YouVersion Logo
Search Icon

ИСАИЈА 44

44
14. Божји ветувања
1„Сега чуј, Јакове, Мој слуго, Израеле, кого го избрав. 2Вака вели Господ, Кој те создаде, Кој те створи во утробата и те помаза: ‘Не бој се, Јакове, Мој слуго, Ешуруне (Израеле), кого го избрав. 3Зашто ќе излеам вода врз жедна земја, и потоци по сувата почва. Ќе го излеам Својот Дух на твоето семе, и Својот благослов на твоето поколение. 4Ќе растат како трева покрај извор, како врби покрај води што течат.’ 5Еден ќе рече: „Јас сум Господов,“ друг ќе се наречува со Јакововото име. Третиот ќе си напише на раката: „Господов“ и ќе се нарече со Израелевото име.
15. Господ - вистински Бог
6Вака зборува Израелевиот Цар и неговиот Искупител, Господ над Воинствата: ‘Јас Сум првиот и Јас Сум последниот: нема Бог освен Мене. 7Кој е како Јас? Нека стане и нека зборува, нека навестува и нека Ми изложи! Кој откри, од вечноста, што се случило? Нека ни навести уште што ќе дојде! 8Не плашете се, не бојте се: нели оддамна ви го навестив тоа и ви го открив? Вие сте Ми сведоци: има ли Бог освен Мене? Има ли Стена? Јас за друга не знам!’“
16. Безумство на идолопоклонство
9Секој што прави кипови, ништожен е, и неговите скапоцености не се полезни за ништо. Нивните сведоци не гледаат ништо и не знаат ништо, да им бидат за срам. 10Кој прави бог и лее кип нема полза од тоа? 11Ете, сите почитувачи на ликовите ќе бидат засрамени, нивните изработувачи повеќе од било кога. Нека се соберат сите и нека се појават: одеднаш ќе се исплашат и ќе се засрамат.
12Ковачот го изработува врз жив јаглен, го вообликува со чекан, го обработува со силна рака. Гладен е и изнемоштен; не пие вода, се исцрпува. 13Дрводелецот зема мерка, го оцртува ликот со писалка, го истружува со длето, го заокружува со пергел и го изделкува по углед на човечкиот лик, како убаво човечко обличје, за да стои во куќата. 14Си насече за себеси кедри, зеде чемпрес или даб што ги одгледуваше за себе среде горските дрва; или посади бор што расте од дожд. 15На човека му се добри за оган; ги зема да да се огрее; ги пали за да испече леб. Но од нив делка и бог, пред кого паѓа ничкум, прави идол и му се клања. 16И така, половина од тоа запалува оган, пече месо на жар, јаде печено и се сити: се грее и говори: „Ах, се греам и уживам покрај огнот.“ 17Но од она што ќе остане си прави бог, свој идол, паѓа пред него ничкум и му се клања и моли: „Спаси ме, зашто ти си мој бог.“
18Не знаат тие и не разбираат: очите им се заслепени, па не гледаат, и срцето, па не сфаќаат. 19Таквиот не размислува, во него нема ни знаење ни разумност да си рече: „Со половината од ова запалив оган, испеков леб на жарта, го испржив месото што го изедов, па зар од останатото ќе направам гад? Зар ќе му се клањам на дел од дрво?“ 20Тој ја сака пепелта, измаменото срце го заведува. Не ќе го спаси својот живот и никогаш не ќе рече: „Не е ли измама ова во мојата десница?“
17. Господово величие
21„Спомни си за тоа, Јакове, и ти, Израеле, зашто си Мој слуга! Јас те создадов, и слуга си Ми, Израеле, не ќе те заборавам! 22Како магла ги растерав твоите престапи и како облак твоите гревови. Обрати Ми се Мене, зашто Јас те искупив.“ 23Воскликнувајте, небеса, зашто Господ го направи тоа! Запејте, земни длабочини! Одекнувајте со радост, планини, и вие, гори, со сите свои дрва! Зашто Господ го откупи Јакова, се прослави во Израел!
24Вака зборува Господ, твојот Искупител и твојот Творец во утробата: „Јас Сум Господ Кој Сум создал сѐ, Кој ги оптегна Сам небесата, и ја зацврстив земјата без ничија помош. 25Јас ги осуетувам знаците на вражалецот, и маѓесниците ги претворувам во безумници; ги присилувам мудреците да се повлечат и нивната мудрост ја претворувам во безумие, 26но го потврдувам словото на Својот слуга, го исполнувам наумот на Своите гласници. Јас му зборувам на Ерусалим: ‘Насели се!’ И на јудејските градови: ‘Изградете се!’ Јас ги издигам од урнатините. 27Јас му велам на морето: ‘Пресуши! Ти ги пресушувам реките.’ 28Јас му велам на Кира: ‘Пастиру мој!’ И тој ќе ги исполни сите Мои желби, велејќи му на Ерусалим: „Изгради се!“ И на Храмот: „Положи си ги основите!“‘

Currently Selected:

ИСАИЈА 44: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in