YouVersion Logo
Search Icon

1 ЦАРЕВИ 11

11
К. Соломон го нарушува Божјиот Завет
1. Многуженство
1Царот Соломон - покрај фараоновата ќерка - сакаше многу жени - туѓинки: Моавки, Амонки, Едомки, Сидонки и Хетитки, 2од сите народи за кои што Господ им рече на Израелците: „Не ќе одите кај нив и тие не ќе идат кај вас; тие навистина ќе ги свртат вашите срца кон своите богови.“ Ним им се приклони Соломон со својата љубов. 3Имаше седум стотини кнежевски жени и три стотини соложници. Неговите жени го заведуваа неговото срце. 4И кога Соломон остаре, неговите жени му го свртија срцето кон други богови, и неговото срце веќе не Му припаѓаше потполно на Господа како што Му припаѓаше срцето на неговиот татко Давид. 5Соломон одеше по Астарота, божица на Сидонците, и по Мелхома, срам на Амонците. 6Правеше она што не беше право во очите на Господа, и не Му се покоруваше сосем на Господа како што Му се покоруваше неговиот татко Давид. 7Така Соломон им изгради високи места на Хемос, на гадот Моавски, на гората источно од Ерусалим, и на Молох, срамот на Амонците. 8Тоа го направи за сите свои жени туѓинки, кои што им принесуваа кадеж и жртви на своите богови.
2. Божјо предупредување за Соломона
9Господ се разгневи на Соломона, зашто го сврти своето срце од Господа, Израелевиот Бог, Кој што Му се јави двапати, 10и Кој што токму тогаш му забрани да ги почитува другите богови, ама тој не ја запази таа заповед. 11Тогаш Господ му рече на Соломона: „Кога е така со тебе, та не ги пазиш Мојот Завет и наредбите што ти ги дадов, Јас ќе го одземам бездруго од тебе царството, и ќе му го дадам на еден од твоите слуги. 12Но нема да го направам тоа во твојот живот, заради твојот татко Давид; ќе го земам од рацете на твојот син. 13Сепак нема да го земам од него сето царство: ќе му оставам едно племе на твојот син, заради Мојот слуга Давид, заради Ерусалим, кого го избрав.“
3. Бог подига противници против Соломона
а. Идумеец Адад
14Тогаш Господ му подигна противник на Соломона: Идумеецот Адад, од царската куќа на Едомците, и кога Јоав, војсководачот, отиде да ги погребе убиените и остави да ги погубат сите машки во Идумеја - 16Јоав и сиот Израел останаа таму шест месеци додека не ги истребија сите машки во Идумеја - 17Адад избега во Египет со Идумејците, кои беа во служба на неговиот татко. Тогаш Адад беше мало дете. 18Отидоа од Мадијам и стигнаа во Фаран. Ги поведоа со себе луѓето од Фаран и отидоа во Египет пред фараонот, царот на Египет, кој му даде куќа, му одреди храна и му додели земја. 19Адад стекна голема милост кај фараонот, кој му ја даде својата сестра за жена, сестрата на големата кнегинка Тахпенеса. 20Тахпенесината сестра му го роди синот Генуват, кого Тахпенеса го воспита во царскиот дворец, и Генуват остана во дворецот меѓу фараоновите деца. 21Кога Адад научи во Египет дека Давид почина кај своите татковци, и дека војсководачот Јоав умрел, му рече на фараонот: „Дозволи ми да си отидам во својата земја!“ 22Фараонот му рече: „Што ти недостига кај мене та сакаш да отидеш во својата земја?“ А тој му одговори: „Ништо, ама пушти ме да си одам!“
б. Резон
23Бог го подигна против Соломона противникот Резон, синот Елијадов, кој што избега од својот господар Ададезер, совскиот цар; 24Резон собра луѓе околу себе и им стана четоводач кога ги убиваше Давид. Резон го зазеде Дамаск, таму се настани и завладеа со Дамаск. 25Тој беше Израелев противник за време на Соломоновиот живот. Тоа беше зло што го направи Адад: го мразеше Израел и владееше во Сирија.
в. Јеровоам
26Јеровоам му беше син на Ефремецот Нават, од Сарида, а мајка му беше вдовицата по име Серуја. Тој беше во Соломонова служба и подигна рака против царот. 27Еве ја причината на неговата побуна. Соломон го градеше Мило за да ги засипе урнатините во градот на Давида, својот татко. 28Јеровоам беше добар човек; Соломон забележа како младиот човек се прифаќа за работата, и го постави над сета работа на Јосифовата куќа. 29Тогаш се случи та Јеровоам отиде од Ерусалим, и на патот го сретна пророкот Ахиј од Сило, наметнат со нова наметка; тие двајцата беа сами во полето. 30Ахиј ја зеде новата наметка што ја имаше врз себе и ја расцепи на дванаесет делови. 31И му рече на Јеровоама: „Земи за себе десет делови, зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Еве ќе го истргам царството од Соломоновата рака и тебе ќе ти дадам десет племиња. 32Тој ќе има едно племе, заради Мојот слуга Давид и заради Ерусалим, градот што го избрав меѓу сите Израелеви племиња. 33Тоа е затоа, зашто Ме остави и им се поклони на Астарота, божицата на Сидонците, на Хемос, моавскиот бог, и на Мелхом, богот на Амонците, и зашто не оди веќе по Моите патишта; не прави што е право во Моите очи, ниту ги извршува Моите закони и наредби како што го правеше неговиот татко Давид. 34Ама нема да му го земам сето царство од раката, зашто го поставив за кнез за време на сиот негов живот, заради Својот слуга Давид, кого што го избрав и кој што ги пазеше Моите заповеди и Моите закони. 35Но ќе го земам царството од рацете на неговиот син, и ќе ти го дадам тебе, односно десет племиња. 36А на неговиот син ќе му оставам едно племе, за да Мојот слуга Давид има секогаш светилник пред Мене во Ерусалим, во градот што Си го избрав за Себе за да престојува во него Моето Име. 37Ќе те земам тебе за да царуваш над сѐ што ќе посакаш и за да бидеш цар над Израел. 38Ако ги послушаш сите тие заповеди, и ако врвиш по Моите патишта, та ако правиш што е праведно во Моите очи пазејќи ги Моите закони и Моите заповеди, како што го правеше тоа Мојот слуга Давид, тогаш Јас ќе бидам со тебе, и ќе ти изградам траен дом, како што му изградив на Давида, и ќе ти го дадам Израел; 39ќе ги понижам Давидовите потомци, ама не засекогаш.’“ 40Затоа Соломон бараше да го убие Јеровоама, ама тој побегна во Египет, и остана во Египет до Соломоновата смрт.
Л. Соломонова смрт
41Другата Соломонова повест, сѐ што направил, и неговата мудрост, зар не е запишано во книжниот свиток на Соломоновата Повест? 42А Соломон царуваше во Ерусалим над сиот Израел четириесет години. 43Тогаш Соломон помина кај своите татковци, и беше погребан во Давидовиот Град, а неговиот син Ровоам се зацари место него.

Currently Selected:

1 ЦАРЕВИ 11: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in