Јован 20
20
По воскресението Исус ѝ се јавува на Марија Магдалина, потоа на единаесетте ученици, а по осум дена и на Тома.
1Во првиот ден од седмицата Марија Магдалина дојде на гробот рано, уште дури беше темно, и виде дека каменот од гробот е поместен.
2Тогаш отрча и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: »Го дигнале Господа од гробот и не знам каде Го положиле.«
3Тогаш излезе Петар и другиот ученик, и појдоа кон гробот.
4И обајцата трчаа заедно; но другиот ученик отрча побргу од Петра и прв дојде до гробот.
5И кога се наведна, виде дека лежи само повојот; но не влезе.
6По него дојде Симон Петар, влезе во гробот и виде дека само повојот стои;
7а крпата, што Му беше на главата Негова, не стоеше при повојот, туку одделно, свиткана на едно место.
8Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, и виде, и поверува,
9оти уште не го знаеја Писмото, дека Он треба да воскресне од мртвите.
10Тогаш учениците се вратија дома.
11А Марија стоеше кај гробот однадвор и плачеше. И, плачејќи, се наведна над гробот;
12и виде два ангела во бели облеки како седат, едниот кај главата, а другиот кај нозете, каде што беше лежело телото Исусово.
13И тие ѝ рекоа: »Жено, зошто плачеш?« Им одговори: »Го кренале Господа мој и не знам каде Го положиле.«
14Штом го рече ова, се заврти назад и Го виде Исуса како стои; но не знаеше оти е Исус.
15Исус ѝ рече: »Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?« Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: »Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам.«
16Исус ѝ рече: »Марија!« Таа се заврти и Му рече: »Равуни« – што значи »Учителе!«
17Ѝ рече Исус: »Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при Мојот Отец; туку отиди при браќата Мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и вашиот Отец, при Својот Бог и при вашиот Бог.«
18Дојде Марија Магдалина и им кажа на учениците, дека Го видела Господа и дека тоа ѝ рекол.
19А вечерта во истиот ден, првиот ден од седмицата, кога вратата, каде што беа учениците Негови собрани, беше затворена поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: »Мир вам!«
20И ова како го рече, им ги покажа рацете и нозете и ребрата Свои. Се зарадуваа тогаш учениците, штом Го видоа Господа.
21А Исус пак им рече: »Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам.«
22И кога им го кажа ова, дувна и им рече: »Примете Дух Свети!
23На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат.«
24А Тома, еден од дванаесетте, наречен Близнак, не беше со нив, кога дојде Исус.
25Другите ученици му рекоа: »Го видовме Господа.« А тој им рече: »Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам.«
26А по осум дена учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана помеѓу нив и рече: »Мир вам!«
27Потоа му рече на Тома: »Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, но верлив!«
28Одговори Тома и му рече: »Господ мој и Бог мој!«
29Исус му рече: »Тома, ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале!«
30И многу други чудеса изврши Исус пред учениците Свои, што не се запишани во оваа книга.
31А овие се запишани, за да поверувате дека Исус е Христос, Син Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име.
Currently Selected:
Јован 20: MK1990
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016