28Но царот на Амонците не ги послуша зборовите што му ги испрати Јефтај.
6. Јевтаево ветување. Пораз на Амонци
29Господов Дух дојде на Јефтај, па тој помина низ Галадовото и низ Манасиевото племе, помина низ Галадска Миспа, а од Галадската Миспа дојде зад Амонците. 30И Јефтај Му се заветува на Господа: „Ако ми ги предадеш Амонците во раце, 31првиот кој ќе излезе низ вратата на мојата куќа за да ме пресретне, кога ќе се враќам како победник од бојот со Амонците, ќе биде Господов, и него ќе го принесам како паленица.“ 32Јефтај тргна против Амонците за да ги нападне, и Господ ги предаде во неговите раце. 33И Јефтај ги порази од Ароир до близу Минт - во дваесет градови - и сѐ до Авел-Керамим. Тоа беше нивни голем пораз; и Амонците беа покорени пред Израел.
7. Јефтај го исполнува своето ветување (завет)
34Кога Јефтај се врати дома во Миспа, ете, во пресрет му излезе ќерката, играјќи при звуци на тапани. Таа му беше единка, освен неа немаше ни син ни ќерка. 35Кога ја виде, ги раздра своите облеки и рече: „Ах, моја ќерко, ме фрли во голема тага! Зар токму ти требаше да ми донесеш несреќа! Те заветував на Господа, и не можам да го одречам заветот.“ 36Таа му одговори: „Татко мој, ако си Му направил завет на Господа, стори со мене како што си се заветувал, зашто Господ ти даде да им се одмаздиш на Амонците, на своите непријатели.“ 37Тогаш го замоли татка си: „Исполни ми ја оваа молба: пушти ме да бидам слободна два месеца; ќе скитам по горите со моите другарки и ќе ја оплачувам мојата девственост.“ 38“Оди“- ѝ рече тој, и ја пушти за два месеца. Таа отиде со своите другарки, и ја оплакуваше својата девственост по горите. 39Кога поминаа два месеца, таа се врати при таткото, и тој го исполни врз неа заветот што го беше направил. И никогаш не беше запознала маж. Оттогаш стана обичај во Израел 40секоја година Израелевите ќерки да отидат и да ја оплакуваат ќерката на Галадецот Јефтај, четири дена во годината.

Currently Selected:

СУДИИ 11: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in