ЕФЕСЈАНИТЕ 4
4
Повик кон единство
1Затоа ве молам, јас затвореник во Господа, да живеете достојно според звањето во кое сте повикани: 2со секаква понизност и кроткост, со трпеливост, поднесувајќи се едни со други во љубов! 3Настојувајте да го запазите единството на Духот во врската на мирот. 4Едно тело и еден Дух, како што сте и вие повикани во една надеж на вашето звање; 5еден Господ, една вера и едно крштавање; 6еден Бог и Татко на сите, Кој е над сите, и преку сите и во сите. 7А секому од нас му е дадена благодатта според мерката на Христовиот дар. 8Затоа се вели: „Издигајќи се на височина, поведе робје; им даде дарови на луѓето.“ 9А „се издигна“ - што значи друго, туку дека слегол во долните места на земјата? 10Тој Кој слезе, тоа е Оној истиот, Кој се издигна над сите небеса, за да исполни сѐ. 11И Тој даде едни за апостоли, а други за пророци; едни за евангелисти, а други за пастири и учители, 12за да се усовршат светите за делото на службата, за изградување на Христовото Тело, 13додека сите не дојдеме до единството на верата и на познавањето на Божјиот Син, до совршениот човек, до полната мерка на Христовиот раст: 14за да не бидеме веќе деца, кои ги лулее и ги носи секој ветар на науката, што - со човечката измама и лукавство - доведува до итро измислени заблуди. 15Туку, говорејќи ја вистината, во љубов, ние треба да растеме во сѐ - кон Него, Кој е Глава, Христос. 16Од Него целото Тело е поврзано и соединето во едно, на тој начин што секој дел дава поткрепа според една мерка на секој одделен дел; тоа прави Телото да расте за својата сопствена надградба во љубов.
Христијанска светост
17Ова го велам и сведочам во Господа, да не живеете веќе како што одат народите во суетата на својот ум, 18помрачени во својот разум, оттуѓени се од Божјиот живот, заради незнаењето кое владее во нив, заради закоравеноста на нивното срце. 19Откако го изгубија чувството, тие ѝ се предадоа себеси на разузданоста, за да прават секаква нечистота во лакомост. 20А вие не Го познавте така Христа, 21ако сте чуле за Него и ако сте во Него поучени онака, како што е вистината во Исуса; 22во однос на својот поранешен живот, вие треба да го соблечете од себе стариот човек, кој тлее заради измамливите страсни желби, 23и да се обновувате во духот на својот ум, 24и да се облечете во новиот човек, кој е создаден според Бога во правдата и светоста на вистината.
25Затоа отфрлете ја лагата и зборувајте вистина секој со својот ближен, зашто сме членови едни на други! 26Ако сте гневни, не грешете! Сонцето да не зајде во вашиот гнев, 27и не давајте му место на ѓаволот! 28Кој крадел, да не краде веќе! Подобро е да се труди и да работи со своите раце она што е добро, за да може да му дава на оној, кој има потреба! 29Никаков гнил збор да не излегува од вашата уста, туку само полезен за изградување, - каде е потребно, за да им даде благодат на слушателите. 30И не жалостете Го Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето! 31Секое огорчение, и јарост, и гнев, и викање и хулење, да бидат отстранети од вас, со секаква злоба. 32Бидете еден кон друг добри, милостиви, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости вам во Христа.
Currently Selected:
ЕФЕСЈАНИТЕ 4: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.