YouVersion Logo
Search Icon

2 ЦАРЕВИ 17

17
П. Пропаст на Израелево Царство. Пленство
1. Асириски цар ја зазема Самарија
1Во дванаесеттата година на царувањето на Ахаз во Јудеја, Осиј, синот Илин, стана израелски цар во Самарија. Царуваше девет години. 2Тој правеше што е зло во Господовите очи, но не како израелските цареви, неговите претходници. 3Асирискиот цар Салманасар тргна против Осиј, кој му се покори и му плаќаше данок. 4Но асирискиот цар откри дека Осиј му подготвува заговор: Осиј уште испрати пратеници кај египетскиот цар Сој и не му го плати данокот на асирискиот цар како секоја година. Тогаш асирискиот цар го фрли во темница. 5Асирискиот цар ја освои сета земја и тргна да ја опсадува Самарија. 6Во деветтата година на Осиевото царување, асирискиот цар ја зазеде Самарија и ги одведе Израелците во ропство во Асирија. Ги насели во Ава, и покрај Авор, река во Гозана, и во мидиските градови.
2. Причини за пропаст на Израелевото Царство
7И се случи така зашто Израелците згрешија против Господа, својот Бог, кој ги изведе од Египетската Земја, од под власта на фараонот, египетскиот цар. Почитуваа други богови, 8ги следеа обичаите на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови, живееја според обичаите што ги воведоа израелевите цареви. 9Израелците и нивните цареви постојано правеа незгодни дела против Господа, својот Бог. Подигнаа високи места во сите свои населби: од стражарските стражарници па до утврдените градови. 10Подигнаа столбови и ашери на секое повисоко ритче и под секое зелено дрво. 11Таму, на сите високи места, кадеа според обичајот на народите што Господ ги протера пред нив, и правеа лоши дела та го предизвикуваа Господовиот гнев. 12Им служеа на ликовите, иако Господ им беше рекол: „Не правете го тоа!“ 13А Господ ги опоменуваше Израелците и Јудејците преку сите свои пророци и преку сите претскажувачи: „Обратете се од својот лош пат - зборуваше – и покорувајте им се на Моите наредби и заповеди според Законот што им го наложив на вашите татковци и според сѐ што ви објавив преку Своите слуги - пророците.“ 14Но тие не послушаа, туку останаа со корави вратови како и нивните татковци, кои не веруваа во Господа, својот Бог. 15Ги презираа Неговите закони и Заветот што го склучи со нивните татковци, и Неговите опомени што им ги упатуваше. Се стремеа кон суетата, па и самите станаа суетни, следејќи ги народите околу себе, иако Господ им заповеда да не прават како нив. 16Ги отфрлија сите заповеди на Господа, својот Бог, и си направија за себе леани кипови, две телиња. Подигнаа ашери, и се клањаа на сета небеска војска и му служеа на Ваала. 17Ги поминуваа своите синови и ќерки низ оган, се предаваа на вражање и гатање, правејќи така зло во Господовите очи и разгневувајќи Го. 18Тогаш Господ се разгневи на Израел и го отфрли од пред Своето лице. Остана само Јудиното племе.
19Но Јуда не ги пазеше заповедите на Господа, својот Бог, и ги следеше обичаите што ги држеа Израелците. 20И Господ го отфрли сиот род на Израел, го понижи и им го предаде на ограбувачите, додека не ги отфрли конечно далеку од Своето лице.
21Конечно, Тој ги оттргна Израелците од Давидовата куќа, а Израел го прогласи за цар Јеровоам, синот Наватов. Јеровоам го одврати Израел од Господа и го наведе на голем грев. 22Израелците го следеа секој грев што ќе го направеше Јеровоам, и не се одвраќаа од него, 23додека конечно Господ не го отфрли Израел од пред Своето лице, како што тоа го беше објавил преку Своите слуги, пророците. Ги одведе Израелците од нивната земја во ропство во Асирија, каде се до денешниот ден.
3. Населување на Израел со нови придојденици
Происход на Самарјанци
24Асирискиот цар доведе луѓе од Вавилон, од Хута, од Ава, од Емат и од Сефарваим, и ги насели во градовите на Самарија место Израелците. Тие ја присвоија Самарија и се населија во нејзините градови. 25За време на населувањето во земјата, не Го почитуваа Господа, и Тој испрати лавови против нив за да ги растргаат. 26Затоа му рекоа на асирискиот цар: „Народите што ги пресели за да ги населиш во градовите на Самарија, не знаат како треба да се почитува Бог на оваа земја, и Тој испрати против нив лавови, кои ги усмртуваат зашто тие народи не го познаваат богопочитувањето на оваа земја.“ 27Тогаш асирискиот цар ја издаде оваа заповед: „Еден од свештениците, кои ги доведов оттаму во ропство, нека оди онаму; нека оди, нека се насели таму и нека ги поучи во почитувањето на Бога на онаа земја.“
28Така отиде еден од свештениците кои беа одведени од Самарија и се насели во Ветил. Тој ги поучи како треба да се почитува Бог.
29Секој народ имаше ликови на своите богови, и ги поставија во храмовите на високите места кои ги подигнаа Самаријците, секој народ во своите градови во кои што живееше. 30Вавилонците го направија Сокхот-Венот, Хутците Нергал, Ематците Асима; 31Авијците ги направија Ниваз и Тартак, а Сефарваимците ги спалуваа своите деца во оган во чест на Адрамелех и Анамелех, сефарваимските богови. 32Тие Го почитуваа и Господа, и поставија некои луѓе меѓу себе за свештеници на високите места, кои им ги принесуваа жртвите во домовите на високите места. 33Го почитуваа Господа и им служеа на своите богови според обичаите на оние народи откаде ги преселија. 34Тие уште и денес ги пазат старите обичаи. Не се плашат од Господа и не ги ускладуваат своите правила и обичаи со Законот и со заповедите што Господ им ги нареди на децата на Јакова кому му го даде името Израел. 35Господ беше склучил Завет со нив и им заповеда: „Не почитувајте ги туѓите богови ниту им се клањајте. Немојте да им служите ниту да им принесувате жртви. 36Само Господ е Оној Кој со големата сила на својата протегната рака ве изведе од Египетската Земја; почитувајте Го Него, клањајте Му се Нему и принесувајте Му жртви Нему. 37Пазете ги правилата и уредбите, законот и заповедите кои ви ги пропиша за да ги исполнувате верно засекогаш, и не почитувајте ги туѓите богови. 38Немојте да го заборавите Заветот што го склучив со вас, и немојте да почитувате други богови, 39само Господа, својот Бог, почитувајте Го, и Тој ќе ве избави од рацете на сите ваши непријатели.“ 40Но тие не послушаа, туку и натаму се држеа за својот стар обичај. 41Така тие народи Го почитуваа Господа, а им служеа и на своите кипови. Нивните синови и синовите на нивните синови прават, до денешниот ден, онака како што правеа нивните татковци.

Currently Selected:

2 ЦАРЕВИ 17: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in