1 ЦАРЕВИ 10
10
И. Посета на царица од Сава
1Гласот со кој се здоби Соломон во Господовото Име стигна до царицата од Сава; затоа таа дојде за да го испита Соломона со гатанки. 2Дојде во Ерусалим со голема придружба, со камили што носеа мириси, со неброено злато и со бесцени камења. Откако дојде кај Соломона, поразговара со него за сѐ што ѝ беше на срце. 3Соломон ѝ одговори на сите прашања; не му беше скриено ништо за да не би можел да ѝ одговори. 4Кога царицата од Сава ја виде Соломоновата мудрост, дворецот што го беше изградил, 5јадењата на неговиот стол, неговите соби и дворници, отменоста на неговите слуги и на неговите облеки, неговите виноподнесувачи, и палениците кои што ги принесол во Господовиот Дом, ѝ застана здивот.
6Тогаш му рече на царот: „Вистина беше што чув за тебе во својата земја и за твојата мудрост. 7Ама не сакав да верувам на тоа што се раскажуваше додека не дојдов и не видов со своите очи; и навистина, ни половината не ми беше кажана: ти ја надвишуваш во мудроста и во благосостојба славата за која што чув. 8Блазе им на твоите луѓе блазе им на оние твои слуги, кои се непрекинато пред тебе и ја слушаат твојата мудрост! 9Нека е благословен Господ, твојот Бог, кому толку му стана мил за да те постави на престолот на Израелците; затоа што Господ секогаш го љуби Израел, те постави за цар за да правиш право и правда.“ 10Тогаш му даде на царот сто и дваесет златни таланти, многу милномириси и бесцени камења. Никогаш веќе немаше такви мириси какви што царицата од Сава му ги даде на царот Соломон.
11Па и Хирамовите бродови, кои што донесуваа злато од Офир, пренесоа оттаму многу сандалови (алмук, црвено дрво) дрва и бесцени камења. 12Царот од сандаловината направи ограда за Господовиот Дом и за царскиот дворец, и псалтири и харфи за пејачите; никогаш веќе не беа префрлени толку сандалови дрва ниту се видени до денес.
13Царот Соломон ѝ даде на царицата од Сава сѐ што посака и што побара, а освен тоа царски ја дарува. Потоа таа тргна и со своите слуги се врати во својата земја.
Ј. Блесок и раскош на Соломоновиот дворец
14Златото што му доаѓаше на Соломона секоја година беше шест стотини шеесет и шест златни таланти, 15освен она што доаѓаше од трговците и од продавачите - со мириси, и од сите арабјански цареви и од земните управители. 16Царот Соломон направи три стотини големи штитови од ковано злато; за секој штит употреби шест стотини златни шекели; 17и направи триста штитчиња од ковано злато; за секое штитче потроши три мини. Ги стави за чување во куќа наречена Ливанска Куќа. 18Царот уште направи голем престол од слонови коски и го обложи со чисто злато. 19Престолот имаше шест лествици, одзади на него имаше телешка глава, а од двете страни на седиштето беа рачки, а покрај рачките стоеја два лава. 20Дванаесет лавови стоеја од обете страни на оние шест лествици. Такво нешто не беше изработено во ниедно царство. 21Сите садови од кои што пиеше царот Соломон беа златни, и сите посатки во куќата од Ливанските дрва беа од чисто злато; ништо не беше од сребро, зашто среброто се сметаше за безвредно во Соломоновото време. 22Царот имаше тарсиски бродови на море заедно со Хирамовите бродови, и во секоја трета година тарсиските бродови доаѓаа, донесувајки злато, сребро и слонова коска, мајмуни и пауни.
23Така царот Соломон ги надмина сите земни цареви со богатство и со мудрост. 24Сиот свет сакаше да го види Соломона и да ја чуе мудроста што Бог му ја всади во срцето. 25Секој му донесуваше подарок: сребрени и златни посатки, облеки, оружје, мириси, коњи и мазги, од година во година.
26Покрај тоа Соломон собра бојни коли и коњаници; имаше илјада и четири стотини бојни коли и дванаесет илјади коњи, и ги распореди по градовите на бојните коли и кај царот во Ерусалим. 27Соломон направи да има во Ерусалим сребро како камења, а кедри како диви смокви што растат во Сефела. 28Соломон внесуваше коњи од Мусрија и од Кое: царевите набавувачи ги донесуваа од Кое за одредена цена. 29Колите ги довезуваа од Египет по шест стотини сребрени шекели; а коњот се плаќаше по сто и педесет. Така преку набавувачите, хетитските и арамејските цареви го добиваа сѐ тоа.
Currently Selected:
1 ЦАРЕВИ 10: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.