YouVersion Logo
Search Icon

ИСАИЈА 28

28
КНИГА НА ПРОРОШТВА ЗА САМАРИЈА (ЕФРЕМ) И ЗА ЕРУСАЛИМ
28:1-33:24
А. Предупредување и закани за Ефрем
1. Тешко им на пијаните Ефремовци
1Тешко му на горделивиот венец на Ефремовите пијаници, на блескавиот накит на овенат цвет -на оние кои врз плодниот дол лежат испијанети со вино! 2Еве, од Господа доаѓа еден силен и моќен, како пороен дожд со град, како разурнувачки виор, како истурување на облаците и поплава, и ги фрла со сета сила на земја. 3Ќе биде изгазен со нозете горделивиот венец на Ефремовите пијаници, 4и овенатиот цвет на неговиот блескав накит над плодните долини; ќе биде како смоква - ранка пред летото: штом некој ја забележува, веднаш ја бере. 5Во оној ден, Господ над Воинствата ќе му стане круна на славата и сјаен венец на Остатокот на Својот народ - 6Дух на правдата за оној кој седи на судска столица, и храброст за оној кој го одбива нападот на вратата. 7Тие се занесуваат од вино се заблудуваат од жесток пијалак: свештениците и пророците се сопнуваат од жестокиот пијалак; победени од виното; обезумени од сикер; грешат во виденијата, се сопнуваат во судењето. 8Сите трпези се полни со гнасни болваници, никаде нема чисто место!
2. Хулителите ќе паднат под сѐпоразувачки бич на Асирија
9„Кого учи тој на мудрост, кого упатува тој во учење? Зар децата одвикнати од млеко, одбиени од градите? 10Заповед на заповед, заповед на заповед, правило на правило, правило на правило малку тука, малку таму.“ 11Да, со пелтечави усни и на странски јазик ќе му се зборува на овој народ. 12Тој ми рече: „Еве починка, оставете го заморениот да почине! Еве одмор!“ Но не сакаа да послушаат. 13Затоа Господ ќе им зборува вака: „Заповед на заповед, заповед на заповед, правило на правило, правило на правило малку тука, малку таму.“ За да паднат задничкум одејќи, за да се скршат, да се сплеткаат и да се фатат. 14Затоа чујте го Господовото слово, вие потсмевачи, вие што владеете со овој народ, што е во Ерусалим. 15Вие велите: „Склучивме сојуз со смртта и направивме спогодба со Подземјето. Кога ќе помине разурнувачкиот бич, не, нема да нѐ фатат, зашто од лагата си направивме засолниште и од измамата скривалиште.“ 16Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, поставувам одбран камен на Сион, скапоцен камен аголен, основник. Оној кој верува во него, не ќе пропадне. 17И ќе ја земам правината за мерка, а правдата за мерилка.“ И градот ќе ви го смете засолништето од лагата, а водата ќе ви го наводни скривалиштето; 18ќе пропадне вашиот сојуз со смртта, вашата спогодба со Подземјето не ќе се додржи. Кога ќе помине разурнувачкиот бич, ќе ве сотре; 19кога и да помине, ќе ве дофати; ќе поминува секое утро, дење и ноќе. И само гласот за него ќе внесува страв. 20Постелата ќе биде прекуса за да се испружи човек, покривката претесна за да се завитка. 21Да, како на гората Ферасим, Господ ќе стане, како во Гаваонската Долина, Тој ќе се разјари, за да го изврши Своето дело, чудесно дело, за да го исполни Својот наум, таинствен наум. 22Откажете се од потсмевањето, за да не ве стегнат оковите посилно; зашто чув дека ѝ е од Господа, од Господа над Воинствата, пресудено уништување на оваа земја.
3. Приказна за земјоделец
23Послушајте го и чујте го мојот глас, прислушнете ја внимателно мојата беседа. 24Ора ли орачот секој ден, дали отвара бразди, дали влече брана во својата нива? 25А кога ќе ѝ ја израмни поврвнината, не сее ли грав, не турува ли ким? Пченица каде што треба, просо и јачмен, и најпосле ‘рж по рабовите? 26Неговиот Господ го упатува, Тој го учи на вистинско дело. 27Зашто гравот не се врши со брана, не со тркало врз кимот, туку гравот се врши со стап, а кимот се чука со прачка. 28А дали се дроби житото? Не, не ќе го чукаш довека: врз него ќе спотераш колско тркало и коњи, но не ќе го здробиш. 29И тоа доаѓа од Господа над Војските, со советот на Прекрасниот со мудроста на Великиот.

Currently Selected:

ИСАИЈА 28: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in