YouVersion Logo
Search Icon

ДАНИЕЛ 7

7
ПОСЛЕДНИ ДАНИЕЛОВИ ВИДЕНИЈА
7:1-12:13
А. Видение на четири ѕверови
1. Вавилон, Персија, Грција и Рим
1Во првата година на Валтазар, вавилонскиот цар, Даниел сонуваше сон: пророчки виденија во главата на постела. Скратено запиша што сонувал. 2„Ноќе во видение погледнав: кога ете: четири небесни ветрови го разбрануваа Големото Море. 3Четири големи чудовишта излегоа од морето, секое поинакво. Првото беше како лав, а крилата му беа орловски. 4Додека го набљудував, крилата му се искубаа, тоа се крена од земјата и се исправи на нозе како човек, и му беше дадено човечко срце. 5Кога ете второто чудовиште: ете, сосем поинакво: како мечка, исправена од едната страна, три ребра и беа во устата, меѓу забите. И ѝ беше речено: ‘Стани, најади се месо! 6Гледав натаму, и ете: третото чудовиште како леопард, на грбот му беа четири птичји крила: имаше четири глави, и му беше дадена сила. 7Потоа во ноќно видение, погледнав, кога ете: четвртото чудовиште, страшно, ужасно, вонредно силно: имаше големи железни заби; тоа јадеше здробуваше, а што ќе останеше, го газеше со нозете. Се разликуваше од претходните чудовишта и имаше десет рогови. 8Му ги набљудував роговите и ете: меѓу нив израсте едно мало роже; и пред тоа роже се откорнаа три поранешни рога. И ете, на тој рог имаше очи како човечки очи, и уста што зборуваше големи хули.
2. Вечно Царство на Синот
9Гледав: престолите беа поставени и Прадревниот седна. Облеката му беше како снег, влакната на косата како чиста волна, а Неговиот престол како огнени пламења и колцата како вжарен оган. 10Огнена река течеше, извираше пред Него. Илјада илјади му служеа, десет илјади по десет илјади стоеја пред Него, судот седна, книжните свитоци се одвиткаа. 11Тогаш јас гледав, заради вревата на големите хули што ги зборуваше рогот, и додека гледав, чудовиштето беше убиено, неговото тело раздробено и предадено на оган. 12На другите чудовишта власта им беше одземена, но должината на животот им беше едно време и рок.
13Гледав во ноќни виденија: и ете на небесните облаци доаѓа како Човечкиот Син. Тој Му се приближи на Прадревниот, и Го доведоа кај Него. 14Нему Му беше предадена власта, честа на царството, за да Му служат сите народи, племиња и јазици. Неговата власт е вечна власт и никогаш нема да помине, Неговото Царство нема да пропадне.
3. Толкување и објаснување на видение
15Мене, на Даниел, ми се смути заради тоа сиот дух, виденијата на мојата глава, ме исплашија сиот. 16Му пристапив на еден од оние кои што стоеја таму и го замолив да ми ја каже вистината за сѐ тоа. Тој ми одговори и ми го кажа значењето: 17‘Оние четири големи чудовишта се четири цара кои ќе се дигнат на земјата. 18Но од нив царството ќе го преземат Светите на Сѐвишниот, и тие ќе го владеат во векови на вековите.’
19Тогаш посакав да ја научам вистината за четвртото чудовиште за она што се разликуваше од сите други, беше извонредно страшно, имаше железни заби и бронзени канџи и кое јадеше и здробуваше и со нозете газеше што ќе останеше; 20и за десетте рогови што беа на неговата глава, и за другиот рог што израсте додека првите три отпаднаа - за рогот што имаше очи и уста која зборуваше големи хули и што беше поголем од другите рогови. 21И гледав како овој рог војува против Светите та ги надвладуваше 22додека не дојде Прадамнешниот, Кој им ја досуди правдата на Светите на Сѐвишниот, и додека не дојде време кога Светите го завладеаја царството. 23Тој рече: ‘Четвртото чудовиште ќе биде четврто царство на земјата, различно од сите царства. Ќе ја голтне целата земја, ќе ја згази и ќе ја здроби. 24А десетте рогови: Од ова царство ќе настанат десет цареви, а по нив ќе се подигне еден друг различен од оние први - и ќе обори три цара. 25Тој ќе хули на Сѐвишниот, ќе ги сотрува Светите на Сѐвишниот; ќе помислува да ги измени времињата и Законот, и Светите ќе бидат предадени во негови раце за едно време и за две времиња и за половина време. 26Тогаш Судот ќе седне, ќе му ја одземе власта, ќе ја разурне, ќе ја уништи сосем. 27А царството, власта и величеството под сите небеса, ќе им се даде на народот на Светите на Сѐвишниот. Неговото Царство е вечно Царство, и сите власти ќе Му служат и ќе Му се покоруваат Нему.’
28Тука се завршува словото. Јас, Даниел, бев мошне потресен во своите мисли, и лицето ми пребледе, но сѐ ова го запазив во своето срце.“

Currently Selected:

ДАНИЕЛ 7: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in