YouVersion Logo
Search Icon

ЕФЕСЈАНИТЕ 5

5
1И така, угледајте се на Бога, како возљубени деца, 2и одете во љубов, како што и Христос ве љубеше вас и Се предаде Себеси за нас, како принос и жртва на Бога за благопријатен мирис.
3А блудството и секаква нечистота или лакомост, да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светите! 4Ниту срамни и празни зборови, ниту смешки, што се неприлични, туку подобро благодарност! 5Зашто, знајте го ова добро: ниеден блудник, ниеден нечист, ниеден лакомец - кој е идолопоклоник - нема наследство во Христовото и Божјото Царство! 6Никој да не ве мами со празни зборови, зашто заради тие нешта доаѓа Божјиот гнев врз непокорните синови. 7И така, не бидете нивни соучесници! 8Зашто некогаш бевте темнина, но сега сте светлина во Господа; живеете како деца на светлината, 9а плодот на Духот се состои во секаква добрина, во праведност и во вистина! 10Испитувајте што Му е угодно на Господа! 11И не бидете соучесници во бесплодните дела на темнината, туку подобро: прекорувајте ги! 12Зашто е срамно да се зборува и за она што тие го вршат потајно. 13А сѐ што се прекорува станува јавно преку светлината, зашто сѐ што станува јавно, светлина е. 14Затоа се вели: „Стани, ти кој спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!“
15И така, внимавајте грижливо како живеете! Не како немудри, туку како мудри; 16искупувајте го времето, зашто дните се зли! 17Затоа не бидете неразумни, туку разберете што е Господова волја! 18И не се пијанете со вино, во кое е разузданоста, туку полнете се со Духот! 19Зборувајте си еден на другиот со псалми, и химни, и со духовни песни! Пејте Му на Господа и воспевајте Го во вашите срца! 20Благодарете Му секогаш за сѐ на Бог и Таткото, во името на нашиот Господ Исус Христос! 21Покорувајте се еден на друг во страв од Христа!
Должности во семејството и дома
22Жените да им се покоруваат на своите мажи, како на Господа, 23зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос Глава на Црквата, и Тој е Спасител на Телото! 24И како што Црквата Му се покорува на Христа, така да им бидат и жените покорни во сѐ на своите мажи. 25Мажи, љубете ги своите жени, како што и Христос ја возљуби Црквата и Се предаде Сам Себеси за неа, 26за да ја освети, очистувајќи ја со водно капење во словото, 27и да ја претстави пред Себе славната Црква, која нема дамка, ниту брчка, или нешто слично, за да биде света и непорочна. 28Така и мажите се должни да ги љубат своите жени како своите тела. Кој ја љуби својата жена, се љуби себеси. 29Зашто никој никогаш не го замразил своето тело. Но го храни и го стоплува како и Христос Црквата. 30Зашто, ние сме членови на Неговото Тело - од Неговото месо и Неговите коски. 31“Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи кон својата жена, и двајцата ќе станат едно тело.“ 32Оваа тајна е голема - а јас зборувам гледајќи на Христос и на Црквата. 33И така, секој од вас да ја љуби својата жена како себеси, а жената да го почитува својот маж.

Currently Selected:

ЕФЕСЈАНИТЕ 5: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in