ИЗЛЕЗ 39
39
Облека за првосвештеникот Арон
1Од љубичестото, црвеното и темноцрвеното предено направија убаво изработено руво за служба во Светилиштето; направија света облека за Арона, како што Господ му нареди на Мојсеја.
2Наплеќникот го направија од злато, љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. 3Исковаа златни плочки, а потоа ги исекоа на нишки, за да ги испреплетат уметнички во љубичестото, црвеното и темноцрвеното предено и во препредениот лен. 4За наплеќникот направија прекурамници што беа составени со него на своите два краја; 5ткаенината што стоеше на него, беше направена од злато, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен како и тој, и од едно парче со него како што Господ му нареди на Мојсеја. 6Камењата на ониксот ги опточија со раб од злато. Врз нив беа, како што се режат печатите, врезани имињата на Израелевите синови. 7Нив ги ставија на прекурамениците на наплеќникот, за да бидат спомен-камења на Израелевите синови, како што Господ му нареди на Мојсеја.
8И врзградникот го изработија со работата на вештаците како и наплеќникот: од злато, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. 9Врзградникот го направија четириаглест, двоен; беше долг една педа, широк педа, а удвоен. 10Вметнаа во него четири реда бесцени камења. Првиот ред беше од сард, топаз и смарагд; 11вториот ред од антракс, сафир и адамант; 12третиот ред од лигур, ахад и аматист; 13а четвртиот од кризолит, оникс и јаспис. Сето тоа беше обрабено со злато. 14На бесценетите камења беа имињата на Израелевите синови. На број беа дванаесет колку и нивните имиња. Беа врезани како и печати - секој камен со името на едно од дванаесетте племиња. 15За врзградникот направија веришки од чисто злато како засукани врвци. 16Потоа направија две златни рамки и две златни колца па ги прицврстија двете колца за двата горни агли на врзградникот. 17Сега ги заврзаа тука засуканите врвци од злато за двете колца што беа прицврстени за аглите на врзградникот. 18Другите два краја на засуканите врвци ги прицврстија за две рамки. Така ги поврзаа со прекурамениците на наплекниќот однапред. 19Потоа направија две златни колца па ги прицврстија за двата краја на врзградникот покрај внатрешниот раб, свртен кон наплеќникот. 20Уште направија две златни колца па ги прицврстија за долниот, преден крај на прекурамениците на наплеќникот, крај местото каде се врзува, врз ткаенината на наплеќникот. 21Ги врзаа колцата на врзградникот со колцата на наплеќникот со сина врвца, така што врзградникот да стои над препашката на наплеќникот и да не може да се одвои од наплеќникот, како што и Господ му нареди на Мојсеја.
22Направија и наметка за наплеќникот од љубичесто предено. 23Во средината на наметката имаше прорез како отвор на оклоп, разрез опшиен наоколу, за да не се скине наметката. 24На долниот раб на наметката направија калинки од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. 25А направија и ѕвончиња од чисто злато, па ѕвончињата ги врзаа меѓу калинките; сѐ наоколу во долниот раб на наметката меѓу калинките: 26ѕвонче па калинкин цвет, ѕвонче па калинкин цвет околу долниот раб на наметката за вршење на служба, како што Господ му нареди на Мојсеја.
27Потоа од исткаен лен направија кошули за Арона и за неговите синови; 28а направија и капа од лен и капчиња од лен; направија платнени гаќи од препреден лен. 29И појасите беа од препреден лен и од љубичесто, црвено и темноцрвено предено, извезани, како што Господ му нареди на Мојсеја.
30Направија и плоча, свет венец, од чисто злато, и врз неа врежан натпис како што се врезува на печатен прстен: „Посветен на Господа.“ 31За неа приврзаа сина врвца, за да можат да ја врзат на врвот на капата, како што Господ му нареди на Мојсеја.
32Така беа завршени сите работи на Шаторот на средбата. Израелците направија сѐ онака како што Господ му нареди на Мојсеја да направат. 33Тогаш му ги донесоа на Мојсеја: Шаторот и сиот негов прибор: неговите куки, неговите даски, неговите лостови, неговите столбови и неговите подножја; 34покрив од направени црвени овновски кожи, покрив од јазовечки кожи, завесата за засолнување; 35Ковчегот на сведоштвото со неговите ластегарки и Очистилиштето; 36столот и сиот негов прибор, принесените лебови, 37светилникот од чисто злато со неговите светилки - светилки веќе ставени во ред - и сиот негов прибор - и масло за осветление; 38златен жртвеник, миро за помазание, благомиризлив темјан и завесата за влезот во Шаторот; 39жртвеник од бронза со бронзена решетка; неговите ластегарки и сиот негов прибор; мијалникот и неговата потпирка; 40завесите за дворот; нивните столбови и нивните подножја; завесата за дворниот влез, неговите јажиња и нивните колчиња - сиот прибор за служба во Шаторот на средбата; 41убаво изработени облеки за служба во Светилиштето - света облека за свештеникот Арон и облеки за свештеничката служба на неговите синови. 42Токму како што Господ му нареди на Мојсеја, така Израелците ја свршија целата работа. 43Мојсеј ги прегледа сите работи и утврди дека ги довршиле: како што Господ нареди, така и ги направија. И Мојсеј ги благослови.
Currently Selected:
ИЗЛЕЗ 39: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.