YouVersion Logo
Search Icon

ИСАИЈА 42

42
8. Господов Слуга
1„Еве Го Мојот Слуга Кого Го поткрепувам, Мојот Избраник, мил на Мојата душа. Го излеав Својот Дух на Него, за да им донесува право на народите. 2Тој не вика, Тој не го крева гласот, ниту може да се чуе по улиците. 3Тој не ја крши напукнатата трска ниту ја гасне светилката што тлее. Верно Тој донесува правда, 4не постанува и не се истоштува, додека не воспостави правда на земјата. Островите копнеат по Неговата наука.“
5Вака зборува Господ, Бог, Кој ги создаде и ги оптегна небесата, Кој ја распростре земјата и нејзините растенија, Кој им дава здив на народите на неа, и здив на суштествата што одат по неа. 6„Јас, Господ, те повикав во правда, те зедов цврсто за рака; те вообличив и те поставив за Завет на народот и за светлина на племињата, 7за да им ги отвориш очите на слепите, за да ги извадиш затворениците од темницата, од темнината оние што живеат во мрак. 8Јас, Господ Ми е Име, не му ја давам Мојата Слава на друг, ниту Својата чест на киповите. 9Што прореков порано, ете, се збидна, и нови настани Јас навестувам, и пред да се покажат, ви ги јавувам вам.“
9. Песна за избавување
10Пејте Му на Господа нова песна и Негова фалба од крајот на земјата, нека Го слави морето со сѐ што е во него, островите и нивните жители! 11Нека кренат глас пустината и нејзините градови, нека извикаат населбите каде што живеат Кидарците! Нека подвикнуваат жителите на Стената, нека воскликнуваат од горските врвови! 12Нека Му даваат слава на Господа и нека му ја возвестуваат фалбата по островите! 13Господ излегува како Јунак, како војник ја поттикнува својата жар. Со борбен извик и со воена викотница оди јуначки на Својот непријател.
14„Молчев долго, бев тивок, се воздржував; сега викам како жена кога раѓа, збивам и воздивнувам. 15Ќе ги запустам планините и бреговите, ќе го исушам сето зелено во нив, реките ќе ги претворам во степи и ќе ги исушам езерата. 16Ќе ги водам слепците по патиштата, ќе ги упатам по патеките. Пред нив ќе ја обрнам темнината во светлина, а нерамната почва во рамна. Тоа ќе го направам и нема да ги оставам. 17Ќе се вратат назад во голем срам оние што се надеваат на идоли, кои им зборуваат на леаните ликови: ‘Вие сте наши богови.’
10. Израелева заслепеност
18Чујте, глуви! Прогледајте, слепи, да видите! 19Кој е слеп ако не Мојот слуга, кој е глув како гласникот што го испраќам? Кој е слеп како пријателот, кој е глув како Господовиот слуга? 20Многу виде, но не се грижеше, ушите ти беа отворени, но не чу!“
21На Господа Му се свиде заради Неговата праведност да го возвеличи и прослави Законот. 22А овој народ е опљачкан и ограбен, неговите млади ставени се во клади, фрлени во темници. Ги пленуваат, а никој нема да ги избави; ги заробуваат, а никој нема да рече: „Врати ги!“ 23Кој од вас се грижи за тоа? Кој пази и слуша однапред? 24Кој му го предаде Јакова на ограбувачот и Израел на присвојувачот? Не е ли Господ, против Кого грешевме, по чии патишта не сакавме да одиме, чиј Закон не сакавме да го слушаме? 25Затоа ги излеа врз Израел Својот жарок гнев и воените стравотии: пламен го опкружи отсекаде, но тој не го сфати тоа; го изгоре, но тој и тоа не го зеде на срце.

Currently Selected:

ИСАИЈА 42: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in