YouVersion Logo
Search Icon

2 ЛЕТОПИСИ 30

30
2. Празнување на Пасха
а. Проглас до сиот Израел и до Јуда
1Потоа Езекија им порача на сите Израелци и Јудејци, па им напиша и писма на Ефремовото и Манасиевото племе, да дојдат во Господовиот Дом во Ерусалим за да направат Пасха на Господа, Израелевиот Бог. 2Царот, советувајќи се со кнезовите и со сиот собор во Ерусалим, одлучи да ја слават Пасхата во вториот месец. 3Тоа не можеа да го направат во право време зашто немаше доста посветени свештеници, и народот не се имаше собрано во Ерусалим. 4И тоа беше право во царевите очи и во очите на сиот собор, 5па одредија да биде разгласен по сиот Израел од Вир-Савеа па до Дан за да дојдат и да направат Пасха на Господа, Израелевиот Бог, во Ерусалим, зашто премногу не ја празнуваа како што е пропишано. 6Така отидоа гласниците со писмата од царот и од неговите кнезови, по сиот Израел и Јуда, та зборуваа според царевата заповед: „Израелеви синови, обратете му се на Господа, на Аврамовиот, Исаковиот и Израелевиот Бог, па и Тој ќе се обрати кон Остатокот, кој ви остана од рацете на асирските цареви. 7И немојте да бидете како вашите татковци и вашите браќа, кои Му згрешија на Господа, Бога на своите татковци, та ги предаде на пропаст, како гледате и самите. 8И така, не бидете тврдоврати како вашите татковци: протегнете ја раката кон Господа и дојдете во Неговото Светилиште, што го посвети засекогаш, и служете Му на Господа, својот Бог, па ќе го одврати од вас Својот жесток гнев. 9Ако Му се обратите на Господа, вашите браќа и вашите синови ќе најдат мислост во оние кои ги заробија, па ќе се вратат во оваа земја; зашто Господ, вашиот Бог, е милостив и милосрден, и нема да го одврати Своето лице од вас, ако вие Му се обратите Нему.“ 10И така гласниците тргнаа од град до град по Ефремовата и Манасиевата Земја па до Завулон, а луѓето им се потсмеваа и се подигруваа со нив. 11Сепак некои од Асировото, од Манасиевото и од Завулоновото племе се смирија и дојдоа во Ерусалим. 12На Јудејците пак слезе Божјата рака и ги проникна со еднодушност за да прават што беа заповедале царот и кнезовите по Господовото слово.
б. Исполнување на Пасха
13Многу народ се собра во Ерусалим за да го прослават Празникот на пресните лебови, во вториот месец; собирот беше многу голем. 14Тогаш станаа и ги отстранија жртвениците што беа во Ерусалим, ги отстранија сите кадилници и ги фрлија во потокот Кедрон. 15Тогаш почнаа да ја колат Пасхата во четиринаесеттиот ден на вториот месец, а свештениците и левитите се засрамија и откако се посветија, почнаа да ги внесуваат палениците во Господовиот Дом. 16Застанаа на своето место според правилото, според Законот на Мојсеј, Божјиот човек; свештениците прскаа со крв, примајќи ја од рацете на левитите. 17Бидејќи имаше мнозина во соборот кои не се посветија, левитите ги колеа пасхалните јагниња за сите кои не беа чисти, за да Му ги посветат на Господа. 18Најголемиот дел од народот, мнозина од Ефремовото и од Манасиевото, од Исахаровото и од Завулоновото племе, не се очисти, та ја јадеше Пасхата непрописно. Но Езекија се помоли за нив, велејќи: „Благиот Господ нека го очисти од грев секого, 19кој го насочил срцето да го бара Бога Господа, Бога на своите татковци, иако не е чист како што му прилега на Светилиштето!“ 20Господ го послуша Езекија и му прости на народот. 21Така Израелевите синови, кои се најдоа во Ерусалим, го празнуваа празникот Бесквасни лебови седум дена со голема веселба, а левитите и свештениците го фалеа Бога од ден во ден со свиралките за Господова слава. 22Езекија ги храбреше левитите, кои покажуваа добро знаење и приврзаност кон Господа. Ја јадеа свечената жртва седум денови принесувајќи помирителни жртви и славејќи го Господа, Бога на своите татковци.
в. Продолжување на празникот за уште седум дена
23Потоа сиот собор, советувајќи се, одлучи да празнуваат уште седум денови; прославуваа уште седум денови со веселба. 24Јудејскиот цар Езекија му подари на соборот илјади млади јунци и седум илјади грла ситна стока; а кнезовите му подарија на соборот илјада млади јунци и десет илјади грла ситен добиток; тогаш се посветија многу свештеници. 25Така се повесели сиот јудејски собор, и свештениците и левитите, и сиот собор што дојде од Израел, и придојдениците, кои беа дошле од Израелската Земја, и жителите во Јудеја. 26Беше голема веселба во Ерусалим зашто од времето на Давидовиот син Соломон, израелскиот цар, не беше така во Ерусалим. 27Тогаш свештениците и левитите станаа та го благословија народот: нивниот глас беше послушан, а нивната молитва допре до Божјото Свето Живеалиште на небото.

Currently Selected:

2 ЛЕТОПИСИ 30: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in