YouVersion Logo
Search Icon

2 ЦАРЕВИ 7

7
1Тогаш Елисеј рече: „Чуј го Господовото слово: Господ вели вака: ‘Утре во ова доба при вратата на Самарија една мера чисто брашно ќе биде за сикал, а две мери јачмено брашно за сикал.“
2Дворјанецот, на чија рака се потпираше царот, му одговори на Божјиот човек: „И кога Господ би направил окна на небото, дали би можело да биде тоа?“ А Елисеј одговори: „Ќе видиш со своите очи, но не ќе јадеш.“
3А пред градската врата беа четири проказани; тие си рекоа еден на друг: „Зошто стоиме тука и ја чекаме смртта? 4Ако одлучиме да влеземе во градот, гладта е во градот, та ќе умреме таму; ако останеме тука, пак ќе умреме. Ајде! Да избегаме и да преминеме во арамејскиот логор: ако нѐ остават во живот, ќе живееме; ако нѐ убијат, па добро: ќе умреме!“ 5Во примрак, откако станаа, тргнаа оттаму во арамејскиот логор. Стигнаа до работ на логорот, и ете - таму немаше никој! 6Зашто Господ направи та во арамејскиот логор се чу шум од коли и коњи, врева на голема војска. И зборуваа меѓу себе: „Ете, царот на Израел ги наеми против нас хетитските цареви и египетските цареви за да тргнат против нас.“ 7Се дигнаа и избегаа во примрак: ги оставија своите шатори, коњите и ослињата, сиот логор каков што беше. Побегнаа за да ја спасат жива главата.
8И така, кога проказаните дојдоа до работ на логорот, се вовлекоа во еден шатор. Откако се најадоа и напија, зедоа оттаму сребро, злато и облеки па отидоа да ги скријат. Тогаш се вратија па влегоа во друг шатор: зедоа плен од него, та отидоа и го скрија.
9Тогаш си рекоа еден на друг: „Не смееме да правиме така. Денешниот ден е полн со радосни вести, а ние молчиме. Ако го дочекаме утрото, ќе бидеме виновни. Затоа да тргнеме! Да му ја јавиме новоста на дворецот.“ 10И се вратија, ја повикаа градската стража и соопштија: „Отидовме во арамејскиот логор, а таму никаде немаше човек ни човечки глас; само коњите се врзани, и ослињата, а шаторите се оставени какви што се.“ 11Стражарите извикаа и соопштија во внатрешноста на дворецот. 12Царот стана ноќе и им рече на своите придворници: „Јас ќе ви објаснам што ни направија Арамејците. Бидејќи знаат дека сме гладни, излегоа од логорот и се скрија во полето мислејќи: ‘Тие веќе ќе излезат од градот, а ние ќе ги фатиме живи, и ќе влеземе во градот.’“ 13А еден од неговите придворници одговори: „Сепак нека бидат земени пет од останатите коњи. Со нив ќе биде како со сето Израелево множество што остана тука. Да ги испратиме, па ќе видиме.“ 14И зедоа два колски коња, и царот испрати луѓе во арамејскиот логор, говорејќи: „Одете, извидете!“ 15Одеа по нив до Јордан; целиот пат беше покриен со облеки и со работи што Арамејците ги исфрлија при бегањето. Гласниците се вратија и го известија царот.
16И народот излезе и почна да го ограбува арамејскиот логор: и мера чисто брашно беше за шекел, а две мери јачменово брашно за еден шекел според Господовото слово. 17Царот го постави на градската врата оној дворјанец на чија рака се потпирал; а народот го изгази во вратата, и тој умре, според зборот што го рече Божјиот човек кога царот беше дојден кај него. 18Се случи како што Божјиот човек му рече на царот: „Утре во ова доба при вратата на Самарија две мери јачменово брашно ќе бидат за шекел и мера чисто брашно за шекел.“ 19Дворјанецот му одговори на Елисеја: „Па Господ да направи и окна на небото, дали би можело да биде тоа што го велиш?“ Елисеј му одговори: „Ќе видиш со своите очи, но нема да јадеш.“ 20И навистина, така му се случи: народот го изгази при вратата, та тој умре.

Currently Selected:

2 ЦАРЕВИ 7: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in