YouVersion Logo
Search Icon

2 ЦАРЕВИ 19

19
в. Езекија му се обратува на Исаија
1Откако го чу тоа, царот Езекиј ја раскина својата облека, облече вреќиште и отиде во Господовиот Дом. 2Потоа ги испрати Елијаким, управителот на дворецот, писарот Сомна и свештеничките старешини, облечени во вреќишта, кај пророкот Исаија, синот Амосов. 3Тие му рекоа: „Езекија вели вака:
‘Ова е ден на неволја, казна и ругање. Децата стасаа до раѓање, а нема сила да се родот. 4Можеби Господ, твојот Бог, чу што рече големиот достоинственик кого асирискиот цар, неговиот господар, го испрати да го хули живиот Бог, и можеби Господ, твојот Бог, ќе ги казни зборовите што ги чул! Помоли се за Остатокот што уште остана.’“ 5Кога слугите на царот Езекија стигнаа кај Исаија, 6тој им рече: „Кажете му на својот господар: ‘Господ вели вака: „Не бој се од зборовите што ги чу кога Ме хулеа Мене слугите на асирискиот цар. 7Ќе вдахнам во него дух, и кога ќе чуе една вест, ќе се врати во својата земја. И ќе направам да загине од меч во својата земја.“‘“
8Големиот достоинственик се врати и го најде асирискиот цар како ја опсадува Ливна, зашто беше чул дека царот си отиде од Лахис. 9Имено, ја чу веста за Тирак, етиопскиот цар: „Еве, излезе да се бори против тебе.“ Тогаш Сенахирим испрати пак пратеници за да му кажат на Езекија: 10“Речете му вака на јудејскиот цар Езекија: ‘Нека не те мами твојот Бог, во кого се надеваш, велејќи ти: „Ерусалим нема да падне во рацете на асирискиот цар!“ 11Ти знаеш што им направија асириските цареви на сите земји предавајќи ги на проклетство! А ти, ти ли ќе се спасиш? 12Дали боговите ги спасија народите што моите татковци ги уништија: Госанците, Харанците, Ресефците и Еденците во Тел Асар? 13Каде е ематскиот цар, арфадскиот цар, царот на Сефарваим, Ена и Ава?’“
г. Езекиева молитва
14Езекија го прими писмото од посланиковата рака и го прочита.
Потоа влезе во Господовиот Дом и го одвитка пред Господа таму. 15И Му се помоли Езекија на Господа вака: „Господи, Израелев Боже, Кој седиш над херувимите, Ти си единствен Бог над сите земски царства, Ти ги создаде небото и земјата. 16Приклони го увото, Господи, и чуј, отвори ги очите, Господи, и види! Чуј ги Сенахиримовите зборови што ги испрати за да Го хули живиот Бог.
17Вистина е, о Господи, асириските цареви ги сотреа народите и нивните земји; 18им ги фрлија во оган боговите; зашто тоа не беа богови, туку дела на човечките раце, од дрво и од камен; затоа и ги уништија. 19Но сега, Господи, Боже наш, избави нѐ од нивните раце за да познаат сите царства на земјата дека Ти, Господи, си единствен Бог.“
д. Божји одговор преку устата на Исаија
20Тогаш Исаија, синот Амосов, му порача на Езекија: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Ја послушав молитвата што Ми ја упати заради Сенахирим, асирискиот цар. 21Еве ги зборовите што Господ ги објави против него: Те презира, ти се руга девицата, Сионската Ќерка; по тебе мавта со главата Ерусалимската Ќерка.
22Кого го навредуваше, хулеше? На кого викаше гласно, дигаше горделив поглед? На Израелевиот Светец! 23Преку своите слуги Го навредуваше Господа. Велеше: „Со множество коли, јас се искачив на врвот на гората, на највисоките врвови на Ливан. Му ги исеков највисоките кедри и најубавите чемпреси. Му го достигнав највисокиот врв и неговата гориста градина. 24Копав и пиев туѓи води; со стапалата тогаш ги исушив сите египетски реки.“ 25Слушаш ли добро? Одамна тоа го подготвував, го смислував од искон, сега го остварувам тоа: на тебе е да ги претвориш тврдите градови во урнатини. 26Нивните жители, немоќни, исплашени и збунети, беа како трева во полето, како младо зеленило, како трева врз покривите опалена од источниот ветар. 27Знам кога се дигаш и кога седиш, кога излегуваш и кога се враќаш. 28Зашто беснееше против Мене и зашто твојот бес дојде до Моите уши, ќе ти провнам прстен низ носалките, ќе ти ставам узда во устата, ќе те вратам по патот по кој што и дојде! 29А ова нека ти биде знак: Во оваа година ќе се јаде тоа што само ќе се изрони, догодина тоа што само ќе порасте, а во третата година сејте и жнијте, садете ги лозјата, јадете им го родот. 30Преживеаните од Јудиниот дом ќе пуштат жили во длабочина, ќе родат плод во висина. 31Зашто Остатокот ќе излезе од Ерусалим, запазените од гората Сион. Сѐ тоа ќе го направи Господовата ревност. 32Затоа Господ зборува вака за асирискиот цар: „Тој не ќе влезе во овој град, не ќе ги фрла своите стрели ваму, кон него ни штитот не ќе го заврти, ниту ќе копа насипи околу него. 33Ќе се врати по патот по кој што и дојде, не ќе влезе во овој град“ - Господово слово е. 34Ќе го штитам овој град, ќе го спасам, заради Себе и заради Својот слуга Давид.“
ѓ. Божествено избавување
35Во истата ноќ Господов Ангел излезе и погуби сто осумдесет и пет илјади во асирискиот логор. Наутро, кога требаше да се стане, ете, таму беа сѐ само мртовци. 36Сенахирим го крена логорот и си отиде. Се врати и живееше во Нинива. 37Еден ден, додека се клањаше во храмот на својот бог Нисрок, неговите синови Адрамелех и Сарсар го убија со меч и пребегаа во Араратската земја. На негово место се зацари син му Есар Адон.

Currently Selected:

2 ЦАРЕВИ 19: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in