YouVersion Logo
Search Icon

ИСАИЈА 43

43
11. Обнова на Израел
1Сега вака зборува Господ, Кој те создаде, Јакове, Кој те створи, Израеле: „Не бој се, зашто Јас те откупив; те повикав по име, ти си Мој! 2Кога преминуваш преку вода, со тебе Сум; или преку река, нема да те потопи. Ако тргнеш низ оган, не ќе изгориш, пламенот нема да те опали. 3Зашто Јас Сум Господ, твојот Бог, Израелев Светец, твој Спасител. Го давам Египет за твоја откупнина, ги давам Етиопија и Сева место тебе. 4Зашто си скапоцен во Моите очи, ценет си, и Јас те возљубив. Затоа и давам луѓе за тебе, и народи за твојот живот. 5Не бој се, зашто Јас Сум со тебе. Твоето потомство ќе го доведам од исток и ќе те соберам од запад. 6Ќе му речам на север: ‘Дај ми го!’ а на југ: ‘Не задржувај го!’ Доведи Ми ги синовите од далеку, а Моите ќерки од крајот на земјата, 7сите кои се наречуваат со Моето Име, и кои ги создадов за Своја Слава, кои ги створив и ги направив.“
12. Израел - Господов сведок
8Изведи го слепиот народ, иако има очи, и глувиот, иако има уши. 9Нека се соберат сите племиња и нека се приберат сите народи. Кој од нив го прорече тоа и го навести одамна? Нека доведат сведоци за да се оправдаат, нека се чуе дека може да се рече: „Вистина е!“ 10„Зашто вие сте Ми сведоци,“ слово е Господово, „и Мои слуги кои ги избрав, за да знаете и верувате и да видите дека тоа Сум Јас. Пред Мене ниеден бог не беше направен и не ќе биде после Мене. 11Јас, Јас Сум Господ, нема Спасител освен Мене. 12Јас прореков, спасив и навестив, и нема туѓинец меѓу вас! Вие сте Ми сведоци,“ слово е Господово, „а Јас Сум Бог, 13од вечноста - Јас Сум! И никој не избавува од Мојата рака; што ќе направам, кој може да го измени?“
14Вака говори Господ, вашиот Искупител, Израелевиот Светец: „Заради вас испратив во Вавилон, ќе ги кутнам лостовите на затворите, и Халдејците ќе почнат да лелекаат. 15Јас Сум Господ, вашиот Светец, Израелевиот Творец, вашиот Цар!“
16Вака зборува Господ, кој направи пат по морето и патека по силните води; 17„Кој ги изведе бојните коли и коњаниците, војската и јунаците, и тие паднаа за да не се кренат веќе, згаснаа, се угаснаа како фитил: 18„Не спомнувајте си за она што се збидна, не мислете за она што помина. 19Еве, правам нешто ново; веќе се појавува. Зар не забележувате? Да, ќе направам пат во пустината, и патека во безводна земја. 20Дивите ѕверови ќе Ме слават, шакалите и ноевите, зашто ќе создадам вода во пустината, реки во степата, за да го напојам Мојот народ, Мојот избраник. 21И народот што го создадов за себе ќе ја возвестува Мојата слава!
13. Бесплатно спасение
22Но ти, Јакове, не Ме повика, ниту се измори околу Мене, Израеле! 23Не Ми принесуваше јагниња за паленици, не Ме почитуваше со жртви. А Јас не те принудував за приноси, не ти здодевав барајќи кадеж. 24Не Ми купуваше трска за сребреници, не Ме ситеше со салото од своите жртви; туку Ме мачеше со своите гревови, Ми здодеваше со своето беззаконие.
25А Јас, заради Себе ги бришам твоите престапи, и не си спомнувам за твоите гревови. 26Потсети Ме, за да се спориме заедно, зборувај Ми за да се оправдаш. 27Прв згреши твојот татко, твоите посредници се одметнаа од Мене, 28твоите првенци го онечистија Светилиштето. Тогаш ги предадов: Јакова на проклетство, а Израел на потсмев.

Currently Selected:

ИСАИЈА 43: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in