YouVersion Logo
Search Icon

ДАНИЕЛ 8

8
Б. Видение на овен и јарец
1. Мидо-персиски цареви и цар на Грција
1Во третата година на царувањето на Валтазар ми се покажа мене, на Даниел, видение, по она што ми се покажа порано. 2Го гледав видението, и додека гледав, се најдов во Сусана, цврст град во покраината Елам; и во привидот се видов при реката Улај. 3Ги подигнав очите, и ете: овен стоеше покрај реката. Имаше два рога: двата рога беа високи, но едниот повисок од другиот, а оној повисокиот израсте после. 4Гледав како овенот боде кон запад, кон север и кон југ. Ниедно животно не можеше да му устои, ништо не можеше да му избега. Правеше што сакаше, се засили.
5Додека набљудував, ете: јарец доаѓа од запад врз сета земја, не допирајќи ја почвата; јарецот имаше силен рог меѓу очите. 6Му се приближи на двороговиот овен, кого го бев видел дека стои покрај реката, и се затрча кон него со сета жестина на својата сила. 7Видов како му се приближи на овенот; бесно го удри овенот и му ги скрши двата рога, а овенот немаше сила за да даде отпор; јарецот го обори на земјата и почна да го гази; немаше никој да го спаси овенот. 8Јарецот се засили многу, но кога се засили, големиот рог се скрши, а на неговото место израстеа четири големи рогови кон четирите небесни ветра.
2. Мал рог
9Од едниот од нив изби мал рог, ама тој израсте многу кон југ и исток, кон Прекрасната Земја. 10Тој порасте сѐ до Небесната Војска, ги обори на земја некои од Војската и од ѕвездите па ги згази. 11Порасте сѐ до Заповедникот на Војската, му ја одзеде секојдневната жртва и Му го разори неговото Свето Место. 12Војската се дигна против секојдневната жртва заради нечесноста, ја обори вистината на земја, и успеа во сѐ што правеше. 13Тогаш чув како еден Светец зборува, а втор Светец го праша оној што зборуваше: „До кога ќе трае овој привид за секогашната жртва и за престапот што ги запустува и гази Светилиштето и Војската?“ 14Одговори: „Уште две илјади и три стотини вечери и утра; тогаш Светилиштето ќе биде очистено.“
3. Објаснување на Гавриел
15Кога јас, Даниел, гледајќи го овој привид, барав да го разберам, ете, пред мене застана како некој човек. 16Чув човечки глас како вика од сред Улај: „Гаврило, објасни му го тоа привидение!“ 17Тој тргна онаму каде што стоев, и кога ми се приближи, ме опфати страв, и паднав на лице. Тој ми рече: „Човечки сине, разбери: зашто ова видение е за последното време.“
18Тој зборуваше уште, а јас се обесвестив, паднав на земјата. Тој ме допре и ме исправи на моето место. 19И рече: „Еве, ќе ти кажам што ќе дојде на крајот на гневот, најавениот свршеток. 20Овенот што го виде - неговите два рога - тоа се царевите на Мидија и Персија. 21Влакневиот јарец е царот на Грција; големиот рог меѓу неговите очи е првиот цар; 22скршениот рог и четирите рога што излегоа на неговото место, тоа се четири царства што ќе излезат од неговиот народ, но не ќе ја имаат неговата сила. 23И кон крајот на нивното царување кога беззакониците ќе ја исполнат мерата, ќе стане цар, дрзок и лукав. 24Неговата сила ќе порасте, ама не со своја снага; ќе запустува чудесно, ќе успева во сите свои потфати, ќе ги сотрува јунаците и народот на Светите. 25Заради неговата лукавост измамата ќе успева во неговата рака. Тој ќе се вознесе во своето срце, ќе упропасти мнозина во мирно време. Ќе Му се противи на Кнезот над кнезовите, ама - не со рака - ќе биде скршен. 26Привидот за вечерите и за утрата за кои што беше збор, вистинит е; но ти запечати го, зашто е за далечни денови.“
27Тогаш јас, Даниел, примрев и бев болен повеќе денови. Потоа станав за да ги вршам царските работи. Бев смутен заради привидот, но никој не го узна тоа.

Currently Selected:

ДАНИЕЛ 8: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy