YouVersion Logo
Search Icon

ИСАИЈА 14

14
2. Победоносна песна над вавилонски цар
1Да, ќе му се смилува Господ на Јакова и пак ќе го избере Израел, ќе му даде да почине во својата земја. Ќе му се придружи придојденикот и ќе му се приклучи на Јакововиот дом. 2Самите народи ќе дојдат по нив и ќе ги одведат во нивниот крај, а Израелевиот Дом ќе ги наследи нив во Господовата земја како слуги и слугинки. И ќе ги заробат оние кои ги пленија нив, и ќе господарат над своите угнетувачи. 3Во денот кога Господ ќе ти даде да починеш од своите страдања, немири и од тешкото робување со кои те притиснаа, 4ќе му ја запееш оваа пословица на вавилонскиот цар: „Како го снема насилникот? Како исчезна угнетувањето? 5Господ го скрши злосторничкиот стап и владетелското жезло 6што бесно ги биеше народите со удари без крај, што владееше гневно над народите, прогонувајќи ги без милост. 7Во починка мирува сета земја воскликнувајќи од радост. 8Чемпресите и ливанските кедри ќе се радуваат над тебе, велејќи: ‘Откако падна, дрвосечачите не доаѓаат веќе да нѐ сечат!’ 9Заради тебе се возбуди Подземјето за да те пречека кога ќе дојдеш. Во твоја чест, тоа ги разбудува сенките, сите земни насилници, тоа ги крева од престолите сите цареви на народите. 10Сите тие ќе ти прозборуваат: ‘И ти си скршен како нас, стана сличен со нас. 11Твојата гордост се сурна во Подземјето, и вревата на твоите харфи; под тебе е легло на гнилеж, а црвите се твоја покривка.’
12Како падна од небото Деницо (Светлоносецу), сине Зорин? Како ли си симнат на земјата ти, угнетувачу на народите? 13Зборуваше во своето срце: ‘Ќе се искачам на небесата, над Божјите ѕвезди ќе си издигнам престол за себе. На собирната гора ќе престолувам, на краен север. 14Ќе се искачам во облачните висини, ќе бидам еднаков со Сѐвишниот.’ 15А се сруши во Подземјето, во длабочините на пропаста!
16Кои те видоа, те набљудуваат и размислуваат за тебе: ‘Дали е ова човекот кој ја тресеше земјата и ги разнишуваше царствата, 17кој го претворуваше светот во пустина и на земјата ги срамнуваше градовите, кој никогаш не ги пушташе дома своите заробеници?’ 18Царевите на народите почиваат сите во чест, секој во својата гробница. 19А ти си исфрлен и од гробот, како одвратен смет, покриен со заклани, со прободени од меч, што се расфрлени по гробните плочи како згазен труп! 20Не ќе се здружиш со нив во гробот, зашто ја уништи својата земја и го искла својот народ. И довека веќе не ќе се спомнува злосторничкото племе. 21Подгответе колеж на децата за беззаконијата на нивните татковци, за да не се кренат веќе да ја освојуваат земјата и да не го покријат лицето на светот!“
22„Ќе станам против нив - вели Господ над Војските, и ќе му ги сотрам на Вавилон името и Остатокот, родот и породот - вели Господ. 23Ќе им го дадам во сопственост на ежевите и на мочуриштата. Ќе го изметам со гибелна метла,“ говори Господ над Воинствата.
Б. Отфрлање на Асирија
24Господ над Воинствата се заколна: „Што намислив, ќе се збидне, што наумив, ќе се изврши! 25Ќе ја скршам Асирија во Својата земја, ќе ја згазам на Своите гори. Неговиот јарем ќе падне од нив, неговото бреме ќе падне од нивните плеќи. 26Таква одлука е донесена против целата земја; таква рака е испружена против сите народи! 27А кога Господ над Војските одлучи, кој ќе се воспротиви? Кога ќе ја испружи раката, кој ќе ја одврати?“
В. Пророштво за Филистејската Земја
28Во онаа година кога умре царот Ахаз беше објавено ова пророштво: 29„Не радувај се, сета Филистејска Земјо, дека се скрши жезалот што те удираше, зашто од змииниот корен ќе излезе лутица, што ќе роди крилест змев. 30Првородените на сиромасите ќе се нахранат и сиромасите ќе почиваат во безопасност; со глад ќе го умртвам твојот род и ќе го погубам тоа што ќе остане од тебе. 31Ридајте врати! Извикувај, граду! Трепери, цела Земјо Филистејска! Зашто доаѓа дим од север, и неговите чети никој не ги напушта!“ 32Што ќе им се одговори тогаш на гласниците на народите? „Господ го основа Сион, и во него се заштитени бедните на неговиот народ.“

Currently Selected:

ИСАИЈА 14: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in