YouVersion Logo
Search Icon

ИЗЛЕЗ 40

40
Божја повелба за поставување на Шаторот
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Во првиот ден на првиот месец издигни го Шаторот на средбата. 3Таму стави го Ковчегот на сведоштвото, потоа засолни го Ковчегот со завеса. 4Потоа внеси го столот и нареди на него што му припаѓа; внеси го и светилникот и приготви му ги светилките. 5А златниот жртвеник за кадење стави го пред Ковчегот на сведоштвото. Потоа обеси ја завесата над влезот во Шаторот. 6Стави го жртвеникот за паленици пред влезот на Шаторот на средбата. 7Меѓу Шаторот на средбата и жртвеникот смести го мијалникот и тури вода во него. 8Наоколу направи двор и обеси завеса над дворниот влез. 9Потоа земи миро за помазание и помажи ги Шаторот и сѐ што е во него; посвети го и сиот негов прибор, и ќе станат свети. 10Потоа намачкај го жртвеникот за жртви паленици, и жртвеникот ќе стане пресвет. 11Помажи го мијалникот со неговата потпирка: посвети го! 12Потоа доведи ги Арона и неговите синови при влезот на Шаторот на средбата и измиј ги со вода. 13Тогаш облечи го Арона во посветената облека, помажи го и посвети го за да Ми служи како свештеник. 14Доведи ги и неговите синови, облечи ги во кошулите 15и помажи ги, како што го помаза и нивниот татко, за да Ми служат како свештеници. Нивното помазание нека ги воведе во вечно свештенство, во сите нивни поколенија.“
Мојсеевата послушност
16Мојсеј направи вака. Како што му заповеда Господ, сѐ и така направи. 17Во првиот ден на првиот месец на втората година, Шаторот беше подигнат. 18Мојсеј го намести Шаторот вака: ги размести неговите подножја, тогаш ги исправи нагоре неговите даски, потоа ги постави лостовите и подигна столбови. 19Потоа распростре покривало над Шаторот, а над него го стави покривот на Шаторот, како што Господ му нареди на Мојсеја. 20Тогаш го зеде Сведоштвото и го положи во Ковчегот; ги провлече ластегарките на Ковчегот; потоа го намести Очистилиштето одозгора на Ковчегот. 21Потоа го внесе Ковчегот во Шаторот; ја обеси завесата за засолнување. Така го засолна Ковчегот на сведоштвото, како што Господ и му нареди на Мојсеја. 22Потоа го положи столот во Шаторот на средбата, на северната страна на Шаторот, но надвор од завесата. 23На него ги принесе лебовите пред Господа, како што Господ му нареди на Мојсеја. 24Тогаш го смести светилникот во Шаторот на средбата спроти столот, на јужната страна на Шаторот. 25И ги запали светилките пред Господа, како што Господ му нареди на Мојсеја. 26Златниот жртвеник го смести во Шаторот на средбата, пред завесата. 27Запали врз него благомиризлив темјан, како што Господ му нареди на Мојсеја. 28Потоа ја закачи завесата на влезот во Шаторот. 29При влезот во Шаторот на средбата, го намести жртвеникот за жртви паленици. Врз него принесе жртва паленица и лебен принос, како што Господ му нареди на Мојсеја. 30Меѓу Шаторот на средбата и жртвеникот го смести мијалникот, па тури во него вода за миење. 31Мојсеј, Арон и неговите синови ги мијеа своите раце и своите нозе од него. 32А ги миеја кога влегуваа во Шаторот на средбата и кога пристапуваа кон жртвеникот, како што Господ му нареди на Мојсеја. 33Најпосле Мојсеј направи двор околу Шаторот и жртвеникот и обеси завеси на дворната врата. Така Мојсеј ја сврши работата.
Господовата слава го исполнува Шаторот
34А тогаш облак го прекри Шаторот на средбата и Господовата слава го исполни Шаторот. 35Мојсеј не можеше да влезе во Шаторот на средбата заради облакот што стоеше на него и заради Господовата слава што го исполнуваше Шаторот. 36За цело време на нивното патување, штом облакот ќе се кренеше од Шаторот, Израелците тргнуваа: 37но ако облакот не се кренеше, ни тие не тргнуваа на пат сѐ до денот кога ќе се кренеше. 38Зашто за целото време на нивното патување Господовиот облак стоеше дење над Шаторот, а ноќе се појавуваше во облакот оган, видлив за сиот Израелов дом.

Currently Selected:

ИЗЛЕЗ 40: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in