YouVersion Logo
Search Icon

2 ЦАРЕВИ 8

8
7. Елисеј претскажува седумгодишна глад
1Елисеј ја посоветува жената на која ѝ го оживеа синот: „Стани, тргни со своето семејство и засолни се како туѓинка каде и да било, зашто Господ пушти глад; веќе дојде во земјата за седум години.“ 2Жената стана и направи како што ѝ рече Божјиот човек: си отиде, таа и нејзиното семејство, и остана седум години во Филистејската Земја. 3На крајот на седмата година жената се врати од Филистејската Земја и отиде кај царот да си ја побара својата куќа и нивата. 4Токму царот разговараше со Гиезиј, слугата на Божјиот човек. Му велеше: „Раскажи ми за сите големи дела што Елисеј ги направил!“ 5И кога му раскажуваше на царот за воскресението на детето, ете ја жената на која Елисеј ѝ го оживи синот; таа му се обрати на царот заради својата куќа и за својата нива. А Гиезиј рече: „Господару цару, еве ја онаа жена, и еве го нејзиниот син, кого Елисеј го оживеа.“ 6Царот ја праша жената, и таа му раскажа сѐ. Тогаш царот даде еден слуга, кому му нареди: „Нека ѝ се врати сѐ што е нејзино, и сите приходи од денот кога ја напушти земјата до денес!“
8. Елисеј му претскажува на Азаил дека ќе зацари во Арамејската Земја
7Елисеј дојде во Дамаск. Вен-Адад, арамејскиот цар, беше разболен. Веднаш му јавија: „Божјиот човек дојде ваму.“ 8Тогаш царот му рече на Азаила: „Земи со себе подарок па оди пред Божјиот човек. И прашај Го Господа преку него, за да научам дали ќе се излечам од оваа болест.“ 9Азаил отиде пред Елисеја и му донесе подарок од сѐ што беше најдобро во Дамаск, сѐ тоа натоварено на четириесет камили. Дојде тој и застана пред него и рече: „Твојот син Вен-Адад, арамејскиот цар, ме праќа кај тебе и прашува дали ќе оздрави од онаа болест.“ 10Елисеј му одговори: „Оди и речи му: ‘Ќе оздравиш, секако!’ Но Господ ми покажа дека ќе умре.“ 11И Божјиот човек го насочи погледот пред себе, збунет, и заплака. 12Азаил рече: „Зошто плачеш, господару мој?“ Елисеј одговори: „Затоа што ги знам сите зла што ти ќе им ги направиш на Израелците: ќе им ги изгориш тврдините, со меч ќе ги истепаш нивните млади луѓе, ќе ги сотираш нивните деца, а ќе ги распаруваш трудните жени.“ 13Азаил рече: „Но што е твојот слуга? Зар е пес за да направи такви страшни работи?“ Елисеј одговори: „Во едно Господово откровение те видов тебе како арамејски цар.“ 14Азаил си отиде од Елисеј и се врати кај својот господар, кој го праша: „Што ти рече Елисеј?“ Тој одговори: „Ми рече дека ќе оздравиш.“
15Но утреден ја зеде покривката, ја накваси во вода и го покри царот преку лицето, та тој умре. А на негово место се зацари Азаил.
В. Зацарување на Јорам (Јуда)
16Во петтата година на царувањето на Јорама, синот Ахавов, во Израел, јудејски цар стана Јорам, синот Јосафатов. 17Му беа триесет и две години кога се зацари, а царуваше осум години во Ерусалим. 18Живееше како израелските цареви, како и Ахавовиот дом, зашто Ахавовата ќерка му беше жена; правеше што е зло во Господовите очи. 19Сепак Господ не сакаше да го погуби Јуда заради Својот слуга Давид, затоа што му вети дека ќе им даде светилник нему и на неговите синови засекогаш.
20Во негово време Едомците се одметнаа од под јудејската власт и си поставија цар. 21Јорам отиде во Саир, и со него сите бојни коли. Се крена ноќе и ги погуби Едомците, кои ги опколија него и заповедниците на бојните коли. Народот избега во своите шатори. 22Сепак Едомците се ослободија од под јудината власт сѐ до денес. Во исто време се одметна и Ливна. 23Другите Јорамови дела, сѐ што направи, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 24Јорам почина покрај своите татковци, и беше закопан кај своите татковци во Давидовиот Град. Неговиот син Охозиј се зацари место него.
Г. Царување на Охозиј (Јуда)
25Во дванаесеттата година на Јорам, синот Ахавов, израелскиот цар, јудејски цар стана Охозиј, синот Јорамов. 26На Охозиј му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше една година во Ерусалим. Мајка му се викаше Готолија, а му беше ќерка на израелскиот цар Амриј. 27И тој одеше по патот на Ахавовиот дом и правеше зло во Господовите очи, како и Ахавовиот дом, зашто беше род со него.
28Тој тргна со Јорам, Ахавовиот син, во Галадскиот Рамот во бој против Азаил, арамејскиот цар. И арамејците го ранија Јорама. 29Царот Јорам се врати во Езраел за да се лечи од раните што му ги нанесоа во Рама, кога се бореше со арамејскиот цар Азаил. Јорамовиот син Охозиј, јудејскиот цар, слезе во Езраел за да го посети Ахавовиот син Јорам, зашто Јорам беше болен.

Currently Selected:

2 ЦАРЕВИ 8: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in