YouVersion Logo
Search Icon

ИСАИЈА 29

29
Б. Предупредување за Јуда и Ерусалим (Ариел)
1. Понижување на безгрижни Јудејци
1Тешко на Ариел! На Ариел, на градот што го опсади Давид! Нека се ниже година по година, нека се изредат празниците, 2па ќе го притиснам Ариел, и ќе настанат пискотница и лелекање. За мене ќе бидеш Божјо Огниште, 3ќе те опколам како Давид, ќе те опкружам со ровови, ќе подигнам насипи спроти тебе. 4Соборен ќе зборуваш од земјата, од правот ќе тепкавиш со задушен збор, гласот ќе ти се крева од земјата како на покојник, ќе шептиш беседи од правот.
2. Ненадејно истребување на Израелеви непријатели
5А мноштвото на твоите непријатели ќе биде како ситен прав, толпата насилници - како развеана плева: и одеднаш, во еден миг: 6ќе те посети Господ над Војските со грмеж, со татнеж, со голем шум, со виор, со бура и со пламен оган што голта. 7Ќе бидеш како сон, како ноќно видение: мноштво на сите народи што војуваат со Ариел и на сите оние кои завојуваа против него и против неговата тврдина и кои го притискаа отсекаде. 8Ќе биде како кога гладниот сонува дека јаде, а се разбудува со празен желудник; и како кога жедниот сонува дека пие, па се разбудува - изнемоштен - со суво грло. Така ќе им се случи на многуте народи, кои војуваа против Сионската Гора.
3. Неразумност на дволична вера
9Застанете, скаменете се од чудо, ослепете и заслепете се! Пијани се, ама не од вино, се тетерават, ама не од жесток пијалак. 10Господ излеа на вас дух на премалување, ги затвори вашите очи - пророците, ја прекрши вашата глава - гледачите.
11Затоа секое видение ќе ви биде како зборови во запечатена книга: ако му биде дадена на некој што знае да чита, велејќи: „Ајде, читај го тоа!“ - тој ќе одговори: „Не можам, зашто е запечатена.“ 12А ако му биде дадена на некој што не знае да чита, велејќи: „Читај го тоа!“ - тој ќе одговори: „Не знам да читам.“ 13Господ рече: „Бидејќи овој народ Ми пристапува само со устата, и Ме почитува само со усните, а срцето му е далеку од Мене, и неговото почитување научено од човечки одредби, 14затоа, еве, и натаму ќе постапувам чудно со овој народ - чудно и пречудно: и ќе пропадне мудроста на неговите мудреци, ќе потемнее умноста на неговите умници.“
15Тешко им на оние што се кријат од Господа, за да ги скријат своите намери, и кои во мрак дејствуваат и зборуваат: „Кој нѐ гледа и кој нѐ позна?“ 16Колкаво безумство! Дали се цени глината колку грнчарот, па делото да му рече на својот творец: „Тој не ме направи?“ Или грнецот да му рече на грнчарот: „Тој не разбира ништо?“
4. Избавување на Божји народ од ослепување
17Не ќе ли се претвори скоро Ливан во градина, а овошникот да се изроди во гора? 18И во оној ден глувите ќе го чујат словото на книжниот свиток; очите на слепите, ослободени од мракот и темнината, ќе гледаат. 19А бедните пак ќе се радуваат во Господа, најбедните ќе Му воскликнуваат на Израелевиот Светец, 20зашто ќе нема веќе насилници, ќе ги снема потсмевачите, ќе бидат истребени сите кои смислуваат зло: 21оние кои ги обвинуваат другите со зборови, оние кои поставуваат стапица на вратата на судијата и за ништо го соборуваат праведникот.
5. Симнување на понижување од Јаков
22Затоа вака зборува Господ, Бог на Јакововиот дом, Кој го откупи Авраама: „Отсега Јаков не ќе се срами веќе, и не ќе му бледнее веќе лицето, 23зашто кога ќе го види сред себе делото на Моите раце, ќе го свети Моето Име.“ Ќе го светат Јакововиот Светец, ќе се бојат од Израелевиот Бог. 24Заблудените во духот ќе се вразумат, а оние што м’рморат ќе примаат поука.

Currently Selected:

ИСАИЈА 29: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in