YouVersion Logo
Search Icon

2 ЦАРЕВИ 18

18
ЈУДЕЈСКО ЦАРСТВО ДО ВАВИЛОНСКОТО ПЛЕНСТВО
18:1-25:30
А. Царување на Езекија
1. Езекиева благочесност
1Во третата година на царувањето на Осиј, синот Илин, во Израел, јудејски цар стана Езекија, синот Ахазов. 2Му беа дваесет и пет години кога се зацари. Царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Името на мајка му беше Авија, ќерката Захариева. 3Правеше што е право во Господовите очи, сосем како неговиот татко Давид. 4Тој ги отстрани високите места, ги разурна столбовите, ги исече ашерите и ја скрши змијата од бронза, што ја беше направил Мојсеј. Израелците сѐ дотогаш ѝ принесуваа жртви. Ја викаа Неустан. 5Се надеваше во Господа, Израелевиот Бог. Ни пред него ни по него му немаше рамен меѓу јудејските цареви. 6Се прилепи кон Господа и никогаш не се сврти од Него. Ги пазеше сите заповеди што ги даде Господ преку Мојсеја. 7И Господ беше со него, го помагаше во сите негови потфати. Се побуни против асирискиот цар и веќе не му беше потчинет. 8Тој ги разби Филистејците до Газа, ги запусте нивните подрачја, од стражарските кули сѐ до утврдените градови.
2. Крај на Израелевото Царство
9Во четвртата година на Езекиевото владеење, а тоа беше седмата година од царувањето на израелскиот цар Осиј, синот Илин, асирискиот цар Салманасар ја нападна Самарија и ја опсади. 10Ја освои после три години. Во шестата година на Езекиевото владеење, а во деветтата година на израелскиот цар Осиј, падна Самарија. 11Асирискиот цар ги одведе Израелците во ропство во Асирија и ги насели во Халах, покрај Авор, гозанската река, и во мидиските градови. 12Тоа беше затоа што не го послушаа гласот на Господа, својот Бог, и зашто го прекршија Неговиот Завет и сѐ што им нареди Мојсеј, Господовиот слуга. Не слушаа ништо ниту исполнуваа.
3. Освојувања на Сенахирим, асириски цар
а. Езекија плаќа данок
13Во четиринаесеттата година на Езекиевото владеење, асирискиот цар Сенахирим ги нападна утврдените јудејски градови и ги освои. 14Тогаш јудејскиот цар Езекија му порача на асирискиот цар во Лахис: „Згрешив! Прекрати ги своите напади врз мене. Ќе носам сѐ што ќе наложиш.“ Асирискиот цар побара од Езекија, јудејскиот цар, триста таланти сребро и триесет таланти злато. 15И Езекија го даде сето сребро што се најде во Господовиот Дом и во ризниците на царскиот дворец. 16Во тоа време Езекија ги откова вратата и вратниците на Господовото Светилиште што тој самиот, јудејскиот цар Езекија, ги имаше позлатено, и тоа му го испрати на асирискиот цар. 17Асирискиот цар му ги испрати од Лахис во Ерусалим на јудејскиот цар Езекија врховниот заповедник на војската, големиот дворјанец и пехарникот со силна војска. Тие тргнаа, а кога стигнаа во Ерусалим, застанаа кај водоводот на Горниот Рибник, на патот во Валавичарското Поле. 18Тие го повикаа царот. Пред нив излегоа управителот на дворецот Елијаким, синот Хелкиев, писарот Сомна и советникот Јоах, синот Асафов.
б. Асириски закани
19Големиот достоинственик (Раб-Шак) им рече: „Кажете му на Езекија: ‘Вака вели големиот цар, асирискиот цар: „Каква е таа надеж во која се надеваш? 20Мислиш ли дека празните зборови веќе се совет и сила за војна? Во кого се надеваш па си се побунил против мене? 21Ете, се потпираш на Египет, врз скршената трска што ја прободува и ја продупчува дланката на оној кој ќе се потпре на неа. Таков е фараонот, египетскиот цар, за сите кои се надеваат во него. 22Можеби ќе ми одговорите: ‘Се надеваме во Господа, својот Бог.’ Но нели Нему Езекија Му ги отстрани високите места и жртвениците и им заповеда на Јудејците: ‘Клањајте се само пред овој жртвеник во Ерусалим?’“‘ 23Ајде, обложи се со мојот господар, асирискиот цар: ќе ти дадам две илјади коњи ако можеш да најдеш јавачи за нив! 24Тогаш како ќе устоиш пред еден единствен од најмалите слуги на мојот господар? Но ти се надеваш во Египет дека ќе ти даде коли и коњаници. 25Најпосле, зар јас покрај Господовата волја тргнав против ова место за да го разурнам? Самиот Господ ми рече: ‘Оди против таа земја и разурни ја!’“
26Елијаким, Сомна и Јоах му рекоа на големиот достоинственик: „Те молиме, зборувај им на своите слуги арамејски, зашто ние разбираме; не зборувај со нас јудејски за да нѐ чуе народот кој е на ѕидовите!“ 27Но големиот достоинственик им одговори: „Зар мојот господар ме испрати да ви го кажам ова на твојот господар и тебе, а не токму на оние луѓе кои седат на ѕидовите, осудени да ја јадат со вас својата нечистота и да ја пијат својата моч?“
28Тогаш големиот достоинственик се исправи и ги извика со сиот глас на јудејски овие зборови: „Чујте ги зборовите на големиот цар, асирискиот цар! 29Царот вели вака: ‘Езекија нека не ве измамува, зашто не може да ве избави од мојата рака. 30Езекија нека не ве охрабрува со надежта во Господа велејќи: „Господ ќе не избави бездруго, овој град нема да падне во рацете на асирискиот цар.“‘ 31Не слушајте го Езекија, зашто вака вели асирискиот цар: ‘Склучете мир со мене, предајте ми се, па секој од вас нека ги јаде плодовите од своето лозје и од својата смоква, и нека пие вода од својот кладенец, 32додека не дојдам и не ве одведам во земјата што е како вашата, во земја на жито и вино, во земја на масло и мед, за да живеете и за да не изумрете. Не оставајте да ве мами Езекија велејќи ви: „Господ ќе ве избави.“ 33Дали боговите на другите народи ги избавија своите земји од рацете на асирискиот цар? 34Каде се боговите ематски и арфадски, каде се боговите сефарваимски, енски и авски, каде се самариските богови за да ја избават Самарија од мојата рака? 35Кои од сите богови на тие земји ја избавија својата земја од мојата рака, за да го избави Господ Ерусалим од мојата рака?’“
36Молчеа, и не одговорија ниту збор, зашто царот беше заповедал: „Не одговорувајте му!“ 37Управителот на дворецот Елијаким, синот Хелкиев, писарот Сомна и советникот Јоах, синот Асафов, дојдоа кај Езекија, раскинувајќи ги облеките, и му ги соопштија зборовите на големиот достоинственик.

Currently Selected:

2 ЦАРЕВИ 18: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in